Веќе некое време наназад имам тенденија да го обвинувам капитализмот за сѐ она кое не ми се допаѓа во светот. Морав да се преселам? Капитализмот е виновен! Сѐ уште постои корона? Капитализмот е виновен! Океанот гори? Капитализмот е виновен! И да, виновен е, но има моменти кога си велам, аман, може претерувам (не, не претерувам). Но, доколку сум сигурна за нешто за кое цела вина ја префрлам на капитализмот, тоа е мојот замор. Не, заморот на целиот свет.
Уште пред да постоиме на светот, системот ни има издиригирано животна траса по која ние треба да се движиме за да бидеме успешни граѓани во совршеното капиталистичко општество. На три години е веќе време за градинка, зашто твоите родители мораат да одат на работа за да можат да те издржуваат тебе, себе, сопружникот и најверојатно своите родители. На шест-седум години тргнуваш во основно. Секако, не само што таму не се запознаваш себеси, туку се губиш во вртлокот на пубертетот, но на твои четиринаесет години веќе треба да си во средно образование, со избран смер и избрани животни интереси, за потоа запишувањето на факултет да биде полесно. И некако четирите средношколски денови поминуваат похаотично, но и побрзо што си замислувал и доаѓаш пред една од најважните одлуки во животот – што ќе студираш? Тоа што ќе го студираш, најверојатно ќе треба да го работиш до твоите шеесети години, па затоа мораш да направиш разумна одлука! Не, не, без притисок, амааааааааа, да знаеш дека одбереш погрешно, сѐ понатаму ти е утнато (не, не ти е, туку така те учат дека ти е. Не ти е!). Не знам како, ама некако додека да трепнеш, веќе си стигнат до една од најважните етапи на предодредената животна траса и си академски граѓанин! И секако, ако си амбициозен (а мораш да бидеш!), по завршувањето на првичните три-четири години се запишуваш на постдипломски студии, пишуваш магистерски, па докторски труд, па веќе си вработен и работиш од 9-5 и животот се сведува на чекање двенеделен одмор во Калитеа. И толку.
Од совршено осмислената животна траса имам стигнато само до универзитетската станица. Бројам и сфаќам дека ова ми е веќе 14-та година во образование. 14 години наназад живеам за петок и за лето. 14 години наназад се будам во 7 наутро, доручкувам дома и пијам earl grey, заминувам на часови/предавања, поминувам барем 5 часа, се враќам дома и имам илјадници обврски и домашни и задачи и учење, вечерта имам курс зашто, нели, амбициозна сум и сакам да знам јазици и да имам подобри услови понатаму. Веќе 14 години се обидувам да спијам 8 часа зашто на Интернет пишува дека ако сакам да постигнам сѐ што сакам да постигнам, морам да бидам добро наспана, а некако не ми успева да бидам добро наспиена. Се прашувам зошто. И сфаќам дека иако сум во нова земја, на различен степен од образовниот процес, во сосема различен систем на предавање и учење, далеку поквалитетен, во суштина ништо се нема променето. Повторно е само октомври, „учебната“ година е едвај почната, а јас сум веќе уморна. Едно нешто ми се врти во глава и знаете што е тоа: капитализмот е виновен.
Не, не е до Македонија. Не, не е до нашето образование. Не, не е до мојот мозок. Уживам во малите моменти. Го сакам светот и си го сакам животот. Среќна сум и задоволна. Успевам да најдам време и за учење, и за пишување, и за моите блиски, но и за себе. Чекај, чекај, дали го победив капитализмот со тоа што сум задоволна од мојот живот? Не, туку станав дел од него.
Тоа што мојата перспектива за нештата е секогаш позитивна и како да е излезена од статија за тоа „Како да бидеш среќен во 10 чекори“ не ме прави над-човек, туку ме прави дел од системот кој јас толку страсно го плукам. И не знам, не знам што треба да правам. Дали треба да продолжам да се борам да опстанам во рамките на истиот, да се изборам да стигнам до врвот и да бидам жена која е успешна во кариерата, домот и социјалниот живот? Да не треба да почнам да инвестирам во акции и берзи и работи кои не ги разбирам? Или треба да се борам против системот, на ризик дека можеби нема да успеам? Или сепак успехот на кој мислам е повторно дефиниран од страна на капитализмот? Не знам. Не знам. Не знам. Едно нешто знам: уморна сум од тоа да бидам уморна девет месеци во годината.
Comments