top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

Лажниот либерализам

Најраспространетата и популарна, меѓутоа и привлечна идеологија денес е либерализмот. Всушност денешните водечки држави во светот се либерални демократии. Но, самиот либерализам почнува да има криза на своето постоење и почнува полека водечките либерални демократии да се преиспитуваат и навистина да се запрашуваме дали овој либерален капиталистички начин на функционирање е вреден и достоен да продолжи и дали либерализмот како идеологија ќе може да опстане во иднина и секако да се носи со предизвиците кои иднината ќе ги наложи?

Либералната демократија била во повеќе кризи уште од појавувањето на либерализмот. Ако почнеме од Првата светска војна која било првото големо несогласување помеѓу либералните демократии, па Втората светска војна која сепак го поделила светот, а либералната идеологија сепак опстанала, иако сè уште се плашела од комунистичката идеологија, а во меѓувреме се појавил и фашизмот и нацизмот кои сметам дека дури и природно се појавиле во тие општествено – економски услови. Потоа и Студената војна, која била доказ за непресушната потреба на либерализмот да се докажува и покажува дека таа е врвната идеологија која треба да владее со целиот свет. Но, сепак тоа и се случува така што со распадот на Источниот блок, на СССР и Југославија, по деведесетите години на минатиот век, добиваме мали држави кои всушност стануваат демократски држави со либерална идеологија. Секако автоматски капиталистички. Оној кој најмногу добива по распадот на тој Комунистички блок, се секако Западно Европските држави и САД. Тие територии ќе ги наречам со едно име, а тоа е Западот.

Западот не само што добива, туку и си ја зацврстува позицијата во светот, како една водечка сила која може да прави што сака со сите останати држави. Не само што Западот до одредено време немаше конкуренција, туку тие длабоко веруваа во либерализмот и во секоја своја одлука. Но, со текот на времето Западот, а посебно САД, добива противници, како Русија и Кина и повторно светот се дели на околу два блока. Но, што е суштината со либерализмот? Па луѓето кои живеат надвор од САД сигурно се свесни каква надворешна политика имаат и зошто всушност ни тие самите повеќе не можат да издржат во таков систем на вредности. САД е една империја. Таа не е само држава во Северна Америка, туку водечка глобална сила, која го контролира светот како сака. За да се разбере светот подобро, мора да се има на ум, дека светот од секогаш функционирал под империи. Односно, светот никогаш не излегол од тој империјалистички начин на функционирање. Денеска, светот станува се помал, па така центарот на моќ е сконцентриран во најмала рака кај Западот. Посебно САД.

САД води војни на Блискиот Исток во кои умираат илјадници луѓе. Тие прават војни, бидејќи нели тие се шерифите на светот и тие треба да кажат кој е крив, а кој прав, не само што се борат за природни ресурси, моќ и пари, туку мора да предизвикуваат војни, затоа што тоа е бизнис, кој реално нема да опстане ако нема вооружени конфликти. Не само што не им е гајле за милиони загубени и уништени животи, држави, општества, семејства, значајни природни и културни знаменитости, тие продолжуваат со нивната агенда и промовираат либерализам и демократија. Не само што ги водат војните во името на демократијата, туку има сомнежи дека и ги финансираат терористичките групи на таа конкретна територија, а како пример можеме да ги земеме обвинувањата кон ЦИА, за тоа дека во осумдесетите години од минатиот век, тие ги финансирале муџахедините кои се бореле против про-советската влада во тоа време, а потоа со чело на Осама Бин Ладен, по крајот на војната, истите тие и се спротиставуваат на САД. Меѓутоа тоа е само теорија, која можеби е вистинита, можеби не, но сепак е доволна за сомнежот кој постои.

Тука е главниот проблем. Како може некој да верува во твојата приказна кога и ти не можеш да веруваш во тоа што си го кажал. Либерализмот проповеда слобода на говор, почитување на човековите права, слободна волја, мир и мислам дека на сите ни е јасно што проповеда таа идеологија. А идеологијата може да се нарече религија. Така либералната религија, самата како постоечко нешто, теоретски нема проблеми и нема криза. Но, кризата која всушност се случува, ја создаваат оние либерални демократии кои денес владеат. А што е кризата? Па кризата се случува во неверувањето во либералната проповед, во законите на либералната демократија, во самата идеологија која е најраспространета и популарна во моментот. Тоа се случува поради чекорите кои ги превземаат оние кои и тоа го проповедаат. Од една страна, се проповедаат човековите права, а од друга страна, веќе ни е јасно и споменав што се случува на Блискиот Исток, Африка, а можеби и Балканот. Војни, мешање во политичкиот живот на другите држави, остварување на своите државнички цели и агенди, сакање моќ и секако пари. Главниот мотив е обично и бизнисот, секако тоа го наложува и капитализмот, кој секако опстојува долго време, но прави зло, а мислам и дека капитализмот можеби и е најмногу крив за таа криза на либерализмот.

Меѓутоа, либералните демократии покажаа дека можеби опстојуваат, но дека капитализмот полека ги уништува и секако, водечките либерални држави во светот, не се држат до своите идеали и закони кои тие самите сакаат да ги проповедаат и да го мерат светот со можеби своите либерални заповеди.

Не само што оваа криза постои денес, туку овој начин на функционирање на овој центар на моќ, историски се провлекува и денешниот модел на функционирање некако останал како наследство од некои дамнешни времиња. Може да се забележи тој колонијалистички пристап на владеење, може да се забележи оној ариевски, нацистички начин на расна поделба на светот, иако можеби некој ќе смета дека овие обвинувања се екстремни, но вистината е дека Западот црпи инспирација од нацизмот и сеуште постои свесна или несвесна расна поделба, тоа се гледа во политиката, се гледа и стравот од Истокот, предрасудите кон источната цивилизација и преувеличувањето на западната цивилизација, сметајќи дека тие се центарот на оваа планета и дека тие се што ќе направат, прават како што треба, а можеби и несвесно сакајќи да се заштитат од другите, нели да ја заштитат својата супериорност, која реално не постои, туку едноставно се во таква економско-политичка ситуација, да можат да го контролираат светот. Либералната демократија не само што црпи инспирација од нацизмот, кој сметам дека и донекаде и е природен дел на либералната демократија и капитализам, а во најлош случај тој повторно може да се појави во својата најдобра форма, либералните демократии и Западот црпат инспирација и од социјализмот. Всушност бесплатното здравство, образование се само едни од примерите за очигледната социјалистичка инспирација.

За да ја потврдам мојата теза за нацистичката инспирација кај Западот и нивното мислење за својата супериорност, можам да го докажам со претставувањето на оној намерен јаз кој постои помеѓу Источна и Западна Европа. Западна Европа сè уште ја гледа Источна како примитивна, место за отпад, место за експерименти, општествени и политички и секако место за мерење на силите со своите Источни противници. Балканот и Источна Европа се периферијата на тој центар.

Бидејќи мислам дека ја објаснив кризата и се надевам дека разбравте која е кризата која се појавува со либералниот свет, мислам дека можам да зборувам и за иднината на либерализмот и овој центар на моќ. Мислам дека очигледно е дека САД самата себеси почнува да се јаде, односно почнува да се дели на две страни, на конзервативци и либерали. Интересното е што веќе во Европа почнуваат на власт да доаѓаат се повеќе конзервативни влади. Но, САД полека почнува да ја губи својата моќ, заради внатрешните општествено-политички проблеми и секако како се распаднува една империја, се менуваат и половите на светот. Сега веќе и Кина е сериозен политички противник на САД, а Русија секако се здружува со Кина, па велат дека почнува да се создава една ситуација како во периодот на Студената војна или можеби следи втората Студена војна. Западна Европа се обидува да не влезе во овој конфликт, но многу е веројатно да и се придружи на САД, како историски сојузник. Меѓутоа едниот исход е САД целосно да ја изгуби контролата врз светот и да се смени центарот на моќ на истокот, а друга опција е либерализмот да опстојува, но да станува се повеќе авторитарен, секако со помош на технологијата, интернетот, социјалните мрежи, а факт е дека и тоа се случува. Тоа можеме да го видиме со сите оние нови полиси и правила на користење кои ги воведуваат големите технолошки компании под притисок на САД и ЕУ, како божем борење со лажни вести и говор на омраза, но некогаш изгледа дека тие правила се користат за други цели, односно за замолкнување, менување на јавното мислење и контрола на мислите. Технолошките гиганти како Фејсбук и Гугл, имаат премногу дата податоци од голем дел од популацијата на планетата, па сигурно тие податоци се користени од владите, а посебно САД за свои цели, обично не законски.

Всушност, можеме да дојдеме до заклучок дека либерализмот како една религија (идеологија) опстанала најдолго до сега и сè уште функционира. Но, сепак оние кој најмногу ја проповедаат не остануваат доследни на своите проповеди и всушност самите го прекршуваат тоа што го кажуваат, со нивните постапки. Можеме да го земеме за пример, односот црквата и христијанството. Всушност, црквата и општо свештените лица никогаш реално не се држеле до проповедта на христијанството, туку напротив низ текот на историјата правеле нешта кои биле нели строго забранети. Иако народот не и верува на црквата, му верува на христијанството. Па тука можеби имаме слична ситуација, само што во христијанството одбираш дали ќе веруваш, а во либерализмот живееш и некако не можеш да избегаш од него. Исто така живееш во капитализам, па цел тој систем, како една целина ти влијае многу повеќе од било која друга религија на планетата, а нели, ти самиот не можеш да избегаш од тоа, туку мораш со некој да се здружиш (за да направиш промена), а исто така не живееш во Гилеад, но никогаш не ја исклучувај можноста дека и тоа може да се случи.

Сепак транзицијата од еден систем на функционирање во друг сигурно нема да биде мирен и оној распад на моменталниот центар на моќ сигурно ќе трае долго време и секако тоа ќе се случува полека. Овој капиталистички балон сигурно ќе пукне, а либерализмот можеби ќе продолжи, но од друг центар кој ќе мора на вистински начин да ги следи начелата на либерализмот. Секако и со напредокот на човекот и технологијата, ќе се надмине потребата од овој начин на хуманистичко функционирање, па ќе се одреди нов правец во човековата историја, која нема повеќе да биде хуманистичката религија со своите либерализам, комунизам или нацизам, туку ќе се појави нова религија со нови вредности кои ќе го водат разумниот животински вид на оваа планета.

Yorumlar


bottom of page