Знам дека се изначитавте ставови, мислења и колумни за кривичното дело наречено „Јавна соба“, но не можев да останам покуса. Немам да кажам нешто што досега не е кажано, па ќе биде кратка колумна, ветувам.
Една од главните работи што нѐ учат во градинка, покрај тоа дека не треба да земаме нешто што не е наше, дека 2+2 е 4, дека не треба да ставаме во уста сѐ што ни е пред очи, е и особено важната животна лекција дека треба да почитуваме сечие мислење. Еве ме сега мене, многу години после градинка и велам едно големо „НЕ“ на една од првите лекции што се учат во живот.
Секако, моето „НЕ“ не важи за ситуации кога туѓото мислење е сок од јаболко наместо сок од портокал, Париз наместо Берлин, полигамија наместо моногамија, семеен живот наместо кариера. Во суштина, поентата на „Почитувај го туѓото мислење“ е намената за ситуации како претходноспоменатите. Поентата на она што нѐ учат во градинка е дека не сме сите исти, дека овие разлики се она што нѐ прави толку интересни и разновидни и дека токму поради тоа треба да се почитуваме меѓусебно, дури и кога се јавува разидување на интереси, допаѓања и ставови. Тоа е супер лекција која е важно да ја знаеме од мали нозе. Меѓутоа, што со тоа во ерата на интернет и ерата кога платформа за изразување имаат сите?
Убаво е што во време како ова, секој има простор да каже сопствено мислење, нели? Примамливо како идеја е тоа што можеме да слушнеме и прочитаме различни страни од приказните, што можеме да слушнеме по некое „ама“ и да видиме по нешто што не сме очекувале. Сепак, покрај оваа позитивна призма на гледање на работите е едно целосно друго прашање кое се појавува при разработување на оваа тематика: дали доаѓа момент кога туѓото мислење не е вредно? Одговорот е брутален, но искрен: доаѓа.
Кога станува збор за теми како „Јавна соба“, искористување или приватност нема друга страна на приказната, нема „ама“, нема „почитувај мое мислење“. Во ситуации како оваа од претходната недела (или всушност, од претходната година. „Јавна соба“ постои година дена!), факт е дека да, има погрешно мислење. Не затоа што јас или вашите омилени прогресивни феминистки сакаат да ловат вештерки, туку затоа што човековите права не се тема за дисктурање. Зарем не е срамота и ден денес на дебата да има тема за абортус, па оние кои дебатираат да треба да заземат страна „ЗА“ или „ПРОТИВ“?! Мислев дека сме го надминале времето кога сѐ уште се расправаме за нешта кои треба да бидат толку основни, толку нормални, толку да се подразбираат, ама за среќа ситуацијава ме разбуди од мојот утописки сон.
Кога зборуваме за прашања како овие, секое друго гледиште е штетно, не затоа што се коси со моето, туку затоа што се коси со човековата слобода и сигурност, дури и на самите тие кои така размислуваат. Не прифаќам нехумани туѓи мислења. Дали тоа ме прави прерадикална?
Се гледаме на протест!
Comments