• Култура β

Мини поетска збирка на членовите на Култура β

Марија Хана Трајкоска

Нека зборува земјата за тежината на твојот збор

Нека зборува сонцето за големината на твојата личност

Нека зборуваат ангелите за убавината на твојата душа

А ние оддоле ќе гледаме нагоре

И ќе и завидуваме на небесета во чии прегратки сега припаѓаш


Андреј Медиќ Лазаревски: Дијаболичноста на нашата еротика

Парадокс те мислев,

но не си ми спротивна.

Спротивност те мислев,

но не си ми различна.

Различна те мислев,

но не си ми далечна.

Далечна те мислев,

но ти си ми љубена.


Љубена те мислев,

два пола сме од дијабола.

Светоста на нашата еротика

и близината обична.

Дихотомична двојност,

а едност сме сторени.

Далечна те мислев,

но ти си ми љубена.


Парадокс те мислев,

но ти ме надополнуваш.

Спротивност те мислев,

но ме изедначуваш.

Различна те мислев,

но една душа сме сродна.

Далечна те мислев,

но ти си ми љубена.


Георгина Петреска: Сцена

Го слушнав истрелот на душата

притегната од древниот лак.

И нејзиниот заробен крик

во ранетата ѕверка.

Беше тоа уште една гозба на боговите

кои се забавуваа врз залутаниот живот.

Пристигна плачот на душата потисната

од големата илузија за себеси.

Нејзиниот лелек прекинат

во единствената шанса за објаснување

од оваа сцена подготвена ноќва

да го долови невидливото.

Ми го навестува ли тој последен ужас

пред да се спушти платното?


Софија Тодороска: Немирен век

Претесно стана

моето сронето тело

во него да се собере зборот.

Кога се раскина мислата

стана леунка на тихост сетна;

и не знам дали ми е драга нејзината рожба

кога од неа страв ме гони.

Ме рони чудна жажда

од која се свија многу крила

на русалки и веди

кои пред мојата врата

иста песна носат.

Нека се затемни секое окно

сал за миг,

само Истокот да мине

низ некое ѕирче сет!

Молчат сите врби

кои косите во скршена река ги топат,

од гранкте долги

истиот венец го носам.

Би говорела и јас гласно

да ме чуе ветрот бесен,

но беспризорен е мојот говор:

од него и самата бегам,

во него тихоста ја носам.

117 views