top of page

Карикатурата на младиот скопски сонувач:Што знаел Сервантес за сонувачот како безвременски мотив?

Writer's picture: Култура βКултура β

Сѐ почесто ја забележувам онаа романтизирана верзија на концептот за сонување, кој на овој или оној начин во секојдневието, во уметноста, во поп-културата го добива значењето на нашите интимни желби или мечтаења. Или пак уште поочигледен е начинот на кој оној кој го перцепираме како да е во поблизок контакт со истите, веднаш го етикетираме – сонувач. Како изгледа овој сонувач? Како се однесува? Што застапува? Секогаш постои, дури и во ренесансата.


Ајде да заборавиме на тоа како вообичаено интерпретираме ликови низ призмата на образованието. Во случајов кога мислиме на Дон Кихот, не ни е важно со која цел бил напишан романот, дали бил исмевање на витешкиот мотив и слично. Сега да размислуваме за ликот и за неговата блискост со нас и културниот стандард кој го создаваме под именката сонувач и колкави се всушност разликите и сличностите меѓу овој, модерниот и реалниот и меѓу оној имагинарниот, ренесансниот?

Прашањата се следниве: Која е цената да се спротивставиш на сопственото време? Како знаеш каде е границата помеѓу реалноста и фантазијата, дали и на која страна одлучуваш да живееш? Дали е подобро да ја дочекаш смртта: како заспан јунак или како буден беспомошник? Најпосле: дали и кога идеалите се еднакви на лудилото?


Сите овие прашања чекаат скриени во племенитиот дух на малкумината останати од редот на благородни витези. Длабоко занесени од магијата на зборот, остануваат жртва од желбата за непознатите авантури, целосно обземени од начин на живот кој изгледа толку совршено, конечно пречекорувајќи ја границата помеѓу себе и своите соништа.


Младиот човек, сонувач и во 21 век ја има истата тенденција да се рекреира себеси, натнувајќи ги врз себе сите свои скриени копнежи, станувајќи дело на своите идеали, понекогаш дури и делумно лишен од чувството на стварност, тој е вистинско олицетворение на онаа вечна Донкихотовска волја и надеж за подвизи во име на она во што го препознава доброто и убавото.


Карактеризирани како скромни, несебични и великодушни, безвременски поборници за вистината, правдата, еднаквоста, слободата и секако – љубовта. И денес категоризирани по нивниот жар за борба, страст да се оживее некакво минато, светот да се спаси, преобрази или идеализира. Секогаш поттикнати од својата крајна добронамерност и човекољубие одбираат да ја остварат својата животна мисија, да го дадат својот удел во конечниот триумф на доброто врз злото.


Меѓутоа, соништата никогаш не ги гледаат луѓето коишто се будни. Па така и денес, природата на оние што се пронаоѓаат самите или други ги пронаоѓаат во овој опис остануваат неразбрани, често дури мета на потсмев од страна на пошироката јавност. А, сепак и таа надеж расте со заблудата (и во овој свет како и во Донкихотскиот - стадата стануваат војски, машините – маѓепсници, ветерниците – џинови...).


И сето ова под будното око се претвора во смешна престава, со трагична позадина. Залудно потрошеното време е драгоцено, а племенитата цел како целосно да се губи под новиот ден.


За жал многу од сонувачите и денес во Скопје, се гледани како слаба сенка на својот “лудачки обид’’ да се живее засекогаш заспан. До мера во која сите нивни доблести и нивниот труд исчезнуваат во целосно непостоење, тогаш кога нивните средства за борба ќе ги откажат како господари, било да се работи за мастилото, боите или инструментите (или бојното оружје на Дон Кихот). И оваа романтизација наеднаш многу лесно се претвора во будалесто (најчесто потценето), тинејџерско безумие.


Ако го следиме ренесансниот пример, сонувачот често знае да се изгуби себеси во своето поистоветување со архиетипот што самиот си го задава, за на крајот ова да го доведе до целосно разобличување на неговото битие. Останува најчесто, само комичар во сеќавањата на светот и споменик на оној кој ја изгубил луцидноста и останал колатерална штета на сопствените заблудени ум и срце. Наместо ова, нашиот просечен сонувач едноставно одлучува дека е бесполезно да се труди, во градот и културниот контекст кој истиот му го дозволува.


Постои особена убавина во залуденоста на младешкиот творечки подвиг и секој колку и да е навидум безнадежен, но толку суштински племенит и фундаментален обид да се оживее културна сцена, која веќе години наназад умира со младите, пред младите и за младите. Затоа нареден пат кога се прашувате каде да одите навечер со друштвото, излезете од карактеризацијата на еднолична иронија (која можеби му прилега на Сервантес) и купете го билетот од 50 ден. за свирка на новиот средношкослки бенд, наминете малку на некоја тајна изложба или испијте го истиот пијалак слушајќи врсничка поезија. Сонувачот не е само теоретски концепт, туку е мошне вистинит, а можеби и поинтересен и подлабок од обична карикатура.




Comentarios


bottom of page