..и кога заради љубовта паѓаат круните, таквите како ти и јас, остануваат без ништо...
Би менувала се, и идентитет и минато, само за да скршнам од сегашноста.
Не дека е последна ноќ како ги гледам твоите очи, не е ни последен миг како го слушам твојот глас, но е последен пат како моите очи ги бараат твоите, како мојот глас се соединува со твојот.
А баш оваа ноќ во нас има поезија, која листот хартија не би ја издржал. И баш оваа ноќ, кога животот за прв пат не допре, научивме дека тоа е само илузија, брзи моменти на среќа кои доколку не ги доживееш во целост, никогаш нема да се вратат. И не, не се вратија, ме оставија да молчам, да ги сокривам во моите стихови, и никогаш повеќе да не ги споменувам пред никого.
Кој ја научи љубовта на такво зло, кој дели душа од душа, кога толку го разочаравме светот, кој, кој дели душа од душа?
Јас знам, челичната насмевка ретко паѓа, и стаклено срце крши, но исто така, знам и дека разумот брзо ја враќа и крунисувањето на студеноста, нечесно го врши. Ме прашуваш: „Колку само жртви додека ти не ја победиш болката? Колку само бегства, додека не научиш повторно да сакаш?“
Но, мојата соба е повторно празна, ги чува сите мои сокриени емотивни испади, смеа, која никој не требало да ја чуе, солзи, кои никој не требало да ги види. Само сонцето ми е сведок, пробувам да ги заборавам, тивките, стари сенки.
...и знај, ќе гори гордоста во пламените јазици на каењето, но ќе биде премногу касно и се што ќе остане ќе биде пепел, пепел, со мирис на лето...
Нашата нова ẞ-поетеса е Барбара Мицеска, средношколец во медицинското училиште во Прилеп. Пишува и поезија и проза, а пишувањето го смета за најлесно соочување со чувствувата кои ги потиснуваме длабоко во нас.
Comments