top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија од Симона Алексоска

Моето име

оваа година

не беше слобода,

моето име беше притвор.

И презимето

не ми беше љубов,

туку сочувство.

Ве крунисав

со темпирана бомба

и ве чекав да пукнете

- од страв,

од паника,

од еден телефонски повик.

Ви ги отклучив стравовите

и ве пуштив да сте гладијатори

против ѕверот во вас.

Ви го одзедов правото на милост

во свет каде милоста е спасот

и допирот ви го забранив,

да не ви остане трага

на прстите од кожата на љубениот.

Жал ми е

што деновите ви ги пресметав во секунди

на миење раце,

жал ми е

што деновите ви ги пресметав во бројки

на тие кои туѓи грешки отплатија.

Барем ве научив

дека времето

иако застана,

не прекина да ви тече животот

и ве научив

дека границите

во вас се ширум отворени

иако тие што ги створивте вие

мислевте дека ве кочат во патувањата.

А вие,

сплотени,

ме испраќате да си одам

со се' товарот што ви го оставив,

да ви ги вратам прегратките

и да ви ги укинам казните за љубов.

В година

името ќе ми е среќа,

а презимето допир.

В година

ќе ве слушнам како на концерт

сите низ солзи пеете

и ќе ве видам

како без страв тој до вас го прегрнувате.

В година

ќе ве видам како се пакувате

и како го освојувате светот,

ќе ве слушнам повеќе од двајца

како се смеете гласно.

В година

светот ќе ги слушне задоцнетите,

в грло останати насмевки,

в година

близината ќе ви е приоритет

и допирот ќе ви е поважен.

И најбитното,

в година

ќе знаете кој ви недостасува најмногу

да му се стрчате в раце,

а за тие што нема да можете

- ветувам

дека нема да ви одземам ништо веќе.

Си ги пакувам куферите

и си одам,

знам каде е излезот

и се вика

збогум.

 

Симона Алексоска е авторка која освојува второ место на конкурсот за поезија „ДАТА Песнопој“ во 2020 година за нејзината прва книга „Променлива“, а од тогаш ја спрема и својата втора книга.

コメント


bottom of page