Фолд. Денес ги повлекувам сите свои влогови…
Трчав по снегот дур времето ми бегаше од рачниот часовник. Салата се полни во далечината, а јас немоќен да ги стигнам сказалните кои побргу кружат од што јас можам да истрчам. Десет часот е и јануари имаше в план уште долго да нѐ дружи. Ќе излажам ако кажам дека на време стасав, ниту пак задоцнив премногу: панелот беше започнал неколку моменти пред мојот влез во салата. Густи толпи, тивка сонливост и екологија на дневен ред. Почнавме со забавено темпо и темни разговори кои молат за светла иднина, а потоа надоврзавме уште седум часа оптимиситчки пораки и „зелени“ агенди. Полемизиравме со часови и мотивиравме генерации и повторно седмиот го заокруживме со бело ќесе во пластична чаша јогурт и сусам од изеден ѓеврек, оставени на стол зад некоја енигма со желба за слобода и затворен ум. Веројатно теоријата беше закажана за тоа јануарско утро, а праксата за некоја следна прилика. Нејсе, достигнавме триумф на рафинирана иронија, зар нѐ личи нешто покусо!?
(Театрално смеење)
Каде ли води оваа наша (не)свест? - по невладини организации и залудно општење со четири ѕида и половина луѓе, нема каде на друго место! Неформалната едукација е повеќе од нужна за развитокот на една млада личност во дваесет и првиот век - но во суштината таа е суфикс на донегде цврсто образование и функционално воспитание, кои, за жал, кај нас се во дефицит. Првин треба да раатисаме од нашите НЕсвест и општествена НЕодговорност, па дури кога ќе ги парасаме префиксите, можеме да почнеме со изнаоѓање на решенија за ‘популарните’ проблеми. Велат разбирањето меѓу добро образован човек и целосно необразованиот е лесно остварливо, но во случајот со полу-едуцираните [разбирањето] и за едните и за другите е чиста фикција. Знаете, они слушнале нешто, ама нешто и не дочуле, а сепак се толку уверени во своите цврсти ставови, та ни пајак служба не ги померува.
Но, што му останува на младиот, образован човек како исклучок од таквата толпа? - па само да си ги предаде влоговите и повлече картите и да се моли за што помала загуба; му останува да се разочара! Впрочем, разочарувањето е најверниот пријател кој го има младиот човек во Македонија - само тоа никогаш нема да го напушти! Културата? Разочаруварчка! Образованието? Разочарувачко! (Не)вработеноста? Не коментирам! Животниот стандард? Со срам го спомнувам! Нивото на емпатија? НАЈразочарувачко! А зошто е така? На чија капа стои молецот? Пресен е проблемов или со децении си го носиме со нас? Нов сигурно не е, оти докази имаме мал милион: луѓе кои заменките ги пишуваат споено со глаголите, негацијата исто така слеано; се дигаат на протест што добиле слободен ден во неделата, бунтуваат и кога нивите деца треба да добијат учебници; луѓе на кои аерозагадувањето не им пречи доволно, но затоа подигаат граѓански иницијативи и потпишуваат петиции против лица со посебни потреби. Но како велат Французите, plus ça change plus c'est la même chose, или по нашки, што ќе си посееш тоа ќе си ожнееш!
Тоа го има само во држава во која образованието е амал на политиката. Нам не ни се потребни 80% академски образовани граѓани, нам ни требаат ФУНКЦИОНАЛНО описменети луѓе со критичка мисла. Ни треба младина која гледа напред, а не ничкум поради срамот кој и се препишува. Не може да градат нација политичари со ‘суптилно драматични и премногу емпатични говори’ кои една единствена функција имаат да им донесат политички поени, а уште истиот миг кога говорот ќе заврши да продолжи идејата дека ‘даваме пари’ во образованието, место ‘вложуваме во иднината’. Нам ни треба помалку зборење и повеќе размислување! (Еј, да не претерав јас малце? Колумнава стана научна фантастика, ама доцна е за откажување!)
Да почнеме од почеток! Прво, магистратурите од по петстотини евра на ‘Пазар-3’ да не бидат шега со која ќе ја шминкаме реалноста. Политичките науки и педагошкиот факултет да не бидат последна опција на оние кои стремат кон високо образование, а немаат никаков афинитет, туку да ги вратиме на адекватните и компетентни лица со свој ум и став. Реформите во образованието да не останат сведени на пилот програми и експерименти на секои три до пет години. Да не се одзема акцентот од граѓанското образование, медиумската писменост и етиката како предмети, туку да се поттикне нивната целосна интеграција во воспитно-образовната дејност. Менталното здравје на учениците и едукацијата за управување со дигитални уреди и безбедно користење на интернетот да бидат неодделив дел од курикулумот уште во нижите одделенија (Не сфаќам како до сега не се интегрирани кога фетусот со таблет и смартфон се развива во утробата!?). Воншколските активности да станат фундаментален сегмент од средното образование, оти се алиенизиравме и од природата и самите од себе (А да не зборувам едни од други). И за крај, најлудата идеја: партиската книшка да остане политички субјект кој е непознат за просечниот човек, а не единствениот индикатор за вредност и последна шанса за парче леб!
…Изгледа предалеку отидов, но дефинитивно не се изгубив. (Предлабоко сум навлезен за сега да ги повлечам картите!). Ако сакаме резултати, заеднички треба да се избориме за суштински промени. Во дваесет и првиот век најлошо поминуваат оние тешко-адаптабилните, оти ако еднаш не успееш да фатиш темпо со времето, цел еден век ќе доцниш! Можеби нашиот воз одамна ни има избегано, но ќе фатиме нов. А ако тој не постои, ќе научиме самите да конструираме свој и на тој начин ќе стигнеме до крајната цел, оти друг избор немаме! Образованието и воспитанието се инхерентни и во никој случај не смееме да ги одделиме, оти ако една дема помрднеме сѐ ќе ни се сруши над глава… туку престани ајде, доста читаше, остави нѐ сега да продолжиме да фантазираме.
Толку.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments