top of page

Скопје – изгубениот град, град на кичот

Writer: Леонид ВелковскиЛеонид Велковски

Секогаш кога се движам низ Скопје, ама буквално секогаш кога морам да поминам низ Центар, секогаш се обидувам да го избегнам плоштадот. Меѓутоа, неминовно, морам некогаш, едноставно да поминам оттаму, или евентуално кога одам во чаршија, често поминувам оттаму. Она што прво ми доаѓа на ум е дека ќе морам да се соочам со белиот кич кој доминира од сите страни, тоа големо кичесто чудовиште, кое се гледа и од далеку, едноставно тоа е Дизниленд, но ако Дизниленд беше забавен парк на кичот.


И ете се доближувам до Министерството за надворешни работи и влегувам всушност во таа патека на кичот, тоа е кејот, кој води до Камениот мост. Тука веќе ми почнува револтот и ми надоаѓаат неубави чувства, едноставно не можам да го спојам белиот кич, никако со карактерот на Скопје. Не можам да го спојам белиот кич со душата, енергијата, ниту пак историската реалност и континуитет на народот и градот. Белиот кич е вештачки насаден чир, кој прво нема никаква естетска убавина, ниту пак длабочина. Архитектонскиот стил на градбите, мостовите, е ужасен и мислам дека нашето централно јадро на градот може да се прогласи за едно од најгрдите централни јадра во Европа. Не само што е грдо, туку и урбанистички нефункционално.


Врз плоштадот доминира ,,Воинот на коњ”, кој навистина нема да го коментирам, затоа што јавноста е доста поделена околу тој споменик, но јас секако би го тргнал со сè околу него и би ставил нешто што реално ќе го отслика духот на Скопје. Тој споменик не е единствен меѓу стотиците други, кои едноставно нема потреба да бидат во толкав огромен број. Постојат музеи во кои можат да бидат изложени споменици на тие личности или едноставно спомениците да бидат распоредени низ градот. Целиот тој хаос, никако нe кореспондира и нe се сврзува со Старата скопска чаршија, ниту пак со модернистичкиот архитектонски стил кој преовладува на само стотина метри после улица ,,Македонија”.


Да се навратиме на моите чувства. Поминувањето во тој дел од градот секогаш ми носи гадење и чудење, секој пат кога и да сум таму. Тоа не е Скопје и тоа не се скопјани. Најтрагично е што тие фасади имаат уништено архитектонски дела со голема вредност, кои биле врвни достигнувања за својот период на создавање и плус градејќи нови градби кои го загрозуваат животниот простор и самата смисла на поврзувањето на градот.


Проектот ,,Скопје 2014” (иако не е проект), го уништи срцето на Скопје, ја уништи смислата на градот, естетската поврзаност и самата скопска приказна. Најлошото е тоа што не само што ,,Скопје 2014” го уништи тој дел од градот, туку Скопје континуирано се уништува, така што се гради неплански, се гради евтино, се гради без естетска вредност. Не знам во кого е грешката, иако криминалот и корупцијата имаат вмешано прсти тука, но Скопје континуирано се уништува, а пример е сегашниот скандалозен проект ,,Гранд”, односно трите висококатници кои треба да се градат на местото на паркингот спроти хотелот ,,Холидеј Ин”.


Скопје има многу градби кои го симболизираат и мислам дека Кензо Танге и другите југословенски и светски архитекти , кои работеле на градот после земјотресот, оставиле навистина еминентни градби и пример за тоа како треба да изгледа еден урбанизиран град. Кензовиот град за мене е најубав. Бруталистичките градби во својот полн сјај, сивата и портокалово-црвена боја која доминира кај стамбените кули. Некои градби се и сами по себе споменици. На пример зградата на Поштата е споменик на брутализмот. Поранешната зграда на Владата е исто така пример за посебна градба која за жал повеќе ја нема. Комплексот на универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” е исто така белег на овој град. Има уште многу примери, но Скопје како Скопје веќе не постои.


Скопјани веќе не го чувствуваат градот, Скопје го има изгубено духот. Духот на заедништво, естетскиот, визуелниот изглед. Скопје од ден за ден сè повеќе губи отколку што добива. Сметам дека оваа ситуација на изгубено Скопје може да се поправи. Може да се поправи ако има општествена волја која ќе ги поттикнува идните архитекти и градоначалници на овој град , да се грижат за градот и да се обидат да го зачуваат и тоа што малку останало, а што можат секако и да го поправат. Секоја генерација има свои спомени за еден град, па така и нашата генерација. Но, јас велам дека колку и да е грдо Скопје, пак си го сакам. Родното место не можеш да не го сакаш и единствено нешто кое можеш да го бараш е да биде подобро од што е сега.

Comments


bottom of page