• Култура β

Листопад - Јована Анѓелковска

Мирисот на непознато,

мирисот на туѓина,

мирисот на тага и болка,

мирисот на радост и среќа,

мирисот на соништа,

мирисот на дом.

Како свој на своето,

стуткана во топли ќебиња

и топло кафе во рака

додека надвор дождови се вират

како солзите во очите нивни.

Го мразам дождот,

го мразам студот,

го мразам ветрот,

го мразам ова годишно време.

Доцнам.

И трчајќи се пробивам

низ улициве непознати,

не знам каде сум

и каде треба да бидам,

се прашувам дали да се вратам,

копнеам по спокојот

и конфорот,

и убавината во неубавото,

и своето на свое.


Но, октомври е.

Жолта постела

ми се свила под нозе,

дождовите улици чистат,

птиците отлетуваат дома,

се е пусто и празно,

и премногу тмурно, за мене.

Но, октомври е.

Стари болки во гради болат,

нови солзи образи им галат,

еден крај и еден почеток,

соништа остварени, но несреќни,

затоа што дома никогаш не била моја дома,

затоа што среќата, всушност била тага,

затоа што спокојот бил страв од непознато,

затоа што душата не почувствувала радост,

затоа што листопадот, всушност бил нов почеток.

И тогаш сфатив,

најтешкото заминување

е најлесниот почеток.

 

Јована Анѓелковска е поетесата која зема учество во петтиот ден од двете поетски недели на Култура Бета. Таа има 19 години и доаѓа од Неготино, студент е во прва година на факултетот за компјутерски и информатички науки во Љубљана. Вечно вљубена во уникатноста и креативноста на човекот, и силно верува дека уметноста е силата која го движи светот.


За своето пишување таа вели:

„Пишувањето е прибежиште од секојдневните болки и радости кои животот ни ги приредува. Моето пишување ми носи спокој и сигурност, ме заштитува од лошото и неубавото во овој свет, ме прави да се вљубам во несовршенството и ме учи да верувам дека се на овој свет е уметност. Долги години овие тајни ги чував само за себе затоа што мислев дека сум единствена која тагува и се радува, и единствена која го мрази и сака светов истовремено, се додека не сфатив дека само рането срце може да излекува друго рането срце. Светов е убав и неубав, но пишаниот збор е вечен.“


20 views