• Леонид Велковски

Живее ли фашизмот?

Некој би рекол дека е навредливо да се каже за некоја власт дека е фашистичка или дека некој е фашист, но зборот фашизам веќе и многу поодамна има едно пошироко значење, односно не се однесува само на фашистичката идеологија, туку се однесува на сè и секој кој покажува примеси на фашизам.


Во суштина некако повеќе би се осврнал на денешната ситуација во светот и иднината, односно односот на големите корпорации и технолошки гиганти кои ги контролираат социјалните мрежи и другите медиуми и тие самите на некој начин вршат контрола врз говорот на луѓето и нивното право на говор, па така правото на говор и неговиот третман стануваат покомплицирани, бидејќи на социјалните мрежи сè повеќе се обрнува внимание на политичката коректност, се забрануваат на пример ,,лажни вести”, се бришат ,,теории на заговор”... другите медиуми секогаш се наклонети или можеби финансирани кон одредена политичка опција или идеологија, но поголемиот проблем сметам дека се појавува кај социјалните мрежи.


Тука има и друга дилема, на кој начин и како би било исправно, односно етички да се комуницира на социјалните мрежи и како и до која мера ние би можеле да си го искажуваме своето мислење. Со тоа секако се занимава и држвата која може да казни некој ако малтретира или навредува некој друг на социјалнте мрежи, но сè поприметно е дека технолошките компании сакаат да поставуваат свои граници и правила на комуникација, па станува сомнително и дека можеби некои потези превземени од страна на компаниите, со блокирање и бришење на постови и коментари, можеби се политички мотивирани.


Ако денеска ги имаме овие технолошки компании, кој имаат моќ да забрануваат пишана мисла, што можеби веќе станува и поекстремно, односно по ,,строго”, што тогаш би било во иднина, кога технологијата сè повеќе ќе се развива и компаниите или државата која сигурно би имала поголема моќ од компаниите, би можела уште повеќе да нè контролира, преку некакви ,,чипови” или вградени компјутери во нашето тело кои би биле поврзани со мозокот, па така државата или некоја власт, во некаква форма, би можела да има премногу информации за нас и да го насочува психолошки нашето однесување и нашите одлуки да бидат иницирани несвесно или полусвесно од мала и влијателна група на луѓе или вештачка интелегенција. Можеби и секојдневниот живот на луѓето повеќе би бил концетриран на социјалните мрежи, што и денеска е тоа случај и затоа е важно да се утврдат границите во комуникација на истите. Факт е дека и денес социјалните мрежи и интернетот можат да насочат толпа на луѓе кон одредено нешто или лесно да се манипулира јавноста преку истите и да се создаваат групи на луѓе со исто мислење, исто и да се групираат и многу лесно да комуницираат меѓу себе, а одредени поистакнати индивидуалци да можат да го оформуваат мислењето на групата и да го контолираат нивното однесување во реалниот свет.


Така иднината гледана од сегашна точка, некако изгледа дистописка, од причина што на пример со технологијата и напредокот на науката може многу лесно да се контролира населението и власта да станува по авторитативна или тоталитарна. Односно може да се појави некоја индивидуа или група, која би можела свесно и намерно да ги злоупотреби тие ,,придобивки” на технологијата и да воспостави некој режим кој нели секако не би бил демократски или би бил привидно демократски. Тоа некој го нарекуваат технофеудализам или технократија, но секогаш го вклучуваат и капитализмот како финеса на тие засега фиктивни идеологии и уредувања.


Не мора да гледаме многу далеку во иднината за да некако си одговориме на некои прашања, туку можеме да погледнеме и сега, а и во минатото и да забележиме дека фашизмот некако се појавува во сè она што е ограничувачко, онаму каде што нема проток на мисла, онаму каде што нема плурализам, туку строго едноумие, манипулативност на јавноста, искористување на националните чувства и немирот кон класните разлики и економската состојба. Митото, корупцијата, шефовското однесување на власта, се некои од знаците на фашизоидно однесување.


Сепак мислам и дека самото општество треба да има конкретни проблеми, кои некој би можел да ги искористи во негова полза, односно мора да има терен и простор каде што би можело фашистичкото однесување да изрти. На идеолошки план, денеска за жал сè уште постојат групи и партии кои се водат по фашистичката или нацистичката идеологија, но сепак фашизмот како збор би требало да го рзабереме во поширока смисла и да бидеме свесни дека фашизмот е секогаш пропратен со авторитативност и наметнување на мислење, а не проток и слобода на мисла.


Па, живее ли фашизмот? Мислам дека живее, тука е меѓу нас и она што треба да не загрижува е тоа што некој може лесно да го искористи во своја полза, односно може да се забележат примеси и кај денешните демократски држави кои знаат да издејствуваат ,,пофашистички”. Така и иднината веројатно ќе стане пототалитарна, а ние треба да внимаваме до кој степен би требала да оди политичката коректност и истата да не се злоупотребува.

164 views

Recent Posts

See All