Кога во секојдневниот живот ќе нè прашаат да наброиме неколку жени философи од антиката до денес, најпрво би се запрашале и дали воопшто постоеле жени философи во минатото. Секако дека постоеле но додека твореле, па и сега, многу ретко жени философи се прифатени во западниот канон. Неприфаќањето на жените како дел од философијата е проблем кој произлегува од исклучувањето на жените како дел од философијата и канонските философи кои имале свои сфаќања за местото на жените во светот и посебно во философијата.
Но, тоа не значи дека нема жени кои успеале да се изборат за своето место за да бидат дел од философијата, а со тоа и дел од западниот канон.
Најпрво како прва претставнишка би зборувале за Аспасија (5 – 4 век п.н.е.) која потекнува од Милет и твори за време на Платон. Таа го живее својот живот во Атина и отвара интелктуален центар во нејзината куќа. Таа е заслужна за образованието на жените во тоа време, кои не биле прифатени од страна на останатите братства. Се вели дека Сократ ја учел поезијата кај нејзе. Таа е спомувана во различни философски списи од тоа време и за неа знаеме само преку овие списи бидејќи се уште не се пронајдени нејзините дела, доколку воопшто имала. Најчесто е опишана како жена која ја владеела реториката. Во дијалозите на Платон тој објаснува како Сократ тврди дека таа е учителот на многу оратори, па дури и на Перикле и поради тоа тој бил толку добар во реториката. Се вели дека платоновата Диотима е идентична слика на тогашната Аспасија бидејќи Платон бил импресиониран од нејзината интелигенција. Други жени философи кои исто така ги образувале луѓето околу нив во овој период се Темистоклеа која го изучувала Питагора и се смета за прва жена философ, потоа Катерина од Александрија која е заштитничка на философите од христијанството. Се борела против владетелот Максиминус и секој пат успевала да ги убеди луѓето дека обожувањето на лажни богови е погрешно. Поради тоа незината глава е отсечена. Во нејзина чест има цркви кои го носат нејзиното име.
Во време на средновековната философија твори Модерата Фонте која денес е позната поради нејзиниот дијалог „Вредноста на жената“. Овој дијалог е директен напад кон општеството кое е водено од страна на мажи. Главното прашање е „Зошто мажите им носат толку несреќа на жените?“. Таа била писателка, поетеса, ја критикувала религијата и била феминистка. Повеќето од нејзините дела се издадени по нејзината смрт, а за нејзиниот живот добиваме толку информации поради биографијата од нејзиниот чичко каде е напишана како дел од диалогот во предговорот.
За време на 17 век, односно за време на модерната философија жени философи почнуваат да си го враќаат својот глас и да се борат за важноста на образованието на жените, против тогашните философи. Една од тие жени била Маргарет Кевендиш од Англија. Таа не била анонимна туку пишувала под своето име што не е својствено за жените од овој период. Таа била поетеса, научник, драматург и философ. Пишувала во полето на природната философија и најмногу ги критикувала материјалистичките, механистичките и дуалистичките теории за супстанцијата и каузалноста. Таа исто така е и првата жена која била поканета во Кралското друштво и лично ги знаела Рене Декарт (чија философија ја критикувала), Хенри Мор и Томас Хобс. Таа во своето дело Поеми од 1653 им посветува дел на природните философи и вели „Ако сум осудена, ќе бидам истребена до ништо; но мојата амбиција е таква, кава што јас би била или светот или ништо.“ Други имиња од ова време се Елизабета од Боемија која го ставала под знак прашалник дуализмот на Рене Декарт односно разумот и телото како два посебни дела. Потоа Емили ду Шалет која ја критикува философијата на Џон Лок и вели дека постои неопходност во проверка на знаењето преку искуството. Таа исто така се занимавала со метафизика.
За крај можеби како најпозната од до сега спомнатите жени философи би зборувале за Роза Луксембург. Како дел од политичката историја, таа е дел од идејата за рамноправност на мажите и жените. Таа себеси и луѓето околу нејзе не ги гледала според родот или етницитетот, туку за нејзе сите биле првенствено луѓе. Додека ја бранела марксовата концепција за историјата, во исто време повикала на класна борба базирана на политично-економско движење. Таа сметала дека женте можат да имаат целосна слобода преку социјалистичката револуција.
Има уште жени кои успеале да се изборат против социјалните норми во општеството кое не им дозволувало да бидат дел од него, а исто и дел од философијата. Денес по професионализација на философијата има поголем број на жени философи. Тие се влијателни во доменот на современата философија и се уште се борат кон исфрлање на стигматизирањето на философијата како машка дисциплина.
Се надевам дека по овој краток осврт, сега ќе можете да се присетите на некои од овие жени философи кои се заслужни за движењето на философијата кон дисциплина која не гледа на полот и е инклузивна за секој оној кој едноставно сака да ја пронајде вистината, а воедно и да ја љуби мудроста.
Comments