top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Збор-два за инспирацијата, темнината и сезонската депресија

Колку е досадно да се зборува за времето и за ладното и за стемнувањето и за воздухот и за празнината!!! Знам дека е и не сакам да зборувам и не сакам да се фокусирам на тоа и гледам позитивно и ја барам убавината во малите нешта во есенско-зимските месеци, но не можам и не можам да издржам, а да не ја искоментирам состојбата која упорно се појавува овој период од годината, секоја можна година.

Кога се навраќам на сите мои претходни колумни, гледам дека може да се заклучи дека генерално пишувам на социјални теми и критикувам општествени појави и проблеми. Можеби зашто во моменти кога сум лута и исполнета со гнев и страст за нешто, се чувствувам најинспирирано и најживо. А, еве, последниве денови знам дека ми следува колумна и дека морам да пишувам за тема што ќе биде доволно интересна за читателите и доволно релевантна на моментот, но и доволно интригатна за мене и да пишувам заради љубов и внатрешен порив, а не заради одреден рок, со цел напишаното да биде вредно за читање. Упс, сфаќам дека се соочувам со нешто со кое одамна се немам соочено: немам инспирација. Никогаш не сум ги напишала или кажала на глас тие страшни две зборчиња: немам инспирација. Ми звучи страшно и срамотно и нешто што не сакам да ми се случи и не смее да ми се случи мене! Морам да бидам совршена и вечно полна со живот и полна со инспирација и морам да имам идеи и морам да имам што да кажам и морам да сум активна и морам да пишувам и пишувам и пишувам! Да се соочував само јас со ова и да беше мој личен проблем и фрустрација, можеби колумна ќе беше погрешна форма. Можеби ќе беше лично писмо или подкаст или блог или стори на Инстаграм. Може ќе беше полесно ако беше само мое. Ако беше првпат.

Пред да кажам било што понатаму, морам да напоменам дека сезонска депресија е вистинска дијагноза и афективно нарушување и дека не секое нерасположние како реакција на зимата е навистина сезонска депресија, но ќе го земам како еден универзален термин за појавата за која зборувам. Имено, при безброј разговори со сите блиски и далечни луѓе во животов во последниве неколку недели неибежно е да се спомне тоа колку рано се стемнува. Постојаното повторување на тоа колку е тажно и лошо и депресивно што се стемнува во 3:30 може лесно да се нарече бош муабет за избегнување на непријатна тишина со тоа што ќе се каже нешто за времето, но јас сметам дека е многу повеќе од тоа. Зимското сметање на времето е тема која ќе ве извлече од незгодни ситуации бидејќи е универзална појава, па оттука и универзален проблем. Не само затоа што е грдо и неприродно денот да завршува уште пред да го осетиме, туку зашто како реакција на токму тоа се појавува страшната и срамна ситуација на немање инспирација.

Она што ме буни најмногу кога станува збор за оваа тема е тоа што не знам дали можам да најдам општествено-социјална перспектива на оваа појава, а не само природна. Природниот дел е јасен. Никој не сака темница и ладно и сите сакаме сонце и летни фустани и ленени кошули и кратки ноќи и летна слобода и бои и цвеќиња. Никому не му е убаво да се враќа дома од часови или предавања или работа со физичко чувство дека веќе нема што да се прави освен да се спие, а во суштина до легнување преостануваат уште 6-7 часа во кои исто така треба да се завршат обврски. Па оттука и се појавува таа друга перспектива – дали сезонската депресија е можеби зачестена реакција на модерното живеење? Дали модерната обврска да бидеме продуктивни дури и во темнина ја интензивира нелагодноста и нерасположението кои произлегуваат од есенско-зимското сивило? Можеби. А, можеби и не мора да го обвинувам општествениот поредок секаде. Можеби едноставно сакаме да ни е светло и топло и нема ништо подлабоко во тоа.

Не сум научник и не знам како да се справиме со ова. Веројатно ни научниците не знаат, во споротивно досега ќе знаевме како да се радуваме и во ноември. Знам дека сега ми е полесно да кажам дека во овие месеци немам инспирација и дека не е страшно тоа да го признаам. Сепак, знам и дека нема да дозволам нешто толку неибежно како време да го диктира секој можен аспект од животот. Знам дека ќе станувам порано и дека ќе излегувам надвор од 11 до 15 и дека ќе јадам сезонски овошја и зеленчуци и калинки и тиква и дека има нешто убаво во носење на капут и шал и дека веќе ќе почнам да купувам божиќни поклони и дека ќе продолжам да читам и да слушам музика која ме возбудува и да гледам филмови и видеа кои ме инспирираат и дека можеби некогаш ќе си купам и непотребно скапо pumpkin spice latte и еве, веќе имам свеќа со мирис на јаболко и цимет, како што личи во ноември. Ќе се научиме да не чекаме подобри времиња, туку да уживаме во сегашните. Ама ќе ја дочекаме и вечната инспирација на поетите, пролетта. Ене ја каде е.

Comments


bottom of page