Ти-прасупстанца
Ти си за пакости роден ветер,
за умирање створена голема вода,
немирен, нескротлив пламен,
пламена, лута земја.
Ниту в очи вода имам,
ветерот само златни лисја в коси ми носи,
но горам, в пламен сум сета,
ко восок се топам и паѓам на земјава клета.
Те гледам тебе-тело в воздух развиорено,
образ црвен од огнен бакнеж,
очи темни, опојни,
клепки тешки, тромави.
И пламените ти згаснаа,
и виорот те одљуби,
а ти сеуште ме гледаш в врв очи-
поглед врз поглед натежнал,
татнеж од зора проникнал.
Hey you!
Ќе ти подарам тајна
за грст среќа безболна;
ќе ти продадам уште една
за грчав бакнеж полн топлина;
Еј!
Дај ми мир!
Ќе ти возвратам со светот послужен на тацна,
се надевам нема да е веќе доцна;
Еј!
Дозволи ми да вдишам спокој!
Залудно цимолам, зарем слуша некој?!
Еј!
Еј!
Еј!
Дали сум лага?
Парките не знаеле што да ми надредат,
па ме оставиле така,
без цел,
ме фрлиле да лутам низ вселенава,
на бескрајна Одисеја,
да лебдам без крилја,
да бидам постојана ѕвезда пред колапс
и никако очи да склопам,
да бидам тука
и цели векови од овде во исто време,
да можам да раѓам
и да експлодирам,
и син и ќерка да бидам,
ме фрлиле в прегратка на ѕвездите,
а и тие не знаат што со мене,
не знаат кое име да ми го дадат,
во чие тело да ме преродат,
колку да ме сакаат,
па ме нарекуваат драга,
и Миха,
и ангел,
и нивен господар-Божји близнак;
се подаваат со мене,
ме расфрлаат низ вакумов,
де ме сакаат,
де ме мразат,
не знаат вината за моево постоење чија е,
облека од космички тела ми исткајаа
и врз мене ја фрлија,
и пак не знаат што сум,
и зошто сум,
и никако очи да склопам
Заблуди
дада е анти дада,
Јас сум анти Јас,
и се обидувам да зборувам со Бог
за да бидам сигурна дека постои
и дека тој не е Јас,
и сакам да си ги изгорам ретините,
да почнам да доручкувам терпентин
за сите да ми бидете ѕвезди-
да не бидам единствната што блеска.
Машинерија
Имам градна шуплина полна светлина,
Над мене ѕвезда,
Јас сум динамо,
Јас сум машинерија.
Му ги подавам рацете
Ми возвраќа само натприроден мрак
И бескраен крик од болка,
Постојан урлик-
Небото е динамо,
Небото е машинерија;
Си го слушам крвотокот,
Сигурна сум дека срцево експлодира
Излегуваат светулки,
Ме преплавуваат,
Летаат кон небото-
Илјадници светла.
Над мене ѕвезда,
Јас сум динамо,
Јас сум машинерија
Во потрага по древната врска со небото
„Со пишување се занимавам уште од кога знам за себе си бидејќи ми е начин да си ги подредам мислите и да ги извадам од себе сите мисли и емоции-добри или лоши. Обожувам да внесувам симболи (понекогаш многу лични) во поемите, па затоа некои од нив може да се чудни и не разбирливи на прв поглед. Дадаизмот, егистенцијализмот, апсурдот и мистиката ми се најголемите инспирации и мислам дека тоа се приметува веднаш.“ вели Михајло за себе.
Comments