• Култура β

Под железницата - Никола Донов

Поминати се точно петнаесет минути од последниот пат кога возот помина низ пругата близу до мојата куќа. Тоа го тврдам со сигурност, бидејќи токму тогаш го проверив телефонот за да видам дали некој ми пратил порака. Зборот ,,некој“ е доста неспецифичен збор, такашто подобро би било само да кажам ,,таа“ за да бидам поконкретен. Дури и да е некој друг што ми пратил порака, секако дека нема да ја отворам. Ме интересира само тоа што има да ми го каже, а најчесто тоа е ништо.

Во слободно време ги бројам возовите што поминуваат во рок од еден час, а деновиве имам многу слободно време. Куќата ми е позиционирана така што има совршен поглед кон таа пропадната скопска железница, којашто сигурно ќе се урне за педесетина години. Ако поради некоја несреќна околност вие некогаш сте се нашле на пругите, тогаш би можеле да разберете што зборувам. Железото на самите пруги е р‘ѓосано веќе со денеции, а камењата натрупани насекаде како да се тактички поставени за да се сопнуваш од нив. Секако дека преувеличувам, но сигурен сум дека многу луѓе го делат моето мислење дека таа железница е многу мизерна.

Што ме прави мене тогаш, што морам секој ден да поминувам под неа? Па и не ми е потребен одговорот го знам. При било какво одење во центар, па и за најмалата работа, морам да поминам под тој железнички мост што се наоѓа близу до мојата куќа. Околу него насекаде има трева и жбунови, од каде што цело време мислам дека ќе ми излезе некој човек со маска да ме ограби или убие. Сигурно гледам премногу филмови. Многу одамна, летно време таму се населија оние градски скитници што можеш да ги најдеш во најблискот контејнер. Не знам зошто, но додека тие беа присутни, се чувствував побезбедно поминувајќи под мостот. Кога дојде зимата, тие си отидоа, местото повторно изгледаше како сцена од хорор филм.

Да би бил во хорор филм, би бил првиот убиен. Немам никаква ориентација, ниту пак свест за просторот околу мене. Се движам, но секогаш се чувствувам како да стојам во место. Спијам, но очите ми се отворени. Ако случајно некој маскиран убиец би ми дошол во пресрет, најверојатно не би ни приметил се додека не почнам да крварам. Единствено светло што ме води низ светот е таа гореспоменатата, а бидејќи таа не е моја, тогаш не ни баш некоја добра водилка.

Денес таа не примети дека постојам, па не приметив ни јас дека постојам. Моментално поминувам под железничката пруга, а се чувствувам како буквално да се телепортирав до тука, а не дека одев. И токму како што претпоставив, воопшто не ни приметив кога една бабичка облечена во стара и скината црвена јакна ми се појави пред очи. Кога го уклучив мозокот, почнав да размислувам дали таа беше пријателка на баба ми. Ми беше позната, но не знаев од каде.

- ,,Како е жена ти?“

По тоа прашање, сфатив дека таа беше само сенилна бабичка што веројатно мисли дека сум и син или нешто слично. Не знам зошто, но нејзиното прашање ме вознемири, па пробав да ја заобиколам. Повторно ми застана пред очи.

- ,,Извини. Како е девојка ти?“

Бев сигурен дека се наоѓам во некоја тв-емисија. Мислев дека се побива со мене, но како би знаела за мојата љубовна несреќа? Повторно се обидов да ја избегнам, но повторно ми застана пред очи.

- ,,Извини чедо, таа е само другарка, нели?“

Крвта почна да ми врие. Не можев да се соземам. Ја зграбчив и со сета сила ја фрлив кон тревата. Почнав да ја удирам силно, па посилно, па посилно, додека не го извадив сиот гнев што ми го створи.

Кога конечно се смирив, таа веќе не зборуваше ниту дишеше. Јас убив невин човек, само поради тоа што нејзините безначајни зборови за мене беа подбивање. Не заспав цела вечер и бев сигурен дека утрото полиција ќе ми тропне на врата. За прв пат после долго време, почнав да размислувам за мојот живот, за себе и за другите луѓе, а најмногу за лицето на мојата мајка кога ќе ме влечкаат низ врата. Наредното утро, ништо не се случи, но мене сѐ уште ме јадеше совеста. Не ни помислив да се вратам на местото на злосторството. Утрото по тоа, повторно ништо не се случи.

Чекав долго време, ништо не се случи. И потоа почувствував слобода. Се погледнав во огледало, и конечно сфатив од каде ја знаев бабичката. Таа ме знаеше од мал, но не беше пријателка на баба ми. Знаеше се за мене, а јас за неа ништо. Таа беше јас, а јас не ја препознав. Кога одев, таа е таа што ме држеше во место. Кога гледав со очите, таа беше таа што ми ги затвораше за да мислам дека спијам. И кога девојката од моите соништа се наоѓаше пред мене и блескаше, таа светлината ја згаснуваше со нејзиниот подбив. Јас ја убив, и сега веќе ја нема.


 

Новиот краток расказ што го објавуваме е на младиот автор Никола Донов!

Пишува од прва година средно мотивиран од професорката која конечно го мотивирала да чита редовно. Ни кажува дека за него пишувањето не е бегство од реалноста, туку напротив само креирање нови варијации на реалноста гледана на поразличен начин од тоа што објективно е.

18 views

Recent Posts

See All

Таа имаше љубов подлабока од морето, и душа поголема од универзумот. Ќе дадеше сè од себе за тие околу неа да се среќни, не обрнуваше многу внимание за себе. Сè додека не ја запозна својата прва љубов