• Култура β

Поезија од Јелена Ѓиноска

Трето лице


Не останав на едно копање до бездната..Никогаш не останав на една рана, на една насмевка, на една грешка. Луѓето тежнеат да ги направат одново истите грешки очекувајќи различен исход. Како духови програмирани во нечиј живот, слепи копнежи редиме по број. Некогаш во глувата ноќ седнувам тивко на тремот. Гледам во некоја далечна ѕвезда и чекам одговори. Капка по капка од отровот кој се слева врз моите органи ми дава некоја утешна топлина. Ми дава утешна сила да почнам да ги бројам сите мои копнежи, сите мои рани и грешки. Да се сетам секогаш кога ќе замижам цврсто на сцените во кои јас самата бев безвучен дух во нечиј живот. Како филм сцените се вртат, а јас само сакам да ги запрам , да ги дофатам, да ги сменам. Залудно. Онаму каде што имало оган сега е црна пепел. Слепо ја воденам со моите солзи. Секое утро проверувам дали израснал нов живот. Агресијата е заштитник на стравот, често ќе помислам. За сите наши постапки , за секоја непромислена реакција. Како некој опседнат демон кој наминал само да ја руши твојата куќа и спокој и на крај си оди. Ти остануваш да гледаш во целиот гнев кој ја руши куќата. Како трето лице. Секогаш како трето лице. Се додека не дојде миг каде што твоите неколку лица ќе го пронајдат својот мир во ТЕБЕ. Секогаш беше само ти, и никој друг. Со скоро незабележлива насмевка , со чаша вивната кон ѕвездите ....наздравувам. Но овој пат за себе.


Те видов

Те видов таму каде што не требаше , таму каде што најмалку беше посакуван. Во онаа мала пукнатина на мојата душа, мојата совест, моето срце. Како мало, не забележливо пукнатинче врзано во чворовите на моето битие.

Те видов... Те видов и во сите замижани очи. Те видов во секоја приказна што не беше нашата, а беше споделена со некого. Стоеше без колебање, чекајќи ме... Да се освестам, да те забележам... Да те сакам! Како некој пред тебе и никој после тебе, да те бакнам како никој пред тебе и никој после тебе.

Те видов и додека капките дожд паѓаа како олово врз ладниот асфалт и сè што сакав е да уживам сама со својата сенка. Седеше непоколебливо водејќи љубов со мојот дух . Кожата крена револуција, срцето го бараше својот пат за бегство, разумот одамна беше исклучен.


Те видов... Те видов со сите твои мани и прекори. Те видов во целата злоба од која се воздигнаш, црнилата од тебе се одвојуваше како старата кожа на змијата. Те видов и кога беше тажен после скршено срце, те видов како паѓаат твоите солзи и твоето срце се крши само во тишината. Уште ми одѕвонува звукот на кршењето на твоето срце, а мојот лепак е одалечен од тебе за неколку години. Држи се љубов ти викам во немата тишина. Држи се тука сум те гледам веќе некое време. Ти ги гледам пукнатините на душата како што ги гледаш и ти моите. Држи се цврсто за себе си, ќе ми треба твоето сè еднаш кога светов ќе запре.

 

Јелена е дел од седмиот ден од двонеделниот поетски циклус на Култура β. Таа за себе вели: „Човек кој цврсто верува во доброто во човекот. Хуманитарна личност со големи визии , која се губи во безброј приказни меѓу страниците на книгите. Оставајќи дел од својата душа на лист хартија и во секој човек кој е близок и на кому му е потребно.“

16 views