Од многуте реченици што сум ги прочитала како малечка и сум ги запомнила засекогаш, ќе ја издвојам „support your local artists“ како една од најбитните и како главно правило, според кое го живеам своето секојдневие. Иако не сум уметник, имам огромна љубов кон уметноста и сите кои се дел од неа - почнувајќи од уметниците, па сè до музите и инспирациите. Воодушевувајќи ѝ се на уметноста, таа го обликува мојот живот и секогаш му дава смисла или значење, па така со сигурност можам да кажам дека животот ми е прекрасен баш поради уметноста, особено локалната – нашата!
Кога пред скоро време, вирусот почна да му се заканува на целиот свет, многумина го пронајдоа својот спас со уметноста. Сите луѓе што ги знам почнаа да го пронаоѓаат „уметничкото“ во себе, па почнаа да свират, пеат, дизајнираат, пишуваат, цртаат, бојат или со други зборови, почнаа да создаваат свои (мали) ремек-дела. Но, земајќи ги предвид сите превентивни мерки и протоколи од изминатиов тежок период, нашите локални уметници се тие кои беа (и најверојатно сè уште се) премногу погодени од целата ситуација. Дури и сега, кога ретко знаеме кога повторно се дозволени или забранети сите собиранки, битно е да им кажеме на локалците дека не се сами и никогаш нема да бидат. Без поддршка, ретко кој би можел да продолжи понатаму!
Поддршката на локалните уметници е нешто што ќе ја одржи во живот уметноста во целиот град (или земја). Прашањето што се поставува е како ние би можеле да ги поддржиме уметниците и да бидеме нивниот ветер в грб...но среќната вест е дека, денес, тоа е полесно од кога било! Следете ги и споделувајте ги нивните дела! Напишете им убава порака! Препорачајте ја уметноста на други пријатели или познаници! Понекогаш и само еден убав збор или споделување, може да значи многу повеќе отколку што можеме и да си замислиме. Купувајте ги производите или користете ги услугите што ги нудат – ви ветувам дека нема да ве разочараат! Доколку сте во можност, посетете ги локалните настани, промоции, свирки, концерти или базари! Настаните што се посетувани, ќе продолжат и во иднина да се одржуваат, па, зошто, поддржувајќи ги, да не бидеме уште една причина за нивното среќно опстојување?!
Благодарение на социјалните мрежи, денес можеме меѓусебе да се поврземе многу брзо и едноставно. Всушност, само еден „клик“ нè дели од големото соединување. На пример, пресреќна и благодарна сум ѝ и на платформата за која лично пишувам – имајќи ја истата цел, ја промовира локалната уметност надвор од сите формалности и институции и служи како виртуелно место, каде младите уметнички души имаат шанса да добијат поголема читаност, виденост и чуеност. Има и други здруженија кои ја споделуваат и поддржуваат уметноста на младите во земјава, па така, благодарност до сите иницијативи и организации кои се имаат освестено колку е битно уметничкото изразување и творење, особено кога станува збор за млади од нашата малечка заедница.
Младите локални уметници се секогаш гордост и никогаш разочарување. Филмаџиите, музичарите, глумците, поетите, дизајнерите, сликарите, режисерите, фотографите, (tattoo) артистите, сопствениците на мали бизнисчиња што изработуваат облека, наќит или tote bags и безброј други примери, имаат една заедничка и „клучна“ карактеристика – тие се креативците во нашата заедница што постојано влијаат позитивно на сите промени што се случуваат и се светлост, која зрачи и надеж дека уметноста во нашиот крај никогаш не може да згасне. Мојата порака до сите читатели е дека без разлика дали ги поддржувате уметниците во живо или само виртуелно, не заборавајте да го правите тоа почесто и погласно!
Од локалните артисти секогаш имаме што да добиеме и немаме ништо што би можеле да загубиме. Да ги поддржуваме постојано, да ги мислиме, цениме и сакаме во секое (не)време!
Kommentare