top of page
Writer's pictureКултура β

Родовите норми во општеството: старите наспроти новите хероини на Дизни како пример за најмладите

Не знам дали некогаш сте се запрашале што е толку привлечно за децата (па дури и за возрасните) во безвременските приказни на Дизни. Сепак, мошне е тешко да се даде соодветен одговор. Моќта на оваа анимација врз дечињата уште од најмала возраст е предодредена од низа фактори. Можеби најпрво неверојатно впечатливиот начин на кој истите се изработени (соодветно на своето време), можеби тоа што ја враќаат вербата дека доброто секогаш го победува злото, инспиративната порака за јунаците кои се борат за некоја повисока цел или пак потајното поистоветување на секое малечко девојченце со главниот женски лик?

А, сега ајде малку повеќе околу ова. Кои се всушност овие хероини? Дали нивната женственост е статична или динамична со текот на годините? Која е тајната на годишната заработка од околу 4.3 милиони долари? Дали тие во едно имагинарно сценарио го следат развојот на жената во општеството? Најпосле, кој од кого се инспирира и кој за кого сведочи подобро?

Па, да почнеме од пионерките, обожавани од неколку генерации наназад, но не помалку познати и денеска. Најпрво, Снежана, година 1937. Нежна, кротка, грижлива, посветена, љубезна и чиста дури до доза на наивност, полна со љубов кон сите и сѐ околу неа, ненаметлива, но сепак централна во својата приказна. Таа совршено ја отсликува традиционалната женственост, уживајќи да се грижи за џуџињата и нормално за домашните обврски. Истите карактеристики на милост и понизност во поголема или помала мера ги забележуваме и во ликовите на Пепелашка (1950) и Заспаната убавица (1959), цела декада подоцна. Но, и покрај домашните обврски, кај Пепелашка станува видлива и нејзината желба за некаков поинаков живот, иако на крајот истиот го добива како резултат на магија и љубов од долгоочекуваниот принц. Меѓутоа, и покрај неодоливата шармантност на постарите приказни, денес ниту еден од овие три лика повеќе не е најидеалниот пример за современата хероина. Напротив истите се честопати осудувани од јавноста како пасивни и неамбициозни, неприземјени девојки кои живеат во фантазијата за оној кој ќе ги спаси и притоа во текот на приказната не даваат значаен напор да ја преземат сопствената судбина во свои раце. Но, ајде сега да се вратиме на годините на нивното создавање, логично нели?

Ако имаме барем некакво познавање од позицијата на жената за време на триесеттите, четириесеттите и педесеттите години, тогаш можеме очигледно да ја забележиме релевантноста на приказните за Снежана, Пепелашка и Аурора. Но, што е со нивната релевантност кога станува збор за модерната жена во 21 век? Дали тие и понатаму се достојни идоли за оваа и идните генерации? Или пак можеби нивната замена е неизбежна, а тие остануваат само како доказ за една подамнешна позиција на жената? Дали премногу остро ја критикуваме нивната природа од денешен аспект и зошто денеска не е толку кул да се поистоветуваш со некоја од овие три хероини?

Според мене, одговорите на овие прашања се дефинитивно повеќестрани. Природно е ликовите да соодветствуваат на периодот на своето создавање и повеќе од сигурно е дека некои нивни аспекти со текот на времето ќе изгубат дел од блискоста со наредните гледачи, баш заради тоа што општеството дефинитивно се менува, а заедно со него и положбата на жената, како и општествената замисла за тоа какво треба да биде нејзиното однесување, какви треба да се нејзините цели, амбиции и желби. Според ова, очигледно е дека од една страна, овие класици на Дизни секако имаат свои недостатоци во претставување на еден целосен современ женски идол, но тоа не значи дека во примерот за жената на 21 век нема место за вредностите коишто ги отелотворуваат. А, како се развива овој архетип и дали наредните остварувања на Дизни продолжуваат да го следат неговиот развој?

По скоро три децении, овие хероини ја добиваат својата генерација следбенички, помеѓу кои и Ариел, Бел и Џезмин. Преку нив веќе ги добиваме впечатоците за ренесансниот период во анимацијата, не само од технички туку и од тематски аспект. Главната женска улога покажува иницијатива за својата судбина, има јасна и цврста желба да го истражува светот и не помислува два пати пред да се спротивстави на авторитетите (било да се работи за родителите или пошироката заедница). Таа станува директен носител на своите дела и последиците од нив и уште поинтензивно го зазема централното место во приказната. Во приказните за Ариел и Џезмин овој мотив е посуптилен, додека во приказната за Бел, тој е во преден план. Лично, една од моите омилени уште од најрана возраст, Бел е девојка која никогаш не се плаши да излезе од рамката на чии било очекувања за нејзиниот живот. Таа е првата, за која романтичната врска е дури некаде во втор план, додека нејзиниот главен фокус се книгите и плановите за тоа како да побегне од малото место во кое живее. И ете туку така се случува, жена да чита и жена да не сака да се омажи, во време кога тоа е крајно контроверзно. Затоа таа била и останува една од иницијалните феминистички икони во анимацијата, поплочувајќи го патот за уште поборбени и похрабри женски хероини.

Во средина на деведесеттите години, се случува уште еден значаен пресврт во претставувањето на женските ликови. Тие преставуваат да бидат креирани во калапот на типични принцези. Нала во ,,Кралот лав’’ е првиот женски лик којшто го материјализира гласот на разумот и совеста, Покахонтас како со своето потекло, така и со истрајноста да ја одржи контролата врз својата судбина останува една од највпечатливите женски ликови. Трасирајќи го патот за Есмералда, првата која е свесна за својата провокативност и сексуалност, актуелизирајќи еден нов аспект од моќта на жената. Да биде свесна за себеси и својата слободна волја. И секако на крај, the one who brings honor to us all, Мулан. Можеби и најцелосно развиениот модерен феминистички лик, чија поента е во целост да ги сруши од темел сите родови стереотипи. И ете, жена може да се бори со меч и да служи на својата држава.

Понатаму, од почетокот на двеилјадитите години, па до ден денес, доколку го разгледаме редот на нивни следбенички: Мерида, Златокоса, Тиана, Ана или Елса, можеме да забележиме дека Дизни останува доследен на својата оригинална формула, само надополнувајќи ја и модернизирајќи ја со секое наредно дело. На тој начин го задржува својот автентичен шарм, кој го комбинира со нови и нови епитети за своите женски ликови, кои можат да бидат и нежни и моќни, и исплашени, но и храбри, притоа правејќи ги сѐ покомплексни и позаоблени. Со ова, доаѓаме до клучната поента и релевантноста на овие хероини за генерациите во 21 век.

21 век е век на слободата. Во овој век, жената по автоматизам, не чека помош, а не е ниту воин. Жената во 21 век може, а и не мора да ги става во преден план романтичните врски. Може да биде груба и дрска, може да биде нежна и грижлива, бидејќи на крајот на денот жената е сите овие нешта истовремено, а најмногу е секако, она што самата ќе избере да биде. Повеќестраноста на новите хероини дури и во детските содржини е најочигледниот показател за ова. Нашето време, се стреми да биде време кое ги трга на страна родовите стереотипи и остава простор за индивидуално експериментирање и повеќеслојно експандирање на себеси. И за модерната жена, од еден аспект или од друг, сите архетипи се на располагање и нормално уште илјадници нивни комбинации. Во ова е најголемата конфузност и најголемата убавина на модерната женственост прикажана преку нејзините анимирани примероци.


Comments


bottom of page