top of page
Writer's pictureКултура β

МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ОБРАЗОВАНИЕТО: Промените кои не се темелно разработени оставаат сериозни последици!

Годинава, нашиот речник е побогат за еден збор – „пандемија“! А, покрај главните зборови „корона“, „вирус“ и „маски“ кои сега секојдневно ги слушаме, би го издвоила и „образованието“ како збор и поим кој привлекува големо внимание во нашата земја во период кога условите ни наметнаа задолжителни промени за многу краток временски период. Образованието е една од најбитните сфери за секој народ кој се грижи за својата иднина, а промените кои настануваат, без разлика дали се планирани или не, имаат голема моќ врз секој човек кој е во допир со образованието, особено врз учениците и професорите.

Од моменот кога првпат го пречекорив училишниот праг, до ден-денес, имам слушнато многу луѓе кои велат „потребни се големи промени во образованието“, заборавајќи на фактот дека кога промените што (туку-така) настануваат во образованието не се темелно и детално разработени можат да остават сериозни последици врз цели генерации. Секоја импровизација и неиздржан проект, секоја погрешна стратегија и лоша (не)подготвеност оставаат трајни последици кои тешко се „лекуваат“. А, доволна е само една кратка анализа на нашиот образовен систем за да дојдеме до заклучокот дека образованието ни е сериозно „болно“ и потребни му се голема помош, грижа и внимание.

Една од промените кои му се потребни на образованието е „модернизацијата“ – осовременувањето! Се согласувам! Светот секојдневно се менува, а со него се менуваме и ние. Сонуваме за современа настава исполнета каде секое дете има шанса да се покаже себеси во најдобро светло, искористувајќи ги своите индивидуални вештини. Мечтаеме по отворени дискусии, слободоумен дух во училницата и слобода. Но, што се случува во моментот кога повеќе луѓе имаат различни идеи за модернизацијата кои не се совпаѓаат едни со други? Ќе се обидам преку примери да објаснам како желбата за брза модернизација на образовниот процес, носи низа на комплексни проблеми кои тешко можат да бидат решени.

Како дете кое целиот живот има шанса да биде покрај професори, не само на училиштето туку и во домот, би можела со сигурност да кажам дека професорите се големи жртви на обидот да се модернизира образованието најбрзо што може за да биде во чекор со европските и светските вредности. Работилници, проекти, обуки, семинари – одеднаш се менува значењето на зборот „професор“ и тој не е само човек кој има за цел да ги учи и подучува своите ученици, да ги поттикнува да размислуваат со своја глава и да ги подготвува за животот и неговото суштинско значење, туку станува „роб“ на обврските кои му се наметнати: стотици тестови, ученички портфолија, ИКТ настава, двојна евиденција (на хартија и во електронски дневник) и уште многу други нецелосно јасни задачи. Не верувам дека овие задачи се погрешни, но мислам дека се неправилно поставени, без да се размисли дека некои се и сосема непотребни за развојот на образованието.

И додека професорите, запишуваат оценки во електронски дневник, прават дневни, месечни и годишни подготовки, подготвуваат презентации и што ли уште не, тие пропуштаат да нè научат како правилно да се изразуваме, да пишуваме, да размислуваме и како се пронајдеме себеси во она што искрено го сакаме и најмногу го владееме.

Од друга страна, тука сме и ние – учениците. На мојата генерација, би можела да ѝ го дадам епитетот „експериментална“. Зошто?! Па, зарем ние не сме генерацијата која прва го искуси екстерното тестирање, заменувањето на старите учебници со нови, воведувањето на „Кембриџ програма“ дури во осмата година од нашето основно образование, популаризацијата да бидеме „5.00“ или со други зборови, притисокот сите да бидеме одлични ученици, ПИСА тестирањето и уште многу други мали промени кои за нас имаат преголемо значење. А, да не ја заборавиме и „онлајн“ наставата на 2020 година, како и неизвесноста во однос на полагањето на матура.

Ние ги „тестираме“ промените, промените нè „тестираат“ нас – така си се вртиме во еден круг од кој најчесто сакаме да побегнеме. Ако пред неколку години се зборувало за стипендии, учење во странство и потрага по подобро образование, со сигурност можам да потврдам дека денес тие разговори се секојдневниe и речиси нема дете во земјата кое барем еднаш нема помислено на бегство во друга земја, по подобра иднина и образование.

Во моментов, ние сме дел од виртуелната училница. Како матуранти, никогаш повторно нема да се вратиме на училишните клупи, нема да го почувстуваме возвишеното чувство на чекорење низ ходниците, а можеби и никогаш повеќе нема да решиме средношколски тест со пенкало в рака. Но, професорите се оние кои остануваат во училиштето и по нашето заминување – доаѓаат нови генерации, нови енергии, нови промени. Како ли тие ќе ја почувствуваат промената од виртуелен во реален свет, од онлајн до физичка настава и како физичката настава ќе остане модернизирана!? Ако нешто научивме од процесот на брзата дигитализација на образованието - тоа е фактот дека ние, како луѓе, сепак сме си потребни едни на други.

За промените треба време, трпение и верба. Тие не смеат да се „натрупуваат“ туку треба да се разработат една по една, детално и темелно. Искрено, со целото мое срце, верувам дека за десетина години од сега ќе погледнам назад во времево и ќе речам дека сепак вредело да се ризикува, експериментира и пробува. Сега за сега, никој од нас не е целосно задоволен од начинот на кој (не) се избалансирани промените во образованието. Но, сепак постои надеж дека нештата можат да тргнат на подобро затоа што образованието е најмоќното оружје за да се промени светот!

Comments


bottom of page