Сакам да бидам оној вид на девојка, за која што се пишуваат редови на беспрекорна поезија. Наведнати над маса во 2 по полноќ со сенишна светлина над празен бел лист хартија, затоа што не си дозволуваат да спијат додека не најдат начин да го опишат начинот на кој што работат моите мисли. Но, нема ништо убаво да се каже. Мислев дека поезијата треба да биде убава и нежна? но сега гледам дека се само пијани мисли на осамени поети во доцната ноќ, додека се предозираат на својата депресија и анксиозност и притоа создаваат култ кон болката. Мојот ум работи на кофеин, премногу чувства и непостојано срце и неуредни морали, а телото стегнато од мешавина на емоции. Гнев, тага и фрустрација. Но сепак се прашувам дали постои некој кој што може да ме претвори во поезија. На празниот лист хартија да пишува редови, да каже дека моите коски, ребра и лузни се токму тоа што сака да види. Да ме стави на највисока полица и да пишува за мојата пребледена кожа која што според него совршено одговара со моето изгладнето тело. Толку студено, толку лесно, толку слабо. Да бидам ликот во нечии мисли, да живеам според нивниот идеал. Но, сепак кога во ниедно време од ноќта сум осамена и во делириум се прашувам дали би се чувствувала затворена од нивните зборови на листот хартија?
Ивана Дамчевска е авторка која доаѓа од Прилеп, а учи во средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“. Таа за себе вели: „Доста сакам да помагам, а во слободно време се занимавам со пишување, кое што ми помага да се соочам со оние потешки денови. Иако за сега пишувањето е само хоби се надевам за поголеми достигнувања во иднина.“
Comments