top of page
Writer's pictureКултура β

Има ли простор за надеж?

Не треба, но веќе се навикнавме. Секој нов ден – нова лоша вест, нова несреќа, нова неправда. И нови изговори. Не сакав вака да ја почнам првата колумна за годинава бидејќи, нели, секоја година ја започнуваме со надеж, но во текот на првиот месец од годината повторно се наметнаа прашања во врска со хаосот, нередот и неправедноста... И искрено – во дилема сум! Да се пишува за доброто и да споделуваат само позитивни чувства или да се пишува за неправдата која секој нов ден добива нов облик, па се дискутира само кога одредена вест е популарна и потоа...се заборава. Исто како што се „заборавија“ и многу лоши вести, многу неправди, многу проблеми чие решение никогаш не успеавме да го проследиме до крај.


Вообичаено, кога пишувам, секогаш сакам да пренесам надеж дека многу нешта во животот се убави и можат да бидат уште поубави! Но, не сакам да се преправам дека сè е во ред и сè е прекрасно, розево и интересно. Бидејќи не е! На крајот од денот, секој од нас се соочува со свои хаотични мисли и свои проблеми за кои води тивки борби со себеси, светот и непредвидливоста на животот. И тие борби не се за потценување! Дилеми за иднината, несигурност во себе, неодлучност, страв од непознатото, негативни мисли и недостиг на енергија. Потешкотии да се завршат наједноставните активности во текот на денот и наметната потреба постојано да се биде продуктивен. И неправда! На секој кој се препознава во зборовиве, му посакувам сила за да продолжи напред!


Сакам годинава да не си поставуваме прашања што започнуваат со „До кога...?“ До кога ќе чекаме да дојде петок за вистински да живееме или до кога ќе го проколнуваме секој нов понеделник? До кога ќе зборуваме и пишуваме за надеж, а ќе заспиваме безнадежни? До кога ќе се случуваат несреќи, во кои виновниците не се казнуваат? До кога ќе има милион неправди во институциите, училиштата, болниците...? И до кога иднината ќе ја гледаме во странство и ќе го романтизираме животот далеку од дома? И до кога ќе бидеме само бројки во државата која ни е сè?


Сакам да живееме во праведна земја, во која ќе се почитуваат основните морални и општочовечки вредности, ќе им се помага на оние кои се во неволја и ќе се заштитат послабите и обесправените. Кога би живееле според овие начела, луѓето би биле среќни и задоволни и би имале многу повеќе надеж. До тогаш... Многу нешта треба да се променат и да станат подобри. Да, секогаш постои надеж, но во моментов надежта не е доволна! На самиот почеток од годината, кога мислиме на надеж, се прашувам: што следува? И искрено посакувам одговорот да не биде: разочарување.


Следуваат тешки периоди, не велам не, но ние сме тие кои имаат моќ и од најтешкото време да извлечат животни правила за безусловна радост и вистинска слобода. Никогаш не знаеме кога ни е последниот ден на светов и баш поради тоа, љубовта треба да ја (с)поделиме сега, бидејќи некогаш може и да е предоцна за топол збор, поддршка на саканите и втора шанса за вистинско живеење на животот. Лекциите ќе ги повторуваме сè додека (конечно) не ги научиме.



 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, поеми, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.

Comments


bottom of page