• Софија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: И ловоров и трнов венец


Автор: Васил Иљоски

Жанр: есеј/статија

Година на издавање: 1960г.


Објавена во списанието „Современост“ бр.5/60’

* Линкот до PDF верзијата од насловениот есеј можете да го пронајдете на крајот од освртот


Осврт:

На 17ти ноември оваа година по повод 70 години од првото објавување во далечната 1951 година, во просториите на домот на култура „Кочо Рацин“ се одржа јубилејната промоција на новиот број на литературното списание „Современост“.


Во чест на овој значаен јубилеј на најстарото списание од ваков вид на нашите простори, во основата на денешното излагање се положува статијата „И ловоров и трнов венец“ на бардот на македонската драма, Васил Иљоски, за прв пат објавена во петтиот број на „Современост“ во 1960та година, по повод 100- годишнината од објавувањето на Прличевата поема Сердарот.


Во своето излагање Иљоски се осврнува кон ликот и делото на Григор Прличев согледано во својата суштинска целост и го предочува пресвртот кој преродбеникот го причинува донесувајќи еден постулатен новитет во националната, литературната и јазична перцепција на борбата пред која се исправа македонскиот деветнаесетти век.


На самиот почеток од своето обраќање, Иљоски го допира проблемот на критериумска одредба на националнот идентитет на поемата Сердарот чиј оригинален запис е напишан на грчки јазик.


Авторот укажува на два релевантни критериума кои дозволуваат веродостојна одредба на идентитетот на едно дело, неодрекувајќи го значењето на јазичната компонента на истото, но притоа цврсто утврдува дека во овој случај претежнуваат поривите, духот, темата и мотивот на поемата кои непобитно се слеваат со македонскиот народен искон.


Поставувајќи го јазичното прашање како меѓник меѓу стилската возвишеност на поезијата на Прличев и личносната концепција и доследност на човекот- поет, Иљоски ги осветлува интимните свиоци на душевните превирања и страданија на оној кој примајќи го ловоровиот венец како апотеоза на поетот подобен на големиот Хомер, го чуствува заривањето на маченичкиот трн на борбата за својата самобитност и културно издигање на својот народ.


Григор Прличев се смета за следбеник на поетското пионерство во македонската субјективна уметничка лирка чии темели ги поставува Константин Миладинов, но едновремено се предочува стилската несразмерност на двајцата поети чие творештво изискува нови јазични поединости.


Прличев е поет кој во својата вонвременост го среќава страданието на творец кој не располага со утврден јазичен концепт кој ќе биде достоен за стилската возвишеност на изразот и чувствувајќи ја животната потреба да даде одзив на творечлкиот порив се осврнува кон грчкиот јазик издигнат како јазик на стиховите на големиот Хомер.


Понатаму, Иљоски се повикува на индивидуалната психолошка перцепција на поетот кој за себе е најпрво човек кој се бори за слободата и културното водигнување на својот народ, а потоа поет чија забележана дарба придоесува на возвишената цел на севкупна преродба на Македонија и одбрана на македоската самобитност пред непосредните напади од соседните народи.


Авоторот на насловениот есеј во еден момент ќе забележи дека Прличев, со својата победа над сите грчки поети, бидувајќи претставен напоредно со големиот Хомер, се искачува на поетскиот Парнас на високо стапало на тогашната грчка литература и од таа височина ѝ нанесува тежок удар на грчката мегалоидеја и интенција за асимилација на македонскиот народ.


Иљоски не го порекнува восхитот на преродбенскиот поет од хеленската култура и историја и исклучителното познавање на хеленската лингвистика, но посочува на едно интимно возмутување именувајќи го како јазичен маченик кој се наоѓа над јазот помеѓу поеткскиот порив на возвишено изразување и доследноста на своето поеткло и својот народ кој го поведува по патот на преродбата и го означува долгиот пат кон неговата конечна јазична и идентитетска афирмација.


Понатаму авторот достојно го појаснува поривот да се создаде еден општословенски јазик како изразита нужност за решавање на јазичното прашање со кое се соочува Прличев. Со тоа Григоревата утопистичка замисла да се создаде едно словенско еспeранто постанува сведоштво на неговата вонвременост и исклучителна прозорливост во суштинските прашања на инивидуалниот и општиот македонски идентитет.


Насловениот есеј претставува монументално оддание на стогодишнината од објавувањето на поемата Сердарот со кое професорот Иљоски маестрално го сублимира значењето и претставата на ликот на Григор Прличев како македонски преродбеник, литературен деец, поет, Македонец, маченик и борец, но пред сѐ човек доследен на својот идентитет.


Шест децении по неговото објавување, „И ловоров и лозов венец“ повторно се возгласува на литературната сцена, по повод обележување на уште еден значаен јубилеј на седум децении постоење на литературното списание „Современост“ кој ќе го отпоздравам со првите зборови од именуваната статија: Брзите и широкоразгранати текови на нашиот литературен развиток, на нашето ново општество во изградба, поставуваат пред нас сѐ нови и нови проблеми и барања, ги управуваат нашите интересирања, творечки преокупации и интереси кон утрешнината, која денес се раѓа и настанува, и, ако ние и покрај својата понесена устременост во иднината правиме повремени јубилејни обѕрнувања назад на датуми, настани, личности и творби од нашето минато, тоа значи дека сме имале такви историски, културни и уметнички вредности кои не можат да паднат во заборав и кои како високи и трајни вредности го продолжуваат својот живот и денес, влевајќи се во живите текови на нашата современост.


Линк до PDF верзија од насловениот есеј на Иљоски: https://drive.google.com/file/d/1hFjgtEL6Nln02RLGUg09Atkn2iiOLDZG/view?usp=sharing

Цитати:

„А во реалноста, ловоровиот венец заслужен со поемата за тој јунак, Прличев човекот наполно надвладејувајќи ја својата слабост и ослободувајќи се од секаква себичност,- го отфрла тој венец без никакво двоумење, жртвувајќи го на татковината, на народот. Тоа е извонреден случај на полно слевање на поетот и човекот, на пеењето и делувањето во една целосна и неразделна сушност, со полно пренадминување и укинување на сите внатрешни противречности и раздвоености.“


„Врската со Хомер е очигледна и несомнена и во концепцијата, и во дикцијата, и во изразните стилски средства кои се навистина хомерови и по образец на Хомеровата поетика. Но наместо оваа врска и преокупацијата на Прличев со грчката класика да се велича и преувеличува, поважно е да се согледа колку длабока е содржинската слеаност на неговата поема со народниот дух, колку нејзиниот инспиративен извор суштински се наоѓа длаобоко во народната песна и во реалноста на народниот живот, во животот на самиот поет како син на својот народ.“


„Спрема тој јазик, јазик на големиот бесмртен Хомер, но потоа, и на Големогрците, смртни непријатели на сѐ словенско, Прличев има двојствен однос и противречни чувства кои претставуваат психолошки сложен и тешко разјаснив комплекс со длабоки корени во најраното детство.“


„Тој си поставил задача да се искачи на поетскиот Парнас на високо стапало на тогашната грчка литература и од таа височина да ѝ нанесе тежок и осетен удар на големогрчката мегаломанија и мегалоидеја, идеја навредлива и опасна за неговиот народ.“


„Големогрците, по ловоровиот, го овенлаа и со трнов венец. Но, тој, како што не се соблазни од ловоровиот, така не се уплаши ни од трновиот.“


Белешка за авторот:

Васил Иљоски (1902-1995) е продолжувач на започнатата драмска и театарска традиција во Македонија и поврзувачка нитка со современата македонска драма. Тој творел цели педесет години придонесувајќи во развојот на драмското творештво.


Иљоски е роден во Крушево, една година пред Илинденското востание. По востанието, татко му отишол во Куманово да бара подобри услови за живот и работа. Десетина години подоцна целото семејство се преселило во Куманово. Таму го завршил основното училиште и гимназијата. Му помагал на татка си во неговата столарска работилница за да го продолжи неговиот занает. Но, тоа не се случило.


Се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, по ослободувањето бил директор на Првата гимназија, потоа работел во Народната библиотека и како професор по македонски јазик во Вишата педагошка школа.


Автор е на многу студии и публикации од областа на јазикот и литературата, поради што е еден од првите академици на МАНУ (Македонска академија на науки и уметности).


Попознати драми на Иљоски се: „По матурата“, „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“, „Биро за безработни“, „Чест“, „Два спрема еден“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“ и др.

113 views