• Калина Качоровска

Му должам ли јас на овој град?

Признавам дека колумнава ја пишувам од лични причини. За да јас си ги расчистам мисливе и да сфатам што јас самата сакам да добијам, но и дадам. Затоа, од почеток кажувам дека овде нема да бидам објективна, туку себична.

За помалку од еден месец од денес се селам. За првпат во животов. Се селам во град кој го чувствувам како втор дом заради тоа што половина од мојата фамилија е од и живее таму, но и кој истовремено го чувствувам за толку далечен и ладен. Се селам, како и секој човек од земјава, за подобри услови. Се селам за да студирам на квалитетен универзитет кој ќе ми пружи квалитетно образование кое го заслужувам и кое го заслужуваат илјадници квалитетни деца кои поради сплетот на околности не можат да го добијат. Заслужуваат и квалитетно образование, но и квалитетен воздух, квалитетни улици, квалитетни објекти, квалитентни настани, квалитетна уметност, квалитетна култура, квалитетни власти, квалитетна природа, квалитетни дискотеки, квалитетни кафиќи. И не можат да го имаат тоа, а, некако, како да чувствуваат потреба дека мораат самите да го средат. Не треба да мораат. Државата и нивниот град или село или општина или населба треба да им го пружат тоа. Мојот град е должен да ми пружи услови кои мене нема да ми дозволат да помислам да го напуштам. Кога истиот тој град е толку неуспешен во исполнување на своите должности кон своите граѓани, дали јас, (моментално сѐ уште) граѓанка на град Скопје, му должам нешто?


И оп, како што размислувам и разговарам со оние околу мене, ставовите повторно и повторно ми се менуваат. Лутам и не можам цврство да застанам зад ништо што овде кажувам, а некој треба ова да го чита како (сериозна) колумна! Еве ме сега, 17 август 2021, точно 12:00 и одеднаш не сум сигурна дали Скопје само по себе мене ми должи нешто. Што е градот? Тој е само простор, кој зафаќа, еве, гуглам, површина од 225 км2 (градско подрачје). И си велам, ние го искористуваме тој простор, а не тој нас. Ние го градиме градот и ние треба да се грижиме за тој да биде убав, а не обратно. Но, тука доаѓа мојата дилема. Дали кога велам Скопје мислам на него како физички простор или како административна единица со седиште во парк? Првово не ми должи мене ништо, туку јас му должам нему многу. Второво ми должи мене многу, по правила и прописи му должам и јас нему, но според логични и разумни заклучоци, тоа од мене не заслужува да помрднам прст затоа што не успеало да ги исполни своите обврски и не ми дало ништо освен електрични тротинети. Око за око, заб за заб, граѓанин за град?


Од моментот кога сум свесна за моето постоење, свесна сум и за моето напуштање на градот кој ме создал и пораснал. Свесна сум (била) дека иако сум родена тука, нема тука да се распаднам. Пред сѐ, зашто секогаш сум ја имала привилегијата и сигурноста на второ државјанство, втора земја и втор град, но и зашто така е редот. Да си одиме зашто знаеме дека тука не бива. Цели 18 години јас живеев во градов, му дозволив да ме созрее и да ме изгради, си дозволив да уживам во убавините и задоволствата кои тој ги нуди, си дозволив да плукам по гнасотиите и малограѓанштината, свесна дека ќе го оставам во туѓи раце во моментот штом завршам средно и дека ќе си го гледам за време на празници, нешто малку во лето и секако, за спринг брејк. Не знам зошто и не знам како, но пред неколку месеци, за првпат во животот добив потреба и дел од мојот возрасен живот да го живеам во Скопје. Одеднаш, тоа ми ги размрдува животните планови кои сум ги имала од памтивек. Но, бидејќи во последно време јас и луѓето во мојот свет заеднички одлучуваме да бидеме спонтани, промената на овој долгорочен животен план не ми изгледа така лошо.


Па така, во идеални околности, три до шест месеци од годината (секако, после студиите), ќе му се посветам на градот. Но, кога сега велам градот, нормално дека мислам на него како физички простор, со дух и харизма, со жешки лета и со луѓе кои ги сакам, а не на администрација која ме кочи. И ќе му дадам на градот. Не затоа што му должам, ниту затоа што тој ми должи мене, туку затоа што е мој и го сакам, а борбата за она што го сакаме е борба која вреди да се води.


1,166 views

Recent Posts

See All