• Култура β

Немир - Теа Кокондоска

И пак се превртувам и ги

менувам страните, како да

некоја од нив, повеќе ќе ми

годи.

А срцево го слушам како да

сака да избега, да замине

од телово мое, а очите, очите

полни солзи ја отсликуваат

болката на моето лице.


Те чував иако твоја дланка не допирав,

Те чував иако твои усни не милував,

Те чував иако зборови не слушнав,

Те чував ете така далеку

исплеткана во надеж и верба.


И ете илузијата повторно ме победува.

Го гледам твојот лик на мојот бел ѕид.

"Приближи се"- ти реков.

"Ноќта е долга да сме туѓи

еден на друг"

Ме допираш,

твоите прсти поминуваат низ мојата коса,

надолу по моето лице,

со полукружни движења околу мојата усна,

ме погледнуваш во очите полни солзи

ставајќи го вертикално прстот на моите

усни велејќи "Молчи, преморена си."


Па како утеха бришеш со ракавот од

солзите мои.

Но тоа не си ти, тоа сум јас и мојата илузија.

Мојот ракав е мокар.

Тебе те нема ни до мене, ни на белиот ѕид.

"Дојди"-тивко.

Јас и ти.

Вресок, тонам.

Јас и дно.

Потонав во сопствените солзи, тивко

сè уште пробувајќи да ти верувам.


 

Нашата нова ẞ-поетеса е Теа Кокондоска! Таа вели дека пишувањето го смета како оставање на сопствената душа на парче хартија. Освен пишувањето, своето бегство од реалноста го наоѓање во читање проза, поезија и драми и верува дека еден ден во нејзините раце ќе ја држи својата прва книга.

Веруваме и ние!

15 views