• Култура β

Поезија од Мила Коруновска

Маса за двајца


Еј ти,

чекориме еден крај друг,

а не се познаваме.

Велиш времето убаво е,

а јас сум наврната до коски.

Ти посегнувам по дланките,

а ти си плетиш ракавици.

Од твоето постоење претура копнеж,

а јас цветам неприсуство.

Си ми зачувал место до себе,

а јас седнувам сама на маса за двајца.


Еј ти,

со задоцнување долетуваш низ прозор,

а јас се искрадувам од задната врата.


Враќање дома


Има патишта од кал и камен

кои водат до тиркизни градини.

Тргнуваш, а не стапнуваш;

оставаш траг, а не допираш.

Секоја празна куќа

покорно си ја чува топлината што била.

Ластовиците неприметно се вратија

и пеперугите и пчелите долетаа,

„дома си е дома“ – прошепотија.

Тука синото е најсино,

а плодот и зачетокот се држат за рака.


Има мостови од шеќер и млеко

кои не попуштаат на топол ден.

Сета жива и нежива природа воздивнува:

-„синото не е сино од кога те снема“.

Врати се,

врати се дома.


Есен


Ќе ѝ речеш ли на Есента:

-„соблечи се пред да влезеш“,

па таа босонога, растрчана,

септемвриски прав да ти соли во сите твои соби?

Ќе ѝ наместиш ли постела на поткровје,

да ѝ е најблиску Сонцето?

Умееш ли да ѝ скроиш кошули

и да и ги преврзуваш раните трипати дневно,

а шест во саботи?


Есента е со години тука,

таа не одбива гостопримство

и го фали моето трпение.

Јас и таа, симбиотски приврзани –

рака под рака, душа в душа.

Веднаш штом се спакува да си оди,

ѝ ги горам куферите,

ѝ ги гребам раните.

На мајка ми ѝ реков:

-„убаво ѝ е тука, нејќе да замине“.

А јас чинам, свикната на нејзиното сеприсуство,

не си се препознавам.


Есента ми рече:

-„влези, не се слекувај“.


18 views