Светот како динамична сфера, збир на судири и случајности е во постојано движење има потреба (или барем ние како луѓе имаме потреба) од насока. А, како водачи на четата, визионери и градители, во центарот на вниманието се наоѓаат токму младите.
Охрабрувачка за сите нас е помислата дека можеме да се потпреме на следните генерации, но вистинското прашање е и покрај сите наши очекувања од нив колку ние како заедница ги препознаваме нивните потенцијал и труд. Колку знаеме за нив? Колку ги слушаме, колку ги гледаме? Дали го конструираме системот за да ги максимизираме колку што е можно нивните услови за успех? Апсолутно не!
Да почнеме од кариерното насочување. Секој средношколец е оставен да учи огромен број на предмети и информации кои воопшто не го надоградуваат неговото знаење суштински. При тоа никој не се занимава со неговата иднина. А и зошто би? Посебни кадри треба да се задолжени за ова мошне сериозно прашање и истото не треба да биде оставено како товар на добрата волја на малкумина професори. Нашиот образовен систем, не е свесен, а уште помалку способен да ја оствари својата цел. Во ера кадешто информации се на еден клик од тебе, апсурдно е да се усвојуваат вештини на помнење. Буквално произведуваме кадар којшто не е компетентен за никаква реална позиција во општеството.
Лично познавам еден куп млади, просперитетни луѓе и можам да набројам моментално неколку кои во последниве неколку месеци постигнале многу значајни успеси во светски рамки (наука, спорт, дебата итн.) но исто така не знам ни еден од нив кој е 100 проценти сигурен дека сака да остане во нашата земја, додека 95 проценти од нив веќе заминуваат. Зошто? Сите го кажуваат истото нешто: ,,А што ќе правам тука?”
Но, ајде многу повеќе за едно друго случување што неодамна го доживеав. Поставено меѓу нас како група млади луѓе беше прашањето: Која сума на пари е доволна за да останете тука? Ова беа неколку од одговорите:
-Сакам да бидам научник и да работам на истражувања. Немаме соодветни институции, не се отвораат нови, а тие што веќе постојат немаат никакви фондови ниту работат на сериозни проекти. Не постојат никакви услови за да си ја исполнам професијата, најдобро што можам е да бидам професор тука, ама тоа ниту вреди да се биде ниту пак е мојот прв избор.
-Сакам да имам семејство, ама кога гледам како одат работите се обесхрабрувам. Кога мислам на тоа како имам деца за 10 години сакам да бидам способен да им приуштам нешто повеќе, но искрено не гледам ни каде би ги запишал да учат, ниту како би ги советувал да живеат. А, не сакам да ги учам на она нашето „снајди се“.
-Се плашам дека нема да можам да ги остварам основните работи, на крајот на денот толку многу немам доверба ни во здравствениот систем...кога ќе остварат моите не би знаел кај кој доктор да ги испратам.
Од сите овие одговори можеме да заклучиме неколку работи. Ужасно неточно е дека младите луѓе не си ја сакаат земјата. Младите го сакаат духот и убавината на земјата, но не и тоа како истат функционира. И секако дека има огромен, огромен простор да се работи на нивното долгорочно критичко размислување, тоа не е најсериозниот проблем. Младите луѓе немаат доверба во самата конструкција на било кој сегмент од системот, почнувајќи од основните училишта, па натаму од академскиот круг, па до здравствениот и правдниот систем. Ова покажува дека одговорноста за напредокот на земјата не е само во младата популација, туку и во тоа како ситемот ја интегрира и препознава истата соодветно. Како резултат на тоа имаме проблем за кој многу се зборува, а буквално ништо не се презема како мерка.
コメント