Таму некаде во Париз. Сè беше исто.
Туристи си врвеа, насмеани лица насекаде. Уличните светилки светеа, камбаните биеја. И моето срце биеше. Туп-туп, туп-туп … Плоштадите преполни со распеани музичари, а во ќошињата ќе се најдеше и по некој питач. Златното сонце боите ги распостилаше на сивиот и жежок асфалт. Во оние малите и тесни кафулиња си работеа старите келнери, само што имаа нови кошулчиња и ведра насмевка а и нови луѓето си одмараа покрај нив. Но, само јас се разликував од сиот тој среден хаос, зошто бев полесен за едно срце. Полесен од минатиот пат кога бевме заедно. Кога бевме две души склопени во едно тело. Кога беа две души во една слика. Слика токму пред Ајфеловата кула,
голема како нашата љубов. На моменти и недостижна. Многу висока. А сега една слика си направив за спомен. Не дека не сум бил, но колку време да помине. Sидчето на кое те насликав едно стопати,
иако избледено и изгребано од заљубени парови, како што бевме ние нели, сепак го имаше истиот упадлив сјај. Светлиот сјај останат од тебе, кој сега којзнае каде го носиш со себе и на кого го преливаш. И така облеан од сончевите зраци, кои предизвикуваа огромни проѕирни капки пот на моево чело, се одлучив да се скријам од пеколот. Пекол пред очи, пекол во душа. Го бараш твоето сонце да те осветли, да те огрее и стопли во душата, а ти смета она сонце пред тебе, што ти блеска во очи. И уште те нема сонце мое. И да, се скрив од тој мој пекол што ме демни насекаде, па си тргнав по старата калдрма меѓу кафулињата. Таму ѕвоната ме потсетуваа на најубавите звуци од мојот живот. Кога ме држеше за рака и ми велеше дека тоа е сè што ти треба во животот. И најдов една не толку длабока сенка, но доволна да се скријам
од џагорот околу мене и сончевите зраци над мене,
па си седнав пред ,,нашата” фонтана во малечкото паркче, каде ги раневме гулабите и слатко се смеевме. Иако седната во скут, не беше едноставно
да те издржам повеќе од 15 минути, те држев и по половина час. Љубовта ти дава крилја, та можеш и планини да прелеташ. Да, со тебе сум летал и прелетувал. А сега не знам зошто не можам да изодам ни два чекори, зошто како сидра ми се за закотвуваат нозеве во земја. Како моето срце во твоето тело закотвено веќе одамна. Во еден момент капките од фонтаната ми ја намокрија кожава. Почувствував некое благо разладување
и како да бев заспан, па ме тераше некој да се разбудам. И да се разбудив од тој сон. Сон како јаве. Дали си ми ти јаве или сонот ми е реалност, навистина не знам. Но, често ми се случуваше да се здогледам во сонот, а потоа да сакам да се разбудам од преголема реалност токму во тој сон. Уф, што ли е ова и каде ли оди.. Подобро да прекинам да сонувам и да почнам да реализирам, бидејќи од сонот можеш да се разбудиш и избегаш. Но, од реалноста не можеш.
Нашиот нов ẞ-поет е Александар Величков. За себе вели дека зборува за гласот на тишината, пишува за сето она кое го изговараме со затворена уста. Инспириран е од ,,малите луѓе" во овој голем свет и затоа се одлучува сето она кое му потскокнува во душата да го пренесе на лист хартија.
Comments