Македонската жена отсекогаш била мачена и угнетувана. Не само македонскиот народ, но и македонската жена била несреќна, замолчувана, тепана, омаловажувана... Сепак жената во македонскиот народ има и посебно значење. „Македонско девојче”, Ленка, Неда (мајката на Кузман Капидан)... култот кон Големата Мајка... Денес во дваесет и првиот век, македонската жена сè уште се третира на сличен начин. Освен што се величи, таа и се угнетува. Борбата за родовата еднаквост сè уште трае и сè уште конзервативното македонско општество не може да излезе од патријахалната матрица.
Помина и осми март, Меѓународниот ден на жената. Нашите жени, мажи, феминисти и феминистки, излегоа на протестен марш за правата на жените како и милион други луѓе во светот. Освен што протестираа за правата на жените , тие протестираа и за случајот „Јавна соба”. Додека мексиканскиот Претседател постави челични барикади околу својата резиденција по повод „Денот на жената”, нашиот Претседател за среќа не го направи истиот потег. Но, без разлика на чинот (иако е страшен показател за падот на демократијата во светот) и двајцата претседатели имаат многу малку направено за родовата еднаквост во нивните земји и само на овој ден им честитаа, популистички „Среќен осми март”. Ако воопшто и го направија тоа.
Нашите политичари и „реформатори” многу малку прават во пракса, за да се надмине онаа родова нееднаквост. Додека на хартија, законите се перфектно напишани, во реалноста многу малку се прави за да се подобри ситуацијата на македонската жена. Односно законодавниот систем во теорија е перфектен, меѓутоа во пракса многу тешко се спроведуваат одредени закони кои ја гарантираат еднаквоста на жената со мажот. Исто така судскиот систем во нашата држава потфрлува во заштитата на жената од било какво насилство. Освен што нашиот менталитет е конзервативен и малку назаден, религиозен и големиот дел од македонските жени сметаат дека треба да му се покорат на мажот и да го почитуваат секој негов збор, исто така сметаат дека тие самите треба да се жртвуваат за семејството, да ги извршуваат сите домашни обврски и да се грижат за децата. Менталитетот е исто така една од пречките за постигнување на целосна рамноправност во нашето општество. Образовниот систем исто така потфрлува во едукацијата за родовата еднаквост.
Тоа се мааните на нашето општество. Но не потфрлува само нашето општество во родовата еднаквост, туку и целиот свет. Борбата за родова еднаквост и женските права се провлекуваат од антиката до денес, но денешната борба најмногу е инспирирана од борбата за правата на жените од минатиот век.
По „вториот бран” феминизам секако доаѓа и современиот феминизам, кој и помалку бега од правите заложби за правата на жените. Денешните феминистки не го искажуваат вистински револтот и проблемот кој реално постои. Тие се борат за своите права, но не доволно и не вистински. Вистината е дека жените сè уште се потиснати од мажите колку и науката и општеството докажало и покажало дека жената не е ништо поразлична од мажот, само единствено по одредени биолошки параметри кои ги разликуваат двата пола. Не е доволно со неколку пароли на Меѓународниот ден на жената да се излезе на „протест” и да се вика, а потоа следниот ден повторно да се спушти главата и да се продолжи по старо. Исто така радикализмот е страшна појава и треба да се избегнува. Кога феминистките сакале мажите да не постојат или да бидат убивани само затоа што се мажи или само затоа што нивните предци биле лоши луѓе? Современиот феминизам избега од правата цел и пат за правата на жената и се претвори во комерцијално движење кое често е критикувано и осудувано заради нелогичните и радикални потези.
Меѓународниот ден на жената се претвори во една голема фарса. Се избега од вистинското значење на самиот ден. Социјалистите се оние кои го започнале протестот за правата на жените. Тие се првите кои сметале дека правата на жените се и човекови права. Денес овој ден е само за популистички ветувања на политичарите кои најчесто се мажи, а и оние кои се жени, не ги потенцираат вистинските проблеми на современата жена. Не кажуваат дека жените со потемна боја на кожата се дискриминирани, дека секој ден милиони жени се сексуално нападнати само затоа што носеле пократко здолниште, сè уште некои жени ја трпат репресијата на религијата, мораат да го слушаат мажот, да носат облека која ги покрива против своја волја... Секако светските случувања, политика и трендови влијаат и врз нашето општество. Жените во Македонија заработуваат 18 проценти помалку плата отколку мажите. Жените се тепани, психички малтретирани, жените се „секс објекти”... Жените трпат мобинг на работното место и се дискриминирани поради нивниот пол и род. Да не заборавиме и на транс жените и сите оние трансродови лица кои имаат проблем со општеството и со државата. Македонската жена е сè уште во стегите на општеството.
Јас како маж родово и полово, сакам да ги разберам проблемите и да се борам за потребите на жената. Сметам дека и жените и мажите треба заедно да се борат за еднаков третман на жената во општеството. Жените сами ќе си помогнат така што ќе пријавуваат во полиција секогаш кога се физички или психички малтретирани од страна на сопругот или партнерот, кога трпат сексуално вознемирување на работното место, кога сметаат дека се дискриминирани по било кој основ. Борбата треба да се одвива секој ден, ако треба и во суд, но правдата треба да биде добиена.
Ќе ги охрабрам сексуално да се ослободат како Мадона, да не им е гајле за другите што ќе кажат, да тепаат ако треба, кога се тепани и да не се откажуваат од своите цели. Нашата држава треба да изоди уште долг пат до постигнување на еднаквоста во сите сфери. Да ги донесе девојчињата од руралните религиозни средини во училишните клупи, да овозможи менструална хигиена, која ќе биде достапна и евтина, во продавница, училиште, јавни институции, да ги заштити кога тоа е потребно... Со текот на времето ќе се смени менталитетот, но за тоа да се случи побрзо ќе треба да се води војната уште долго за македонската жена да биде рамноправна и слободна. Силна и непоколеблива, каква што сакаме да ја замислуваме.
Убавите жени
Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
Блаже Конески
Comments