За кого ли бие камбаната?
Онаму во лулката на бледата неродена зора,
онаму крај поттикот на моите грешни благодетни збора,
онаму зад запустената заробена гора,
онаму низ спокојот и мирот на благословените црковни слова.
За кого ли бие камбаната?
Некаде онаму низ семоќноста на разлеаното мастило,
некаде онаму низ мирисот на запаленото свето кандило,
некаде онаму низ предавството што во грбот ми се беше зарило,
некаде онаму низ тивкиот плач на срцево што во црно ми се беше завило.
За кого ли бие камбаната?
Токму овде на мојата свечена трпеза од наслови и стихови,
токму овде на мегдан со мисла водилка и строфите ненапишани,
токму овде на пролет со расцутените реченици и редовите избришани,
токму овде на нозе со отворена душа,
чисто срце и десните прсти кон листот натиснати.
За кого ли бие камбаната?
Низ дијалогот на огрешениот калуѓер и благословениот грешник,
низ необјаснивата метафора на моите чудни неразбирливи песни,
низ мугрите на рајските мирољубиа и квечерините на издемонизираните клетви,
низ монологот на моите чувства и емоции во меѓусебните полноќни средби.
За кого ли бие камбаната?
На исток онаму десно каде што стихот завршува,
На запад онаму лево каде што нов под него започнува,
На север онаму најгоре каде што насловот е јасно болдиран,
На југ онаму најдолу каде што јас на листот сум потпишан.
За кого ли бие камбаната?
Во меѓувреме кога јас заспивам додека јавето сонува,
во меѓувреме кога смртниот гавран го запленува маслиновото гранче додека надвор слободата робува,
во меѓувреме кога можностите исчезнуваат и згаснуваат додека невозможното пробува,
во меѓувреме кога творечкото битие се покорува додека јас пишувам и кога страниците внимателно слушаат додека јас зборувам.
А камбаната бие тогаш кога зазорува уметноста моја, но не за да го пречека утрото бело,
туку да биде присутна во тивката молитва на мислата моја и потоа гласно да го најави моето ново дело.
Матеј Спасовски е автор на песната на „За кого ли бие камбаната?“ и во моментов учи во СМУГС " Д-р Панче Караѓозов" како ученик во втора година.
„Во 2017та година ја напишав и издадов својата прва книга,збирка раскази насловена "Приказни зад аголот" која дефинитивно го одреди мојот понатамошен пат и стремеж да го негувам и постојано развивам својот талент и својата уметност. Од метафорична гледна точка, јас сум само уште некој од многуте кој одржувајќи се на работ од секое ново поглавје на статичното постоење, го ограбува секој неизминат миг од еден безвременски простор и именувајќи се себе си како еден заборавен и отсутен патник низ незбиднатите пророштва на пишаниот збор,сепак на крајот од денот јас сум само момчето со писателска дарба.“ вели Матеј.
Comments