И ќе речат нешто и ќе прашаат,
но ти тука одговорот
нема да го најдеш.
Го скрив во огнот и во пепелта
од мојата десетта по ред смрт,
се навратив на цел мој живот
веќе неколку пати досега
и не знам дали можеш да ме чуеш,
а јас со зборови не повикувам.
И пак ќе се навратам и на ноќите
и на месечината
и на нејзината целост
и на празнината
и на сѐ што ме натера
да почувствам било што и било кога.
Во сопствената пепел
ќе ја пронајдеш крвта
на сите оние кои те создале
и обликувале и оформувале
и менувале и поддржувале
и критикувале и оние кои биле
и оние кои тука не биле.
Се прашуваш што е целта на ова.
Твое е да одлучиш.
Не ставив ниту синџири ниту калапи
за да не ти ја ограничам мислата,
а ти сепак ќе навлезеш во најголемите дилеми и ќе анализираш.
И не ќе ти е чудно што ти е чудно
бидејќи чудно е што дури и мене
на многу начини ми е чудно
и и јас овој дел сега го откривам.
И пак ќе речат нешто
и пак ќе прашуваат,
а јас пак ќе ти речам дека
одговорот ти тука
нема да го најдеш.
Кристина Дојкоска е поетесата која зема учество во единаесетиот ден од поетските недели. Таа по вторпат објавува поезија на Култура Бета, пишува од најмала возраст, а за поезијата додава: „ Мислам дека уметноста воопшто, но најмногу поезијата се едни од најсубјективните работи на светот, исто како и самиот живот, исто како и оваа поема. Нема погрешен начин на нивно интерпретирање.“
Comentarios