„Не се замарам јас со политика“ е реченица која ја имам кажано многу пати во текот на животов. Нормално е. Сум била во основно, во средно, сум била малолетна, сум имала милијарда детски и тинејџерски работи за пробување, доживување и искусување, па затоа, благодарна сум што сум била доволно привилегирана да можам да живеам колку-толку безгрижно, без потреба да се интересирам за политика. Еве сум сега, на неколку месеци пред факултет со политички науки како главна опција за моите идни студии. Што се смени?
Пред да кажам нешто посериозно, мислам дека е важно да напоменам дека поентата не ми е во тоа дека сите треба да учат политика или да бидат запознаени со сѐ што некогаш било направено во бурната историја, ниту па со секоја глупост која била или ќе биде кажана од страна на домашните политичари. Не сум ни јас, а не верувам и дека било кој целосно среќен и задоволен човек е. Не судам незаинтересираност за тоа што се случило во влада или собрание, за сите конференции и бесмислени разговори и караници. Наспроти тоа, мојата критика се однесува на неутралноста за јасно неправедните политички ситуации.
На страна ги ставам моето неподнесување на индиферентни, рамнодушни и неутрални човечки карактери, како и фактот дека искрено не разбирам како луѓе можат да бидат толку длабоко незаинтересирани за сѐ. Меѓутоа, во моментот кога таа индиферентност излегува од границите на неправдите во сопствениот живот и се претвора во рамнодушност за кривини, беззаконија и насилства кои го засегаат општото добро, е, дури тогаш е јасно дека во тој момент неутралност не значи само млитавост, туку соучество во очигледното зло.
Она кое можеби најмногу ме вознемирува, па и плаши кај овој тип на (не)реагирање на општествените ситуации е фактот дека оние кои практикуваат неутралност не е дека не се свесни дека нештото е целосно неправилно. Свесни се дека тоа што сѐ уште немаме вакцини е скандалозно, дека повеќето од доведените одлуки се шизофрени, па еве да прошириме и да кажеме и дека дури свесни се и дека двопартискиов систем нѐ убива. И сите знаат, ама што со тоа? Што ако гледаат дека некои правила и закони се глупави и крајно нелогични доколку тоа послушно си го премолчуваат и почитуваат? Па на крајот на краиштата, дури и неуките аргати пред стотина години биле гласни во својата критика кон неправдата која им се случувала, а ние во дваесет и први век ќе глумиме рамнодушност и послушни војничиња?
„Да не се мешам“ – во што да не се мешаш? Во замерување на нештата за кои знаеш дека не треба така да бидат? Да не се мешаш со тоа што ќе искажеш јасен став за нешто со кое во суштина и не се согласуваш? Да не се мешаш во контроверзни теми за да останеш недопрен? Колку себично и малограѓански! "Politics doesn't interest you because you have no interest in changing a world that suits you so well.", вели еден филмски цитат. Во тоа е и главната поента, дека незаинтересираност за политика, како и неутралност значат привилегија. Угнетените и обесправените немаат шанса, а немале ни време да се оттргнат себеси од тоа. Тие мораат да „се замараат со политика“ за да можат да се изборат за преживување.
Искрено? Пострашни се овие кои си ќутат и си седат мирни кога пред нив се руши светот отколку оние кои го рушат светот. Тие барем ги знаеме. Знаеме кои се, што се и на што сме, знаеме конкретно што потекнува од нив, па токму затоа нема да нѐ изненадат. А овие другиве? Ни ваму, ни таму. Не научивме ли ништо од Мерсо и „Странецот“ на Ками? Сакале или не, неправдата опстојува заради нив. Злото напредува во неутралност.
Не знам дали ќе студирам политички науки. Кој ме знае, може ќе водам кариера во политика? Можеби во овој конкретен момент не можам да си одговорам на овие прашања, меѓутоа можам да кажам дека е човечки, па и хумано да бидеш заинтересиран. И еве ме сега, свесна, а сепак никако да престанам да љубоморам на неутралните и на тоа колку лесно си поминуваат во животот. Исто како што пеат Бернајс Пропаганда, „сѐ би дала јас пак да сум наивна“.
Comments