top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија наместо колумна од Ана Илиева

Оваа недела правиме пауза од колумните, па по тој повод објавуваме поема од нашата редовна колумнистка Ана Илиева!


доволно ми студеше

можеби беше крај

крај на романтичарењето,

крај на безделничењето,

крај на џабемечтаењето.

сонив сон

мама, тато и јас,

Индија беше на север од нас

и ние патувавме во безгриничноста

до најсветлосиното индијско езеро:

не постоеја автопати,патарини,граници

не постоеја ни сомнежи, ни стравови

не постоеја послатки жолти цвеќиња

и ние патувавме и патувавме до Индија

пеејќи песни безгласни,

шетајќи низ разнобојни пазари,

смеејќи се на случајни минувачи,

лево - право километри - десно

стигнав до змиско-зимска Русија

среде поле снежна белина

среде снежна белина - дрвена куќичка

ги збрав крај мене јазикоуништувачите

ги збрав крај себе нивните

оправданија,жаленија,поплакувања

и ги принудив да ја чујат

Прличевата автобиографија

и сонливо сонувајќи ги соништава

храбро летајќи низ планини и котлини

судирајќи се со чисти бели облачиња

доживувајќи ги сите годишни времиња

сретнав Солунјани - браќа, љубови.

Нежности си бевме подариле

Насмевки си бевме споделиле

А солзите збогувачки ни беа ветиле -

ќе се сретнеме, ние, на патот животен.

Се разбудив вo Скопје [на Пиво Фест!]

Паркети лудило беа создале

и ние, сега се сетив, на Месечина сме

на Месечина сме се заборавиле!

А Скопје сега на трап се возбудува,

и техно, трансовиве се сè почести,

а летото 1762, кој ќе го памети?!

Скопје ќе си ги чува во себе

спомените љубовни

и, погледнувајќи нè, ќе ни раскаже

што сè не видовме и не почувствувавме,

кои луѓе ги пронајдовме

кои луѓе ненамерно ги загубивме

и ќе нè одведе на патот патот каде неслучајно се спојуваат -

молкот и револуцијата,

надежта и сончевината.

Пораснавме патувајќи

Пораснавме сонувајќи

[Добредојде во ново животно поглавје!]

 

Ана, инаку, е редовен член на Култура β, нејзините колумни се достапни еднаш неделно на нашите платформи. Неодамна учествуваше и на нашето прво поетско (онлајн) читање кое може да го погледнете на нашиот инстаграм.

.Таа дефинитивно има богат опус на активности, своето детство го поминува пишувајќи поезија и проза, а нејзините дела се објавени во седум стихозбирки, од кои за неа најпосебни се книжевното дело „Јас, ти и Скопје“ и зборникот од меѓународен фестивал на поезија и проза „Фантазија и сништа“. Во Скопје, таа има организирано две поетски читања - „Хуметност“ кое е дел од големиот хуманитарен настан со цел помош и поддршка на дечиња од Дневен центар за деца на улица и „Скопски летни воздишки“ каде самоиницијативно се обидува да го разубави и раздвижи градот кој ѝ е најголемата инспирација за пишување.

Покрај пишувањето, таа е вљубена и во волонтирање – дел е од членовите на Здружението за едукативен развој „Еквалис“ во тимот на млади активисти, граѓанската организација „Младите можат“ во тимот за кариерно насочување и Радио МОФ во тимот на млади новинари.

コメント


bottom of page