Сите мои кошули
Навлечени на секое мое тело.
Ги здиплив.
Соблекував,
Облекував,
Пресоблекував до гола кожа.
И диплев.
Диплев
Празници,
Делници.
Соблекував,
Облекував,
Пресоблекував до гола кожа.
И диплев.
Од себе распарчував,
Ткаенина,
Превез.
И диплев.
Здиплив
Точно толку копнеж,
Точно колку крв на забите.
Оти диплев.
Облекував,
Соблекував,
Пресоблекував,
Па, и кожата твоја ја навлеков.
Меѓу ребрата ти видов оган.
Ми пламнаа и моите.
Уште диплам.
Диплам денови без жар.
Диплам денови опожарени.
Диплам денови до новите пожари.
Оти и во водата која ме крштеваја,
Оти и во молитвата што ми ја прошепотија,
Оти и во гробот во кој ме закопеа,
Оти и на млекото што ме задои,
Оти и на сите мои облици,
Впишаја создавачите
Кои вдахновија живот на мојата прав,
Постоиш дури гориш.
Па, диплам.
Диплам време сред невреме,
Да горам дури постојам.
Оти постојам дури горам.
Вероника Димоска е бруцош на Медицинскиот факултет Павлов и зад себе има оставено една поетска збирка под наслов „Пркосни расписи“. За себе вели дека е постојан вљубеник во пишаниот збор и искрената емоција и ни кажува дека слепо верува дека љубовта ќе го спаси светот.
Comments