Една од многуте нешта за кои несомнено во огромна мера допринесува развојот и комерцијалноста на социјалните мрежи е токму секојдневната изложеност на различни коментари и ставови во однос на актуалните прашања. Дефинитивно, овие платформи се уште една можност повеќе и уште поочигледно е дека имаат свои предности. Но, секако и уште повеќе недостатоци.
Правото на слободно изразување (и во онлајн просторот) е неоспорно право на секој човек, па така и на познатите личности од културно-уметничкиот свет. Нормално, со секое право доаѓа и одредена одговорност. А зошто оваа одговорност расте пропорционално со популарноста? И дали треба да се плашиме од влијанието на познатите личности врз мислењето на јавноста за прашања надвор од рамките на нивната експертиза?
Како човек кој се обидува постојано да ги разгледува нештата повеќестрано и се обидува да се држи на страна од пристрасност, во никој случај не би сакала да иницирам на кои било познати личности конкретно, најпрво затоа што сметам дека тоа е крајно непотребно бидејќи оваа појава ќе ја разгледуваме само како таква (зависно кон чија полза е наклонета). А, потоа и затоа што коментарите за актуелни светски прашања или залагањето за одредени, неретко и политички каузи од страна на нашите жаргонски наречено ‘’mainstream celebrities’’ е мошне интересен феномен кој со сигурност може да се генерализира. Ако се сомневате, слободно отворете го профилот на некоја позната личност што ја следите и на кратко разгледајте ги нејзините објави.
Често ќе наидете на објави со некаква општествена позадина, а уште почесто особено за време на избори (благодарение на сѐ повеќе застапената американизација во содржините кои се пласираат на светските мрежи). И секако овие објави се секогаш исти и цитирани, или се визуелно интригирачки и даваат многу суптилна асоцијација, а понекогаш се и многу отворени па јасно го сервираат ставот на личноста која ги постира, невоздржувајќи се ниту од повик ниту од апел кон јавноста да го сподели истиот па дури и да дејствува во тој контекст. Сепак и покрај сето ова, она што овие објави се многу ретко (со минимални исклучоци) е добро агрументирани, поткрепени со докази и изречени од луѓе кои се навистина информирани за она коешто го застапуваат. Меѓутоа и покрај сѐ брзо прераснуваат во тренд.
На изглед, проблемот којшто се јавува овде не е кристално јасен. Бидејќи сепак се работи за нешто коешто е целосно оправдано и нормално претставува индивидуална слобода. Но, затоа ние сме овде како јавност морално да го процениме, пред сѐ како појава, но и да пресудиме за тоа какво и колкаво влијание истото врши врз обликување на нашите ставови. Интересна против теза која неодамна ја слушнав е онаа дека ние како како индивидуи постојано пробуваме да ги пласираме своите мислења и на некој начин дури и да ги наметнеме на останатите. Наједноставен пример за ова се разговорите кои ги водиме со нашите најблиски за некои покомплексни прашања кон кои имаме различен пристап. Сепак во што е разликата?
Најпрво, во статусот. Апсолутно постои огромна разлика во тоа да дискутираш очи во очи со некој пријател за одредена тема (кога двајцата се наоѓате на делумно исто рамниште во дискусијата), а сосема е поинаку истата да биде еднострана и уште згора на тоа да доаѓа од некој на кого се огледуваш, кого го величаш. И секако како фанови, најверојатно не би ни паднало на памет да ставиме прашалник на она што ни го кажуваат луѓето во чија музика уживаме, чии филмови ги гледаме, оние кои можеби ни се и идоли. Нивните мислења скоро и не постои начин како да ги предизвикаме, ако во краен (неверојатен) случај се одлучиме да им пристапиме критички. Дали ова може да се смета како искористување на позиција во одредени случаи?
Всушност, постои и подобро објаснување за тоа зошто нивната одговорност е поголема. Наједноставно кажано, во дискусија обичниот човек може да го образложи своето мислење во својот круг, релативно неважен на глобално ниво, за разлика од личност со милиони следбеници на секој нејзин чекор и солиден број на посветени обожаватели.
Kако и секогаш, одговорноста повторно е взаемна. Не само што би било пожелно познатите личности да ја земат предвид моќта која ја поседуваат и можеби да го преиспитаат начинот на која ја користат, но исто така и јавноста треба сега повеќе од кога било претходнo да ги изостри своите сетила. И за крај во зборовите на една безвременска рок легенда: ,,Кога музичарите им кажуваат на слушателите за кого треба да гласаат, мислам дека тоа е злоупотреба на моќ. Им кажуваш на своите фанови како да мислат. Музиката е слобода, а тоа не е слобода.’’
ความคิดเห็น