Човекот како најсвесното животно на оваа планета, своеото постоење го заоснова на митови. Антиката е примерот и времето кога човекот целиот свој живот го ориентирал според митови. Грчката митологија е преобемна и комплексна, а на тие митови се потпирала цела една религија и цело едно општество, цивилизација.
Денес, но секако и вековите наназад, луѓето создавале митови за да можат да опстанат. Морале да се поклонуваат на сонцето, водата, дрвјата... Денес ние се поклонуваме и нашата државност и националната колективна свест се потпира на Крали Марко, Гоце Делчев, Александар Македонски... Односно, митовите, или приказните, му даваат значење на човечкиот живот. Животот како живот нема значење. Затоа што научно, материјалистички, животот е еден циклус во кој ние се раѓаме и на крајот умираме. Ние, нашиот живот исто така го гледаме како приказна, имаме почеток, младост, главен дел, зрелост и завршен дел, старост или смрт.
Христијанството постои затоа што постојат библиските приказни и секако главниот протагонист или херој, Исус Христос. Во комунизмот главните херои се Маркс, Енгелс, Сталин, Ленин, можеби и Тито. Но тие верувале во зборовите на Маркс и иако тие не биле напишани во неговите книги, тие сепак биле дел од целата комунистичка приказна со култотот кон нивната личност.
Не постојат ниту границите на државите, ниту народите, ниту нациите. Единствено нешто кое може да ме разликува визуелно од некој друг човек на оваа планета е бојата на кожата, но тоа воопшто не треба да се гледа како некоја сериозна разлика.
Но, бидејќи не постои таа разлика, што всушност постои? Постои тоа што барем ние мислиме дека постои. Постои природата, нејзините законитости ( кои можеби се само уште една наша перцепција и можеби тоа и не се вистинските закони).
Интересното е што секој човек има своја посебна реалност. Таа реалност е поткрепена со приказни. Приказните често се поткрепени со личности, места, предмети, идеологии кои ни даваат посебно значење на нашиот живот. Уметноста (филмовите, музиката, литератуарата, уметничките дела), нацијата, некоја посебна општествена група нè создава нас, односно нашето јас. Мораме како луѓе да создаваме групи во кои ние самите би припаѓале. Припадноста некаде, нè прави сигурни, нè прави нас. Што би се случило кога не би постоеле книги, идеологии, држави? На кој начин ние би се одредувале? Кој сме ние? Што сме ние?
Дури и науката, односно човекот, затоа што науката човекот ја создава, одредува како ќе биде нештото наречено и повторно наоѓа значење и цел на тоа нешто во универзумот. Секако дека природата има цел, но сепак човекот одлучил на некој начин дека едниот дел на луѓе ќе бидат мажи, а другиот дел од луѓето ќе бидат жени. Природата и самата материјaлност би требало да биде највистинската реалност која што постои. Од друга страна пак никогаш не можеме да бидеме сигурни дали и воопшто природата и материјалниот свет се ултимативната реалност и вистина за овој свет и универзум. Не можеме да знаеме како светот го перцепирале нашите предци, не можеме да знаеме како светот го перцепираат другите животни кои имаат сетила за вид и за слух. Дали тие, животните, бидејќи не можат да создаваат митови и приказни, го гледаат светот на ,,најприроден” можен начин? Одговорот може да биде и од двете страни. Да, но го гледаат само површински и не знаат на пример зошто грми или зошто врне, но сепак не му даваат значење и го гледаат на ,,најчист” можен начин. Од друга страна, не, затоа што не ги знаат подробностите и не знаат на пример за Марс, црните дупки или дека можеби има други вонземски цивилизации или суштества слични на нив.
Можеби материјалното и не е вистината, можеби духовното е вистината и постои нешто кое навистина нè контролира, енергија или Бог кој не се воопшто материјални туку доста апстрактни и не можеме да ги замислиме исто како што не можеме да ги замислиме вонземјаните, затоа што нашиот мозок не може да замисли нешто кое досега не го видел или почувствувал. Таму некаде, во некоја енергија, во некој незамислив простор или вакум постои вистината, а не нашите митови.
Од друга страна, можеби универзумот е создаден од некоја вонземска цивилизација и таа го контролира овој свет, можеби ние сме само една симулација создадена од нив или некоја видео игра која ја игра сега некој тинејџер вонземјанин.
Сите тие теории само даваат значење на нашиот живот и секако дека сме значајни затоа што барем ете живееме во некоја симулација или видео игра, па сепак имаме некаква цел.
Оваа колумна сепак беше моја цел да ја напишам, ја остварив мојата замислена цел, а сево ова што го напишав е секако приказна која е полна со теории кои можеби ниту малку не се точни. Но, сепак тоа е перцепцијата на мојот мозок.
Comments