Етеричната улога на музиката, поточно истите три мелодии кои репетитивно ги слушаме во „Кафе де Флор’’ на Жан-Марк Вале, служат како едно лепило кое спојува две приказни кои се расплетуваат во временска дистанца од четири децении и два континенти во оваа приказна за amour fou и бескомпромисноста на судбината. Во редок случај каде што режисерот покрај својата улога е и сценарист и монтажер на својот филм, Вале ни дава филм кој е наменет исклучиво за романтичари.
На денешен ден во Монтреал го следиме Антоан, диџеј на почетокот на своите 40-ти години. Личен, успешен, без финансиски маки, двајца здрави родители, голем дом со базен и камин, и две прекрасни ќерки. Но тоа што го прави Антоан најсреќен е неговата млада девојка Роуз, со којашто е заедно веќе 2 години и за којашто ја остави неговата животна партнерка уште од тинејџерските денови, Карол. Лудо е вљубен во Роуз и таа во него. Нараторот ни наговестува дека среќата му испарува низ сите пори, а во меѓувреме Карол верува дека таа и нејзиниот бивши сопруг се судени да бидат заедно покрај неговата нова љубов. Во меѓувреме во Париз во 1969та, самохраната мајка Жаклина го израснува својот 7-годишен син Лорент, кој има Даунов синдром. Тој учи во обично училиште затоа што Жаклина верува дека специјализиран дом за деца со посебни потреби не е место каде што припаѓа нејзиниот син. Верува длабоко во себе дека може да му обезбеди на Лорент долг и квалитетен живот, воедно нејзината енормна љубов и грижа дава значење и на нејзиниот живот.
Антоан ја асоцира неговата љубов кон Роуз преку песна која се вика Кафе де Флор. Кога првпат ја гледа на забава (додека е уште женет) песната свири во позадина додека таа игра. Оваа прва средба води до опсесија од негова страна со мелодијата, до степен каде што неговата сопруга и ќерки ќе му замерат што им ја пушта константно во кола и дома: фанк верзија, џез верзија, успорена, забрзана...Во меѓувреме во Париз, Лорент и Жаклина дома имаат плоча со токму истата песна, и Лорент константно бара да ја слуша. Проста мелодија, песна која е лесна да играш на нејзе, но многу динамична и шармантна. Во филмот ретко сретнуваме момент кога Антоан и својата голема љубов не се допираат или се испреплетени еден со друг, дали сексуално или невино. И двајцата зрачат од страста која ја чувствуваат еден кон друг, но Антоан, сепак, посетува психијатар и признава дека, покрај неговата неизмерна среќа се мачи со мисли и чувства дека направил огромна грешка, и дека често ја мисли и сонува неговата бивша жена, и дека и ја чувствува болката. Тешко е да се разграничи дали така зборува од грижа на совест, или грижите доаѓаат од срдечно место. Карол практикува агресивна кампања на нега кон себе. Со придружба на нејзината најдобра другарка одат секојдневно на јога, во сауна и во спа. Очигледно е дека се обидува во најбрз можен рок да си ја ублажи болката која ја чувствува.
Приказните почнуваат да се испреплетуваат кога дознаваме дека Карол редовно месечари и ги има истите кошмари, во кои што таа вози кола и во задното седиште има фигура од момче, ама не може да види кој е. Во овие секвенции секојпат го слушаме вознемирувачкиот вресок од почетокот на Breathe in the Air на Пинк Флојд. Одма пред да се разбуди, возењето секогаш завршува во сообраќајка. Во меѓувреме во Париз ново девојче доаѓа во класот на Лорент. Се вика Веро и исто така има Даунов синдром. Лорент се заљубува и неговата посветеност на Веро почнува многу да ја загрижува Жаклина. Лорент исто така почнува песната Кафе де Флор да ја асоцира со Веро. Гледаме две жени од целосно различни времиња, позадини и возраст како се мачат со истиот тип на растројство: постепено губење на најважните личности од спротивниот пол во нивните животи, а и поради истата причина: едноставно засакуваат друга личност повеќе. Секако дека родителската и романтичната љубов се многу различни една од друга, и дека не можеме да ги споредиме; а и ако засакаш еден човек не значи дека го забораваш другиот. Но, чувството на запоставениот е дека тие се исфрлени, избркани од некаков тип на заеднички живот или гнездо за да се направи место за нешто ново. Стравот е валиден затоа што покрај фактот што повеќе работи одеднаш чувствуваме, а не едно по едно, губење на статусот како, условно кажано, нечивиот сроден дух е многу болен и ретко лесно прифатлив процес.
Во климаксот на филмот Карол ќе отиде кај жена која се занимава со спиритуални работи каде што конечно ќе и станат јасни кошмарите: овие две приказни се испреплетени затоа што се водиме по идејата дека сродни души, или twin flames постојат, и дека Антоан, всушност, никогаш не бил сродна душа на Карол. Дека во претходен живот тие биле Лорент и Жаклина, мајка и син. Тука таа доживува тотален нервен слом каде што мора конечно да се помири со тоа дека нејзиниот брак е завршен. Истовремено, Жаклина се обидува присилно да го оттргне Лорент од Веро со тоа што го заклучува во неговата соба и не го пушта да излезе. Во последната битка во овој диптих, Карол доаѓа кај својот бивши маж пред врата и таа, тој и Роуз го добиваат разрешувањето кое и на тројцата очајно им треба, во форма на искрено распаѓање од страна на Карол кога го гушнува Антоан и му бара прошка. Тој за возврат ѝ се извинува и бара прошка назад. Во Париз, Жаклина се освестува и го пушта Лорент од соба и го носи да се види со Веро. Кошмарите конечно можат да престанат и болката конечно ублажува. Третата мелодија која често ја сретнуваме во филмот е Svefn-g-englar на исландскиот бенд Сигур рос, нежна и етерична балада која доаѓа до израз во најнадежните сцени во филмот.
Прифаќањето на судбината е најтешкото нешто кое што треба да се преброди, но е истовремено ослободување на духот и на умот. Не постои мир ако се држиме до идеи кои се само комфортни за нас а не се успогласуваат со реалноста. Но, истовремено, дали има смисла во животот ако не се предадеме целосно на идејата дека животот којшто го имаме замислено за себе е суден да биде баш така како што го замислуваме? Кафе де Флор е совршениот пример за борбата помеѓу тоа што ние го сакаме, а тоа што е одлучено за нас. Ако тоа постои.
Comentários