top of page
Writer's pictureКултура β

Како бе љубов си е љубов?!

Ударна вест: самоубиство на двајца млади поради забранета љубов. Замислете, две млади души си ги одзеле животите зашто во втората половина од 2021 година, љубовта им била забранета. И сега, нормално, насловот, како медиумска преголема грешка, е и покана за широката јавност да си го каже своето мислење. Па, ајде, народе...кажи си го своето мислење!


Без разлика која страна и да се заземе, веќе знаеме дека одредени луѓе ќе осудуваат, други пак ќе оправдуваат. Од самиот почеток, би сакала да кажам дека мојата намера не е да коментирам за трагедијата која деновиве ѝ се случи на нашата земја, туку на општеството кое сè повеќе нè „труе“, нас младите, со конзервативни ставови и омраза која се шири многу побргу од кој било вирус што би можел некогаш да владее во светот.


Љубовта е интимна тема, за неа секој човек има различна дефиниција и свое гледиште. Љубовта е субјективна и никогаш, никогаш не би можела објективно да се гледа или осудува. Велат дека помалку или повеќе, секој човек на светов има почувствувано љубов. Се надевам. Но, иако се надевам, не можам да разберам како човек кој еднаш почувствувал љубов си дал за право да се меша во туѓа љубов или љубовна приказна?


И секако, помислувам на секој момент во кој љубовта била главна тема за дискусија. Дури и на училиште, секогаш сум се прашувала како се чувстуваат децата кои седејќи во училишните клупи се изложени на такви „дебати“: која љубов е прифатлива? чија љубов е дозволена? кој смее да се бакнува слободно, кој може да прави што сака во своите четири ѕида или најлошото, кој не може да сака кого сака?


„Како бе љубов си е љубов?“ и „Сè е пропаганда“...или „Фаза е, ќе ти помине“ се главните „аргументи“ кои народот ќе ги посочи при секоја тема поврзана со љубовта. Но, загрижувачки е фактот што нашето општество сè почесто ги учи луѓето дека одредени чувства треба да се потиснуваат и во најлош случај – негираат. А, нешто што најмногу ме мачи е прашањето: како би функционирала заедница во која нема љубов и дали ако нема љубов, би постоело барем почит?! Се сомневам.


Имам забележано дека многу млади си ги потиснуваат своите чувства и ги кријат од секој и секого, но затворањето во себе не само што штети на самиот човек, туку и на сите луѓе во неговата средина. Во моментот кога некое момче или девојче ќе се затвори во себе, криејќи и потиснувајќи ги своите вистински чувства и преправајќи се во нешто што навистина не е, се оттргнува од сиот свет и неверојатните можности што постојат во него. Но, што е човекот без чувства и емоции и што е светот без љубов меѓу луѓето?!


Пропаганда или не, љубовта навистина секогаш ќе биде љубов. Сè додека секој си дава за право да одлучува, коментира, плука по туѓиот живот, одлуки или љубов, младите ќе си заминуваат. Најлошото можно сценарио е дека тие понекогаш заминуваат засекогаш, со или без карта во еден правец.


Зад овие зборови стои девојче што целиот живот ги прифаќало луѓето без никакви предрасуди. Без разлика дали станува збор за различна вера или религија од мојата, различна боја на кожа или различна култура и стил на живеење, стојам зад правилото дека пред сè човекот, треба да биде човек. И вистинскиот човек заслужува да љуби слободно и слободно да биде љубен. Па, се надевам дека моиве зборови ќе поттикнат што повеќе луѓе да се преиспитаат себеси, своите зборови и постапки и да им помогнат на оние кои се соочуваат со потешкотии во изразување на чувствата.


А, за крај, мојата порака е: чувствувајте, сакајте, поддржувајте. Не верувам дека на овој свет има нешто поубаво од љубовта. Љубовта е таа што отсекогаш ги соединувала луѓето, па така и нека остане во иднината. Меѓутоа, никогаш не заборавајте дека „никој не е слободен додека сите не се ослободат“ – да љубат кого, кога и каде сакаат. Да ја ослободиме љубовта и да ја славиме во секој миг <3 Љубов си е љубов, засекогаш.




Коментарі


bottom of page