Последниве неколку денови ми се чини како на социјалните мрежи да се зборува само за едно единствено нешто – интервјуто на принцот Хари и Меган со Опра. Всушност, нивната ситуација беше актуелна и многу пред неделата, денот кога излезе интервјуто, односно од моментот кога британските (па и светски) медиуми започнаа со опсесивно објавување на фотографии, изјави, гласини за новата девојка на принцот Хари, позната холивудска глумица. Свадбата во живо ја гледав дури и јас, а заедно со светот будно следев како нивната ситуација ќе се развие. Не можам да зборувам за другите, но барем јас уште од почеткот на таа врска, очекував да се случи нешто. Не верував дека одвратното кралско семејство ќе дозволи туку-така, жена која е навидум поинаква од она на кое нивната чиста, сина крв е навикната да влезе во нивната фамилија. Па така, кога при крајот на 2018 година, брачниот пар објави дека заминува од кралската палата воопшто не се зачудив. Природно на таа одлука беше и нивното откажување од ројалните титули и обврски брзо по тоа. Следствено на тоа, ништо што беше кажано во нивното интервју не само што не ми дојде како шок, туку напротив, она што ме зачуди е тоа што цел свет е особено шокиран од тоа дека кралското семејство не е ништо друго освен група на расистички паразити кои веќе одамна не треба да постојат.
Иако во даденава ситуација сум апсолутно, 100% од страната на Хари и Меган и сметам дека интервјуто мораше да се случи од причина што е веројатно прв чекор кон уништување на кралското семејство и нивното влијание, но и углед (кој е во постојан пад уште од ситуацијата со принцезата Дијана), сепак, она кое ми пречи се реакциите на обичниот свет, дури и оние кои исто како мене, застануваат на нивна страна. Проблемот кој го согледувам е во идолизирањето на оние кои се вмешани. Оние кои дури и сега, кога толку јасно се извадени на виделина и сите нивни валкани работи, сепак ја поддржуваат Палатата се слепи. Она кое ме повредува и заплашува е тоа што луѓе од работничката класа, многу гласно ја даваат својата поддршка за истите оние кои постојат поради тоа што нив ги експлоатираат, па дури и во моменти кога тие се јавно разобличени како негативци. Од друга страна, кај оние кои се на „правилната“ страна од приказната, се случува нешто кое исто така не е за пофалба: возвишување на Хари и Меган како херои.
Поради фактот дека и двајцата се особено симпатични, но пред сѐ и поради тоа што се спротиставуваат на монархијата која со векови опстојува на грбот на сиромашниот народ, забораваме дека во суштина интервјуто од неделата е разговор помеѓу двајца аристократи со една милијардерка. Нормално дека Меган е жртва на расизам, сексизам, а заедно со Хари се жртви на одвратни медимуи и таблоиди, но и нечовечки правила и ограничувања за одржување на безначаен кралски углед. Меѓутоа, со вниманието и времето кое се посветува на оваа приказна како најдраматичното нешто што се случило периодов, се трга фокусот од буквално сите останати проблеми со кои обичниот човек се соочува. Фамилијата која измисли колонијализам е расистичка и Хари веќе не добива пари од кралицата баба и идниот крал тато, но за јавноста, тој е сепак принцот Хари, што значи дека тој е најдалеку од некој за жалење. Ним не им е потребно нашето сочувство и соживување. Кое соживување? Каква допирна точка имам јас со син на иден крал и позната холивудска глумица, сопруга на истиот тој син? Зарем вреди целата наша енергија последнава недела да биде фокусирана на конфликтите помеѓу луѓе кои се целосно незапознаени со вистинскиот свет и проблемите во него, а не на тоа што секој ден имаме по 1000 ковид случаи и ни трага од надеж за подобрување на нештата?
Сепак, иако трошиме време многу повеќе од потребното за сожалување на милијардери, се надевам дека откако оваа грозна фамилија ќе падне од власт, што требаше да се случи многу, многу години претходно, дека ќе сфатиме дека проблемот е во тоа што многу често, ние им дозволуваме да го имаат она влијание кое го имаат врз нас. Ги идолизираме, ги возвишуваме и ги гламуризираме како ликови од приказна, ги делиме на позитивни и негативни, играме улога на публика на театарска претстава која веќе одамна не треба да се прикажува на сцената. Искрено се надевам дека по нив, ќе следуваат сите други монархии кои во дваесет и првиот век немаат никаква функција освен одржување на традиција, а можеби дури ќе се развие и едно општо ниво на свест во кое сите ќе знаат дека секаква форма на власт и авторитет немаат допирна точка со сето она кое е под нив и дека е крајно време да престанеме да идолизираме богаташи, аристократи и власти.
תגובות