top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Избор песни од интернационалните гости на 4. Скопски поетски фестивал

Вечерва, на програмата на 4. Скопски поетски фестивал со почеток во 18:30 во киното „Фросина“ во МКЦ започнуваат проекциите на поетските филмови од Одвеиг Кливе (Норвешка) и Џејмс О'Лери (Ирска). Потоа, од 20 часот, на истото место започнува Интернационалното поетско читање на кое ќе настапат Одвеиг Кливе (Норвешка), Марко Погачар (Хрватска), Танос Гогос (Грција), Вероника Динтињана (Словенија), Џејмс О'Лери (Ирска), Данило Лучиќ (Србија) и Катица Ќулавкова.


Во продолжение прочитајте дел од песните од учесниците:


ТИ СЕ ТРЕСЕ ЛИ РАКАТА, ВЛАДИМИР од Одвеиг Кливе


Ти се тресе ли раката

денес, Владимир,

додека го креваш филџанот

кон устата,

кога ќе ти кажат дека

илјадници и илјадници загинаа

на твоја команда

на деветнаесеттиот ден од војната.

Ти се тресе ли раката

кога ќе ти кажат

дека деведесет деца се убиени,

и стотици се повредени

од куршуми и бомби.

Ти се тресе ли раката

кога велат дека илјадници

од твоите се мртви –

овие млади војници,

и самите речиси деца.

Ти се тресе ли раката

кога ќе слушнеш

дека болниците се бомбардирани,

дека стари мажи и жени

се убиени

додека бегале,

дека некои од нив искрвавиле до смрт

додека си го пиеш

утринското кафе.

Ти се тресе ли раката,

Владимир Владимирович,

додека го креваш филџанот;

додека бегаш

од човештвото.


Препев од англиски: Јулијана Величковска



СОБИРАЧ НА НЕДЕЛИ од Марко Погачар


Бескрајната недела ја носев на срцето,

како скриена мана.

со секое отчукување времето дозреваше во песна:

есента се кутреше во секој агол, ги пикаше рацете во џебовите,

костените во фишеци од стар печат. победуваше измамата на лисјето.

костените, сè уште жешки, му итаа во пресрет на гладното грло,

весниците ја исчекуваа силата посилна од ветрот, посилна од огнот.

ја чекаа раката што ќе ги подигне, како сиот копнеж на светот

да се собрал во само три од сите силни во стари весници врзани нешта:

весникот да се стутка и да се напика во чевлите додека нема нога,

весниците да се превиткаат во капи и да му се пратат на непознат бојаџија.

едната од капите, по можност најголемата, да се пренамени потем во брод

што некое нестварно дете по поток ќе го пушти во земјата

каде што бог не е бескраен туку нем. и нема ништо.

нема ништо освен недели.


Препев од хрватски: Ѓоко Здравески



САКРАМЕНТ ЗА БОЛНИТЕ од Џејмс О'Лери


Мајка ми пали свеќи за здравје, по дузина одеднаш,

во болничката капела. Кога списокот за молитви е полн,

го запишува името на татко ми над првиот ред.

Пред операција, хор од медицински сестри пее.


Во болничката капела, кога списокот за молитви е полн,

нејзиниот ритуал е да го стави него на врвот на списокот.

Пред операција, хор од медицински сестри пее

среќен роденден, мајка ми оди долу да бдее.


Нејзиниот ритуал е да го стави него на врвот на списокот,

надевајќи се дека ова нема да биде последниот, неговиот последен

среќен роденден. Мајка ми оди долу да бдее,

пали чкорче по чкорче за да го привлече вниманието на Бога,


надевајќи се дека ова нема да биде последниот, неговиот последен...

го запишува името на татко ми над првиот ред –

пали чкорче по чкорче. За да го привлече вниманието на Бога,

мајка ми пали свеќи за здравје, по дузина одеднаш.

Препев од англиски: Јулијана Величковска



II од Танос Гогос


Војната запре за време на празниците


Потоа се отворија

нашите

лирски

чадори


и забите ни светкаа

и кожата во која живееме

беше

таму


каде што пченката ги надвишува нашите рамена

таму каде што морето

станува едно со земјата

таму каде што помислата за телото

значеше крај

таму каде што црквите

паѓаа разделени


Препев од грчки: Петар Андоновски



*** од Данило Лучиќ


градот сега убаво мириса

среде зима

на смрт на нешто

што одамна веќе чека да умре


северни дни се

по самракот се нижат мугри

нема ноќ

нема спокој ниту исцелување

нема заговор ниту ослободување


зашто замисли го Исус

безброј пати распнат

безброј пати воскреснат

до кога веќе


не го сфатив баш брзо

но додека славевме последениот пат

веќе не се ни сеќавам на бедната храна

само дека си го пресеков јазикот на нешто во устата

сите наши нишки се одамна прекинати

пукаат како нерви

и каде што се приближуваме до водата веќе нема бродови

туку гранки и отечени животни пловат


некогаш беше пролет

некогаш – зборувам галовно и те гледам в очи

велиш – се изморувам

ми се тресат прстите

главата ми пука


Препев од српски: Јулијана Величковска



ПОРТОКАЛОВОТО ДРВО ПРЕД КУЌАТА Е ВО ЗЕНИТОТ од Вероника Динтињана


Ја слушам отсутноста на ветрот помеѓу лисјето

и попладнето без луѓе.


Заради три нешта ги оставам ќепенците подотворени,

заради четири ја затворам вратата.


Заради месечината што усвитена цврчи кога ковачот ја потопува во кофата.

Заради утрото што пребледува кога в лице го погледнува сонцето.

Заради денот што поцрвенува во ноќта, и заради прагот

што наместо стапки ќе го избрусат цветови.


Три се креваат на небо,

четири заминаа без најмал шум.


Прегоре фитилчето во светилката,

од глава ми го снема прекинатиот ред.

Низ подотворениот прозорец се пикна студот

и крај масата се смести вечерата.


Четири нешта не можам да сфатам,

три да заборавам.


Камената опсада на брегот како дете ме научи

да ги разликувам левото и десното колено, левата и десната страна на улицата.

Болката, сеопфатна што поминуваше миг потоа.

Милото море што секоја ноќ го сонувам, ме чека пред врата.

Дење испраќа галеби и други телали по одговор.


И дрвото што талка над светот.

Не е можно да се види кој околу кого се врти.


Според должината на сенката ги одредуваме небесните насоки.

Според должината на чекорите, пак, ноќните часови.

Препев од словенечки: Лидија Димковска




Comments


bottom of page