top of page

Каде отиде креативноста на креативната индустрија?

Writer's picture: Калина КачоровскаКалина Качоровска

Пред некој ден, на Твитер многу се зборуваше за твит на Donald Glover (веројатно некому попознат како Childish Gambino) кој укажува на сѐ повеќе очигледната некреативност која е присутна во филмската и ТВ индустрија во последните неколку години. Иако реакциите беа многу поделени, јас не можам, а да не се согласам со него. Се присеќам на сите мои омилени филмови и сфаќам колку мал број од нив се од последниве 5-10 години. Се присеќам на сите најинтересни филмови кои сум ги гледала и бројката се намалува. Се присеќам на најчудните, најспецифичните и најуникатните филмови. Е, тука нема апсолутно ниеден од последните 10 години (па и повеќе). Што се случи, каде отиде иновативноста во творењето? Каде отиде креативноста на креативната индустрија?


Она кое мене најмногу ми го задржува вниманието при размислувње на оваа тема е епитот „лош“ филм. Иако квалитетот на еден е филм е субјективна работа, прашање до вкус и интерес, некои работи се објективни, или подобро кажано, општоприфатени. Горе-долу, јасно е кои филмови ги сметаме за „лоши“ и секогаш има некој консензус за тоа кој бил најлош филм таа година, тој месец, таа деценија. Но, она кое е интересно да се спореди се „лошите“ филмови од последнава деценија со оние од сите претходно.


Да речеме, за пример земете го The Room (2003, dir. Tommy Wiseau), филм кој е често нарекуван и најлош на сите времиња, и споредете го со било кој од филмовите кои не ги сакате во последниве 10 години. Нормално дека The Room е катастрофален според сите правила и прописи, но е креативен во неговиот ужас. Го гледате и потоа сфаќате дека иако бил за ниакде, вие сепак сте добиле нешто од тоа гледачко искуство – срам, смеа, брука, можеби и илјадници други негативни чувства, но важното е дека сте имале реакција.


Сега потсетете се на Men in Black: International (2019, dir. F. Gary Gray), филм со поразувачки 23% на Rotten Tomatoes кој веројатно никогаш не би го гледала доколку не учествував на фестивал на кој го даваа. Во овој случај, епитетот „лош“ се дава од поинакви причини отколку кај оној претходноспоменатиот. Тука, си постои обична наративна линија, нормални ликови и нормално сценарио. Но, можеби во тоа е и проблемот. Овој филм не е лош зашто е нелогичен или aпсурден, туку заради спротивното – тој е прелогичен, пренормален, прекалкулиран. За жал, така е со најголем дел од филмовите кои се прават во последниве неколку години. Излегувате од кино или го исклучувате лаптопот и сфаќате дека не сте добиле апсолутно ништо. Добро, ништо освен досада. Во суштина, во 2021, зборот „лош“ може слободно да биде заменет со „досаден“ кога станува збор за опис на филм.


Тука сакам да ги споменам и тинејџерскиот жанр на филмови, еден од најомразените, особено кај претенциозните film bros. Прерозеви, преглупави, преповршни. Вистина, такви се. Или сепак, такви беа? Нормално дека Mean Girlѕ(2004, dir. Melanie Mayron Mark Waters) не е Pulp Fiction (1994, dir. Quentin Tarantino) и никој не бара да биде, но кога мислам на тинејџерските филмови од осумдесетите, па сѐ до кај 2008 или еве, 2010, мислам на забава. Знам дека некогаш, сум ги гледала и искрено сум се забавувала. Тоа не можам да го кажам за тинејџерските филмови денес. Да, јас сум поголема, но не е само тоа причина. Тогаш, тие филмови го прифаќале она што се и оделе во крајности. Затоа се прерозеви, преглупави и преповршни. Такви и треба да бидат. Денес, филмовите наменети за деца од основно или средно не преземаат никакви ризици. Напротив, пробуваат да бидат подлабоки, посериозни, повозрасни, а поентата е да не се! Во моментот кога се оградуваат од тинејџерското, од она кое е претерано и она кое е лесно да се критикува, тие ја губат својата поента и својата креативност.


Слично на ова, во последнава деценија, 90% од најпознатите филмови се базирани на нешто – претходен филм, стрип или пак книга. Размислете колку е во моментов популарно римејк како посебен жанр, речиси сите најпознати серии и филмови од и не-толку-далечното минато добиваат нова верзија. И што? Дали филмската индустрија треба да остане само рециклирана верзија на нешто што претходно било познато? Ајде, немаме идеја, па ќе играме на сигурно со правење на нешто што знаеме дека порано било успешно. Зошто бе вака? Од страв ли?


Сметам дека причината поради која денес, еден огромен процент од она што го добиваме на големото платно е толку некреативно, толку празно, неинспиративно, толку безживотно, е токму поради страв. Страв од лоши критики, страв од политичка некоректност, страв од тоа да бидат погрешно разбрани, страв од тоа да не претераат. Како што вели Donald Glover во неговиот твит, “we’re getting boring stuff and not even experimental mistakes”. Но, токму поради тој страв, тоа досадно повторување, се доведуваме до тоа што сме денес. Илјадници и илјадници верзии од истите приказни, со сменета естетика и ништо повеќе.


Сакам повторно да се преземаат ризици. Во филмови, во серии, во книги, во игри, во храна, во одмори, во политика, во интервјуа, во образование, во култура, секаде. Сакам повторно да правиме експериментални грешки и катастрофални утки, толку катастрофални што се прекрасни. Сакам креативната индустрија пак да биде креативна, а и животов исто.

Comments


bottom of page