• Ана Илиева

Се' што не си признаваме за менталното здравје

Колумнава ја пишувам ноќе, како и секоја колумна. Овојпат не е во последен момент пред рокот на испраќање, но после долго време имам инспирација да напишам нешто од срце. Тие текстови ми се најдраги. Признавам, не се подготвував однапред, па претпоставувам дека ќе пишувам за себе и своето искуство со темата „ментално здравје“.


Пред многу години, еден стар пријател ми се обрати за помош, предупредувајќи ме дека проблемот е најстрашното нешто што постои. Ќе бидам искрена и ќе ви признаам дека одбив да го сослушам бидејќи во истиот момент не бев добро и не сакав да ми се влоши состојбата, но и се плашев од проблемот бидејќи не знаев колку страшен е „најстрашниот проблем на светот“. Обвинувајќи се себеси и својата „себичност“, сфаќам дека имало многу моменти кога имене не ме сослушале, кога и мене не се обиделе да ме разберат целосно, кога и мене ме занемариле или подзаборавиле. Сепак, во најголем дел од времето, едноставно не сум сакала да зборувам за своето ментално здравје.


Има три причини поради кои вообичаено не сакам да зборувам. Прво, поради тоа што се плашам дека ќе ги добијам советите и утехите што веќе ги знам и ќе се чувствувам како напразно да сум зборувала со часови. Второ, поради тоа што сум инаетлива и сакам блиските први да забележат дека ми треба разговор, прегратка или малку повеќе внимание. Како трета причина, би рекла „не знам“. Најчесто, не знам да објаснам што се случува со моите мисли и чувства и навистина немам поим како едноставните работи во животот изгледаат толку комплексни и тешки.


Издвоив премногу примери од секојдневниот живот кога сум се чувствувала како менталното здравје да не ми е баш најдобро, па ги споделувам најчестите. И по некоја „случајност“ сите примери започнуваат со „Кога...“.


Кога одиш во продавница, кога се јавуваш на телефон, понекогаш дури и кога зборуваш со најблиските членови од семејството. Кога почнуваш муабет со некој со кој знаеш дека нема да си кажете многу, кога влегуваш во автобус, кога по милионити пат го преслушуваш албумот на Olivia Rodrigo, кога местото каде влегуваш е преполно со луѓе и не знаеш како да им објасниш на другарките зошто ти е непријатно од гужвата...и кога понекогаш чувствуваш многу повеќе од што „треба“ или од што можеш да си/им објасниш. Кога цел ден го поминуваш скролајќи на социјални мрежи, но и кога цел ден работиш, само за да ги избегнеш проблемите со кои се соочуваш во својата глава.


Кога се грижиш што другите ќе кажат за тебе, кога треба да вклучиш камера од нигде-никаде, дури и кога професорот ќе ти го постави најуникатното прашање чиј одговор, по некоја случајност, го знаеш. Кога пробуваш да зборуваш и кога сите те слушаат, но никој не се обидува да ја сфати поентата од приказната, кога пишуваш колумна, па се мислиш колкумина ќе се пронајдат во неа и кога се молиш да нема негативни реакции...


Кога нема ништо ново/старо, кога одвај чекаш да излезеш и одеднаш снемуваш сила да се спремиш, кога се срамиш да се покажеш себеси во вистинското светло. Кога завршуваат пријателствата, кога без збор те напушта саканиот, кога си меѓу луѓе кои сакаат само ним да им е убаво и кога си човек што сака на сите да им биде пријатно. Кога реагираш бурно, не сакајќи влегуваш во несакана ситуација или кога несвесно повредуваш личност што ја сакаш. И кога несвесно те повредуваат личности, што знаеш дека те сакаат. Кога чувствуваш многу во свет кој се обидува да покаже дека не чувствува ништо. И тогаш си човек.


Пред скоро време, мојата најдобра другарка ми рече: „Мислам дека имам анкциозност“ и искрена ќе бидам, мислам дека и јас имам. Ако немам анкциозност, имам нешто друго што не сум сигурна како се нарекува во психологијата, па колумнава е само потсетник за мене и за сите вас кои ќе се пронајдат во зборовиве дека сме луѓе и човечки е да чувствуваме и размислуваме повеќе од другите или повеќе од нас самите во одредени периоди од животот.


Иако имав психологија на школо, учев стотина страници и супер ги раскажував сите лекции, сепак не знам што се случува во моментите кога поимот што не сакав да го наречам „анкциозност“ ме напаѓа мене и моето тело. Претпоставувам дека треба многу повеќе да се едуцирам, да читам книги или да разговарам со стручно лице, но сега за сега си велам: човек сум и нормално е.


Не сакам да е крај на колумнава и сакам да напишам уште многу зборови, но сепак ќе завршам со добри желби за секој кој секојдневно води борби со себе: пред сè, ти посакувам сила во борбата против твоите несигурности и стравови! Пријатели кои во периодите кога ти е најтешко, ќе знаат како да постапат со тебе или едноставно ќе ти дадат топла прегратка наместо незаинтересираност и збогување, луѓе што ќе ги почитуваат твоите зборови и ќе те сакаат и покрај многуте непромислени постапки. И утеха дека еден ден, навистина сè ќе биде во ред. Себеси си го посакувам истото.





330 views

Recent Posts

See All