Долго време размислував како да ги сместам нештата за кои сакам да пишувам во некоја од рубриките на Култура β, но со оглед на тоа дека секој од нив е специјализирана за одредена насока од уметноста и културата ниту една не беше најсоодветна за она за кое имав план. Одамна во градот не била актуелна некоја изложба без разлика дали станува збор за млад автор, група студенти или попознати автори, но дефинитивно една изложба која нè преплави сите и изложба за која дознаа сите, па дури и оние не-многу упатени во случувањата во светот на уметноста е ретроспективната изложба на Васко Ташковски. Признавам, не сум некој страствен познавач на ликовната уметност и ретко си давам за право да коментирам настани од тој тип, но овојпат импресиите не ми дозволуваат да останам сам со себе и со искуството кое го доживеав на оваа изложба и не можам истото да не го преточам во неколку зборови. Токму од оваа изложба, за која најдобро е да речам дека ме стави под преголеми импресии, успеав да најдам совршен формат за новата рубрика со наслов Импресии!
За оние кои не знаат, накратко кажано, Васко Ташковски е еден од нашите водечки надреалисти, претставник на еколошките теми, фантастичното сликарство и космичките теми на македонската ликовна сцена. Изложбата е поставена во Даут-пашин амам, а за публиката се поставени слики, цртежи и акварели од сите творечки фази на авторот.
Можноста да ја погледнам изложбата ја имав минатиот вторник кога со професорот по естетика Џепаровски, од катедрата по философија каде студирам, и уште неколку колеги од Општа и компаративна книжевност со кои заедно го слушаме предметот Естетика појдовме до Даут-пашиниот амам за директно да го искусиме „естетското“ преку творештвото на Ташковски. Самиот амбиент во кој е поставена изложбата, со самото влегување во Даут-пашиниот амам ви се чини дека влегувате во најсветото место во кое уметноста ви е малиот олтар преку кој се нурнувате во светото. Питорескно! Да, така го нареков ова искуство на надреализмот на Ташковски. Низ сликите кои ги погледнавме тој дише, а со толкувањата на проф. Џепаровски тие ја добиваа својата смисла. И конечно, една од колешките која беше со нас го запримети и самиот Ташковски кој беше таму. Му пристапивме сите. И ја имавме можеби најубавата можност при едно уметничко искуство – интерпретација на сопствената уметност директно од авторот. Тој скромен човек кој одвои 20-тина минути и ни раскажа неколку анегдоти од неговиот живописен живот и ви се чини дека ве извадил од реалноста и ве однел на некое метаниво.
На почетокот на изложбата изложени мали, скромни скици и нацрти, претпоставувам од раната фаза на неговото творештво, а во секој нареден дел сè поголемите, повозбудливите и попиторескните слики на Ташковски. Во секоја слика евидентна директната посветеност на прецизната рака, со видливите движења на самата четка, совршените бои кои ве влечат накај себе, а во позадина го слушате Ташковски како зборува за сето тоа. Ниту една изложба на која сум бил во Скопје не сум го доживеал ова чувство како тука – питорескно. Од убаво – поубаво. Возвишено. Сè до претпоследниот дел каде што веќе сте малиот човек пред големите дела, а во последниот простор од Даут-пашиниот амам изложени делата од еколошката темна фаза кои ве носат до некое ново познание и слика за светот. Не знам – излегов инспириран.
Парафразирам: „Доаѓам дома и си ги пуштам оние руски импозантни мелодии и почнувам да сликам“ – и тоа е сè што ќе си дозволам да пренесам од тоа што Ташковски ни зборуваше.
Фотографии од изложбата воопшто не стигнав да направам поради импресираноста која ја имав, така што одвоив избор од неговите дела кои се изложени. А јас само ќе речам: Одете, посете ја изложбата додека сè уште е поставена!
Comments