top of page

Места за излет или диви депонии?

Writer's picture: Васил ХанџискиВасил Ханџиски

Актуелно го живееме времето на прекумерна експлоатација на природните ресурси, што влијае врз нарушување на екосистемите. Луѓето интензивно ги посетуваат познатите светски излетнички места и заради нивното несовесно однесување истите се загрозени.


Во околината на нашиот главен град Скопје, такви излетнички места се: Водно, Матка, Скопска Црна Гора и многу други. Стотици луѓе уживаат во пејсажот и можностите за рекреација кои ги нудат овие драгоцени места, меѓутоа глетката по нивно заминување е одвратна. Нашите омилени места за одмор се преплавени со пластични шишиња, лименки од напитоци, хартија од изедена храна, па дури и остатоци од храна.


Честопати се прашувам: „Зарем не размислуваме што оставаме позади нас?”. Не знам кој очекуваме да го исчисти отпадот којшто го правиме. Тие кои ќе пристигнат по нас или некоја граѓанска организација? Кога разговрам со моите врсници на оваа тема нивниот одговор е: „Што има јас да го собирам ѓубрето, гледаш и тие го оставаат, не е моја одговорност да го соберам.” Овој цитат покажува колку младите не се свесни кон што придонесуваат со своите акции и дека тие придонесуваат за уништувањето на овие места.


Интересното е што и родителите го фрлаат отпадот на земја пред своите деца. Не само што не ги советуваат своите деца да не прават отпад, туку и ги охрабруваат да го прават истото. Како може да очекуваме тие деца кога ќе пораснат да се грижат за чистотата на нашите најдраги излетнички места.


Од друга страна, властите и надлежните институции не преземаат значителни мерки за да се одржуваат чисти овие места и не ги казнуваат неодговорните граѓани. Знаејќи дека нема да бидат казнети, граѓаните продолжуваат со своето деструктивно однесување. Недостатокот од притисок врз одговорните лица овозможува тие да го избегнат ова прашање.


Одговорноста паѓа на нас. Ние сме тие кои треба да ги разбудиме и условно кажано да ги „натераме“ властите да преземат мерки за зачувување на овие места. Не треба да дозволиме во нашиот животен век да исчезнат овие убавини. Тоа може да го направиме преку различни кампањи, герила акции и мирни протести. Најголемата заблуда што ја имам слушнато е: ,, Не можам јас да го сменам тоа.” Верувајте секое преземање на акција е важно и помага за решавање на овој, но и на сите проблеми со кој се соочуваме.


Да почнеме да размислуваме не само за себеси, туку и за нашите семејства и нашите потомци. Не треба да сме причината за исчезнувањето на овие убавини и идните генерации да не можат да ги искусат. Сите заедно мора да преземеме акција, да сме тие кои ќе се борат за заштита на овие места, кои ќе ги разбудат властите и сограѓаните за овој проблем. Најважно од сè е да не се откажеме на првата препрека, со многу труд можеме да ја направиме посакуваната промена. Заедно да ги пронајдеме истомислениците и да дејствуваме!


За крај би ги споделил зборовите на Франклин Д. Рузвелт: „Нација што ги уништува своите почви се уништува себеси. Шумите се белите дробови на нашата земја, го прочистуваат воздухот и му даваат свежа сила на нашиот народ.!”


Comments


bottom of page