top of page
Марија Јаќовска

Извонредноста на обичното: „Совршени денови“ на Вим Вендерс ја дефинира убавината на животот

Именувано по песната на Лу Рид, која ја слушаме на касета на почетокот на филмот, „Совршени денови“ е најновото ремек-дело на Вим Вендерс.


Ја следиме дневната рутина на Хирајама (Коџи Јакушо), чистач на јавни тоалети во Токио. Тој оди од сабајле на работа, слушајќи музика на касети кои тој внимателно ги собира и чува, главно американска рок музика. Заситени сме со извонредниот саундтрак избран од Вендерс, песни како: „Pale Blue Eyes", „Sunny Afternoon" и „Perfect Day”, го полнат денот на Хирајама, заедно со неговата голема колекција на книги во неговиот мал, скромен стан. Внимателно сочувани, заедно со неговите црно-бели аналогни фотографии. Не го слушаме да рече ниту збор во првите 50 минути од филмот, а и не дознаваме многу за неговиот живот надвор од ова секојдневие кое ни е прикажано. Делува дека ако би бил снимен неколку недели претходно или подоцна, би бил истиот филм.


Ние сме со Хирајама кога ќе се разбуди рано наутро со звукот од метење долу на улицата. Ги мие забите, си ги полева растенијата, го облекува комбинезонот и трга на работа. Си пушта касети со класичен рок во комбето. Го гледаме како ги чисти тоалетите. Во текот на неговите денови тој исто така му помага на изгубеното дете, го трпи малку досадниот муабет на младиот колега (Токио Емото) и ги фотографира врвовите на дрвјата на пауза. Го гледаме и по неговата смена: вози велосипед на самрак, се мие во јавна бања, вечера во неговото омилено место, и потоа го чита Фокнер пред спиење.

Кога има промени во неговиот ритуал тој се адаптира, а во тие мали моменти ние собираме малку повеќе информации за него. Сепак, не толку повеќе. Дури кога неговата внука Нико (Ариса Накано) неочекувано доаѓа да го посети, тогаш конечно ќе разбереме дека овој мирен, пасивен господин со мили очи намерно оставил цел живот зад себе. Не дознаваме никакви детали, бидејќи Вендерс инсистира да живееме во животот што го нашол Хирајама во сегашноста. И за минатото и за сегашноста не знаеме скоро ништо. Со најголема пофалба кажувам дека се познава дека овој филм е изработка на повозрасен режисер, најмногу поради мудроста која овој тип на прифаќање и мир бара. Оваа медитативна студија на личност ни дозволува да видиме скромен живот кој постигнува неизмерлив благодат.

Магијата кај Вим Вендерс, а и поважно, кај Коџи Јакушо како Хирајама, е што успеа на апсолутно невин и доблесен начин да ни се претстави. Тврдам дека не постои посовршен глумец за оваа улога. Без разлика од настаните кои проследиле до дејството што го гледаме, сведоци сме на човек кој е апсолутно сигурен и помирен со своите одлуки. И тој е среќен. Насмеан гледа кон небото секое утро и кон Сонцето што се влева на неговото лице низ гранките на дрвјата. Си ги сака касетите и фотографиите. Се сака себеси. А што е најважно, гледаме човек кој си има простено сам на себе.

Живееме животи каде што е очекувано од нас да се срамиме ако не сме видливо феноменални, а и да се казнуваме доживотно за нашите грешки. Нешто што сметам дека е презаситено во 21. век е што неуморно потенцираме ликови кои ни се претставуваат за да се восхитиме на нивната извонредност. Не е воопшто чудно што сме незадоволни од самите себе и од другите околу нас. Едноставно ништо не е доволно.


„Совршени денови” можам со сигурност да кажам дека, за мене, е најдобриот филм направен во 2023. Вим Вендерс успеа совршено да ја долови беспрекорната убавина на обичното, а и воедно да потенцира колку надеж и среќа имаме на располагање секаде околу нас. Кога се испраќаме со Хирајама, ние сме воодушевени од неговиот дух, завидуваме на неговиот мир. Живиот глас на Нина Симоун пее за новиот ден и за доброто чувство. Вендерс и Јакушо заедно ни даваат шанса конечно да си простиме и да се препуштиме на среќата. Можам да кажам дека едвај ја чекав таа шанса, а и сигурна сум дека важи истото за сите други.






Comments


bottom of page