Во неделата во Битола до темел изгоре „Жито Битола“ или млинот на Исмаил Бег „Драгор“. Објект за кој јас лично немав слушнато пред овој случај, но кој е изграден пред 120 години и е еден од најголемите стопански симболи од османлискиот период. Тоа што не сум била запознаена со овој објект може да се гледа како резултат на мојот затворен скопски видик, но може да се гледа и како резултат на минимална промоција и заштита на културното наследство од страна на државата. Веројатно од себични причини, одбирам да гледам на ситуацијава на вториот начин.
Можеби млинот „Драгор“ не е општопознат, можеби не е најважен објект во оваа земја, но во моментов е последен пример на една долгогодишна, многудецениска државна болест на небрежност не само за културно наследство, туку култура воопшто. Тоа е тешка и сериозна болест секако, но нејзините симптоми се особено смртоносни во време кога владее општа национална егзистенцијална криза. Во моменти како овој, кога се дозволува државните симболи, имиња, јазици, традиции, истории, приказни да бидат дискутирни како спорни, последно нешто што треба се случува е негрижа за домашната култура.
Во колумната на историчарот на Васко Гичевски која е инспирирана токму од пожарот на „Жито Битола“, прочитав дека во музејот во Битола, нема ниеден вработен историчар. Тоа е исто како во болница да нема вработено ниеден доктор; како во училиште да нема вработено ниеден наставник, како во амбасада да нема вработено ниеден дипломат. За жал, овој случај во Битола е далеку од единствен пример за запоставување на културата во Македонија и тоа е она кое го прави сето ова загрижувачки. Имено, на културата не се гледа како неопходна, суштинска дејност. Без историски објекти, без песни, без филмови, без музеи, без изложби и без книги ќе преживееме, но без доктори нема. Сепак, зарем тоа не е површен поглед на нештата? Особено доколку го согледаме очигледниот проблем, а тоа е дека доколку веќе дозволуваме културата да биде запоставена со цел предност да имаат есенцијалните дејности и да се работи на нивно усовршување, можеби некако и ќе можев да го прифатам тоа. Но, кога сме соочени со здравство кое се распаѓа секој ден сѐ повеќе и повеќе, кога сме соочени со образование кое убива желби, страсти, таленти и дисциплина, кога сме соочени со дипломатија и меѓународни односи кои не стагнираат, туку се во регресија, зарем не е уште потажно што немаме соодветна култура на која можеме да се потпреме?
Покрај безброј дискутирани причини за тоа зошто како држава сме на ова ниво на кое што сме денес и за тоа зошто е толку лесно нашите соседи да нѐ гледаат како лесен плен се наоѓа и уште една причина за која ретко зборуваме, а тоа е токму ова за кое досега пишувам. Културата е лице на државата. Лесно е да се оспорува нашата историја затоа што лесно дозволуваме да изгорат до темел историски објекти како „Жито Битола“. Лесно е да се оспорува нашиот јазик затоа што пееме турбофолк на српски, пишуваме на латиница и не можеме да склопиме три реченици без употреба на англиски или странски зборови. Лесно е да се оспорува нашата територија кога истата ја сведуваме на Скопје, Охрид и Маврово. Лесно е да се негира нашиот идентитет кога надлежните не се грижат за неговото одржување. А, не треба да се измисли нешто ново, туку едноставно треба да се развие свеста и интересот за она кое веќе постои. Домашен туризам, домашна музика, домашни филмови, изложби на домашни уметници, изградба на објекти кои се својствени за ова тло, негување на домашна, македонска култура. Особено во денешно време.
Пожарот на објект за кој немав ни чуено претходно ме потресе толку многу што почувствувам потреба веднаш да напишам колумна. Ве оставам со таа мисла, зашто веќе секој пожар, секое игорирање, секое премолчување и секоја небрежност се причина за протест кој останува неиспротестиран.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, поеми, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments