top of page
Writer's pictureКултура β

Поезија од Симона Алексоска

Ти посакувам многу убави зајдисонца, и ако не сум до тебе да ти скокам наоколу, излези на тараса и погледни нагоре, сигурно светкам во некое друго небо, ама рефлексијата секогаш ќе допира до тебе. Ти посакувам бескрајни среќни дни, со сите што ги сакаш околу тебе иако тоа може ќе си само ти, сам, во ред е само ако си среќен. Ти посакувам дождливи денови, бидејќи знам дека ги сакаш и на тие денови ти посакувам да ти е топло и облаците од надвор да не те натежнуваат тебе. Ти посакувам да имаш мир и тишина, но поднослива, да имаш доволно звуци на радост кога тишината е загушлива. Ти посакувам срце за да те сака и кога не си за љубов, раце да те чуваат кога се кршиш, очи да те гледаат со иста среќа како јас, та сметам повеќе не може од она што ти го дадов живо битие да предаде на друг, а не заслужуваш ништо помалку. Ти посакувам да ме паметиш и да ме бараш наоколу во најубавите работи кои никогаш не ги уживаше, во најчудните бои и ти кажав, сите ѕвезди на небото. И ако некогаш ми посакаш и мене нешто убаво, не чекај, дојди, светов не видел ништо поубаво од тебе.

 

Симона Алексоска е авторка која освојува второ место на конкурсот за поезија „ДАТА Песнопој“ во 2020 година за нејзината прва книга „Променлива“, а од тогаш ја спрема и својата втора книга.

Comments


bottom of page