top of page
  • Writer's pictureКултура β

Скопје СИ ТИ: „Го преколнувам мојот град“ од Методија Тасевски

го преколнувам мојот град

по Балашевиќ


го преколнувам мојот град

да не ги руши мостовите

и куќите пред нив и тие зад нив;

да не ги бетонира парковите, тревите,

зелените огради, цвеќињата, листовите,

белите дробови, очите, носовите и бреговите.

зад толку бројни најсовремени фасади,

тој ѕида во вечноста празни, мувлосани згради.

го преколнувам мојот град

да не ги крши одамна излупените клупи

од старата југословенска федерација:

немам веќе од кај да го гледам Вардар кога тече,

ни место кај да седнам за Сонце да ме пече.

го преколнувам мојот град

да го врати своето чисто небо

како онаа ноќ кога некој ми ги покажуваше ѕвездите,

а го прифаќам и она небо

кога самиот излегов надвор,

како изгубен лудак

да ги барам тие мали очиња

за кои некој ми зборуваше од својата дома.

го преколнувам мојот град

да не го бутка дрвото под кое првпат љубев,

под кое првпат допрев внатре туѓо тело,

толку кревко, тивко, смело.

го преколнувам мојот град

да не ги откорнува моите, нашите детски спомени,

да не го смрзнува мојот, нашиот дом.

го преколнувам мојот град

да престане да нè убива сите.

 

Скопје СИ ТИ: „Го преколнувам мојот град“ од Методија Тасевски


Песната „Го преколнувам мојот град“ беше прочитано на поетскиот настан за млади во рамки на „Денови на поезијата“ во Скопје Сити Мол


Методија Тасевски беше еден од 12-те учесници на читањето, а се претстави вака: „Се викам Методија Тасевски. Нешто повеќе од 18 години живеам (во последно време сè почесто само пробувам да живеам) во градот кој сè повеќе умира – Скопје, каде сум и роден. Учам во средното училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“, во (двете) општествено-хуманистички насоки. На македонски, латински и српски јазик ги стихувам дождот и сонот, болното и убавото, првата муза, новото, старото и разочараноста од нив, пишувам белешки за и според луѓе, блиски ми се и го поддржувам множењето дела на ангажирани теми како во случајов.“



49 views

Comments


bottom of page