Живеам во Скопје веќе 18 години. Тоа цел мој живот! Некогаш ми е убаво, некогаш ми смрди, некогаш не го поднесувам, а некогаш многу ме радува. Сепак, Скопје си е мое. А, најмое е кога сум на некој настан. Тогаш се заблагодарувам на Универзумот и на Господ и на сите сили таму некаде што сум баш тука.
За разлика од сестра ми, јас немам којзнае колку сеќавања од моите најрани години. Меѓутоа, една од најважните работи кои ги памтам е токму фактот дека постојано сум била некаде, на нешто, дека иако можеби не сум разбирала што гледам или слушам, сум ја имала среќата моите да ме носат по настани и уште од мала ме запознаваат со културно-уметничкиот живот на град Скопје. Тоа значело редовно одење на претстави во Театар за деца и младинци, каде што патем речено често правев роденден и да беше прифатливо и сега да се слави таму, пак ќе славев. Значело и изложби во библиотека Другарче, но и „повозрасни“ настани како фестивали, промоции, концерти на Вања Лазарова, свирки на овој или на оној бенд, опера, балет, филхармонија... Па така, со тоа започнува и мојата кариера на шарање по скопските настани.
Во мојот живот имаше еден прилично смотан период од шесто до деветто одделение кога културата и уметноста во Скопје не ми значеа нешто особено. Сепак, може да ми биде простено зашто сум била апла пубертетлија и паметот ми бил секаде, само на настани дефинитивно не (освен ако родендени во Вулкан не се важат како настан).
После цели четири години, во прва година средно, работите се променија на повеќе животни полиња, меѓутоа како симбол на тоа (покрај првиот пат кога почнав да носам црвен кармин) е токму враќањето на мојата заинтересираност за домашната уметничка сцена. Повторно почнав да посетувам настани, но разликата беше што сега тоа го правев по сопствена волја и по сопствен избор. Не велам дека не сум си поминувала убаво на концерти на Џибони со мајка ми, напротив, но сега ја имав слободата да одам сама и да ја видам (скопската) публика на еден поинаков начин.
Слободно можам да кажам дека кога започнав да посетувам настани, започнав да гледам на градот, луѓето, па дури и на самата себеси на еден многу повесел начин. Одеднаш посветував многу поголемо внимание на убавите работи од живеењето тука и целата слика ми се обои шарено. Сфатив дека Скопје е особено весел и жив град, со енергични луѓе и атмосфера која не може да не те радува. Многу од луѓето кои денес ми се најблиски ги имам запознаено на настан. Затоа и од моментот кога почнав, не престанав да одам.
Со оглед на тоа што културните настани станаа особено важен дел од мојот живот, кога за првпат се појави корона вирусот, првите рестрикции и карантинот, една од работите кои ми дојдоа особено тешки беше токму откажувањето на сите настани кои сум ги чекала со нетрпение. Всушност, моето последно сериозно излегување пред прогласувањето на пандемијата беше свирка во МКЦ.
Периодот од март до јули беше особено комплициран од повеќе причини кои не се поврзани со отсуството на случувања за какви што зборувам, но можеби некако симболично, по долгиот и мачен период, конечно живнав при крајот на јули, што е всушност и времето кога отидов на настан првпат по четири месеци.
Првиот јавен собир на кој присуствував по долго време беше филм на отворено во Кинотека. Она што веднаш ме погоди беше неприродноста на ситуацијата. Чудно е да ти мерат температура на влез, чудно е да носиш маска на отворено, чудно е да не можеш да се израдуваш и да ги гушнеш истите оние луѓе кои последен пат си ги видел на свирка во март. Но, неопходно е. Она што ме тераше напред беше фактот дека тоа е единствениот начин на кој настаните кои ме вратија во живот можат да продолжат.
Па така, август и септември ми беа најубавите месеци од почетокот на кризата па сѐ до денес и многу фактори влијаеа на тоа, но културните случувања дефинитивно играа голема улога. На неколку наврати, се чувствував дури и целосно нормално и си поминав исто толку добро колку што би си поминала и пред сево ова, иако околностите беа поинакви: диџеј сетовите на Прво Па Женско, Синедејс, Skopje Calling, Здраво Млади...
Првиот и последен настан на затворено од почетокот на Ковид-19 ми беше концертот на Архангел (11.10). Си поминав одлично, но во такви околности, занемарување на ненормалноста на ситуацијата беше невозможно, што е и логично со оглед на тоа што шансите за пренесување на вирусот се во огромна мера поголеми на затворен простор, па така и мерките треба да се построги. Но, она што веднаш ми беше јасно по овој концерт беше фактот дека како доаѓаат ладните месеци, така заминуваат настаните.
Тоа и се случи. Бројот на заразени се зголеми, а бројот на случувања се намали. Не дека некогаш се вративме во нормала, но преземавме чекор напред. Во последниов месец, се вративме десет чекори наназад. И тоа е тоа.
Да тврдам било што со сигурност не можам. Но, она што можам да си го кажам самата на себеси е дека градов уште не се промени и луѓето се тие. Ќе дојдат топли месеци и убаво време и нови настани пак.
А, до сите симпатии и познаници кои ги гледам единствено на по некој настан, е, за вас ќе издржам.
Bình luận