Искрен да сум од самиот почеток. Јас мразам коли!
Не сакам да живеам во град којшто го става автомобилот пред луѓето. Апсурдно е колкав дел од просторот градските власти го одделуваат за автомобилите. И за што?! За сите да сме нервозни кога треба да чекаме пет минути на раскрсница за да помине црвеното светло?! Да ни биде страв да поминеме една улица и да не сме прегазени од некој пијан или дрзок возач?! Секој ден да го дишеме загадениот воздух што им излегува од ауспухот на овие окупатори?! Не дај Боже,да сме велосипедисти или пешаци во град ка што доминираат колите! Тоа е нивната територија. Ја имаат обележано со маслото што им тече насекаде. Многу мразам коли!
И како да се реши овој проблем? Па, најголем дел од владите и општините во самонаречениот „развиен свет” го решаваат проблемот со градење на нови автопати и нови улици за да се засити побарувачката на граѓаните *гласачи*. Никој не сака да чека со часови затворен во еден квадратен метар со загаден воздух. Оди на нерви, па логично е да се направаат повеќе патишта за да се стигне до дестинацијата. Но, во тоа е и проблемот. Со градењето на сѐ повеќе патишта се прави сѐ поголема иницијатива да се користат автомобилите. Нема алтернативи! Студиите во врска со ова покажуваат дека во секој град каде што се прават нови улици се влошува сообраќајот.
Но, има исклучоци на ова златно правило. Најпрво ќе разговарам за Токио.
Токио, со сите негови населби, има популација од 38 милиони жители. Замислете каков е животот и превозот во Токио со толку многу луѓе? Ужас, нели? Е па, не е така затоа што Токио е паметен, напреден град и масовно ја користи инфраструктурата за јавен превоз којашто е вградена во идејниот план на градот. Никаква друга опција не би била возможна освен да има добар јавен транспорт, со вклучени автобуси, метра и возови. Над 90% од сите жители на Токио се движат со помош на горенаведените патни артерии. Граѓаните се среќни, затоа што овие услови се добри за околината, нема застој и чекање, точни се, евтини и ефикасни. Сѐ што ти душа сака е исполнето. И, ако е толку лесно решението за превозот, зошто тоа не е насекаде прифатено? Причината е лошата имплементација од страна на властите. А се знае влијанието на големите компании врз нивните одлуки.
Чист пример за лошо имплементиран јавен превоз е Америка, земјата на слободата! Нема ништо послободарско од самиот (потенцирам на „самиот“ затоа што просечно во еден автомобил се возат по 1,5 лица) да се возиш со твојот автомобил каде сакаш без да ги слушаш и мирисаш другите „некапени “ луѓе што се со тебе, така? Вие сте газда и не зависите од никого. Е па колку убаво звучи ова, но ова не е изводливо во свет на растечка популација. Немаме доволно простор, ни ресурси, ни причини зошто да го задржуваме овој токсичен начин на живот. Тие скоро и да немаат возови и автобуси, а неизбежно зло е автомобилот. Единствена алтернатива е велосипедот, но тоа не помага многу во град којшто е наменет за друго.
Брзината што можат да ја достигнат електрифицираните возови е голема, дури незамислива! Ако еден автомобил може да достигне брзина од 150 км на час, еден воз што пренесува по 200, 300, 400 патници во едно возење може да се движи со 200 до 500 км на час. Замислете возот од Битола до Скопје да ве фати половина час! Незамисливо е дури во споредба со сегашната состојба. Моментално фаќа 4, па дури некогаш и 5 часа со воз да поминете дистанца од 170 км, што е хорор (изразувам сочувство до сите студенти). Исто така, нема директна линија и мора да се прекачите во Велес (а тоа е уште еден дополнителен час) и да се возите со воз што е донесен од Германците во 45та... Мизерна земја! Ве замолувам да ги поправите шините! Во минатото силата на една нација се мерела по километрите изградена железничка пруга. А сега по бројот на автомобили по домаќинство, некогаш и по човек.
За движење во градовите убаво е да се користи трамвај затоа што е електрифициран и не ја загадува околината (подобро е трамвај отколку тролејбус). Постои уште една алтернатива која што ја одбегнувам, а тоа се велосипедите, затоа што ако почнам да зборувам за нив нема да застанам. Живееме во држава каде што се зборува за инвестирање во зелени сектори, а се пишуваат казни од 50 € за возење скирол или велосипед. Немаме никаква вело-инфраструктура и секој месец се случува по некоја сообраќајна несреќа каде што, за жал, многу луѓе ги губат животите. Затоа што нема патеки... никаде.
Барселона е град којшто има направено интересен експеримент. Има одредени зони каде што е скоро целосно забрането движење на автомобилите и редовно поминуваат автобуси на нивните периферии. Поранешните улици наменети за автомобилите се пренаменети во паркови и шеталишта. Во тие делови се заприметува голем раст на економијата и стандардот на живеење. Сѐ повеќе европски градови го имплементираат овој концепт и нивните жители се благодарни на реформите. Холандија е една од најсреќните држави во светот и целосно се движи со помош на велосипеди. Во Германија има скутери кои што се предаваат низ градот преку платена апликација. Постојат многу алтернативи, ама не! Колата е врвот!
Мора да се искорени културата на автомобилот од нашето општество. Не само заради кревање на животниот стандард, туку и заради климатските промени. Да, постојат електрични автомобили ама ништо не заменува еден автобус. Математиката е проста. Автомобилот ги симболизира сите лоши работи во сегашното општество. Лошите меѓучовечки односи изразени преку нервозата и агресијата во сообраќајот. Застојот до работното место, кое што го мразиме. Брзиот начин на живот којшто не нѐ остава да размислуваме и да уживаме во моментот. Токсичните средини во кои што живееме. И фактот дека сме ништожни во системот и отуѓени меѓу себе. Реформи, ве молам!
П.С. Имам возачка дозвола.
Comments