Стереотипот на Западот кон светот и неговата рефлексија (Претстава и последица)
- Леонид Велковски
- Jan 19, 2022
- 5 min read
Updated: Feb 12, 2022
Она што јас лично најмногу го избегнувам е да се мерам по национална основа и да докажувам зошто и како некој би бил подобар од мене или јас подобар од него, само затоа што имам одредено национално чувство или етникум на кој припаѓам. Сепак моите ставови околу националноста, национализмот и националните држави ќе ги изоставам бидејќи сепак националните држави постојат, а јас она во што верувам ќе го зачувам за себе.
Факт е дека луѓето постојано на секојдневно несвесно ниво кажуваат стереотипи за одредени народи, нации, дали за да докажат некој став, дали на шега или сепак има и некои кои навредливо се стремат да докажуваат која нација е подобра, а тоа веќе прераснува во шовинизам. Шовинизам е француски збор и потекнува од времето на Наполеон. Потеклото на овој збор е и вовед во она што сакам да го објаснам и да го потенцирам (поентирам). Можеби е стереотипно, (сепак постојано сме опкружени со стереотипи и ги користиме на најразлични начини) но, западните држави, западната цивилизација на некој начин го конструира национализмот и ги конструира националните држави, па така несомнено овој збор има потекло од францускиот јазик, што алудира на нешто конкретно. Алудира на тоа дека западната цивилизација, конкретно нациите кои живеат таму, сакаат себеси да се претставуваат како супериорни (да не заборавиме на нацистичката идеологија и ариевската раса), ,,по цивилизирани” и оние кои што треба да го водат светот. Ова е исто така стереотипно, но сепак и историски факт дека таа цивлизација е по развиена во науката и технологијата и тоа не се случило од денес за утре, туку со историски континуитет. Истата западна цивилизација веќе со векови го има сличниот став, па пример е и колонизацијата на Африка и Азија која траела долги векови, ставот и философијата на родител – дете, ,,јас знам што е добро за тебе”.
Скоро истиот став продолжува и во модерното доба, но во веќе други општествени околности. Конкретно Западот, го гледа Истокот потценувачки постојано, а потценувањето на Источна Европа, се случува уште од постоењето на Османлиската империја, па сè до времето на Студената војна, нели каде што имаме по изразена омраза на социјалисти и капиталисти, па распаѓањето на Источниот блок и СФР Југославија, каде конкретно во СФР Југославија имаме граѓански војни. Ставот за (кон) луѓето кои живеат на просторите на Балканскиот Полуостров сигурно би бил негативен и веројатно со зборот ,,племиња” во негативна конотација.
Оваа реторика не само што се провлекува низ вековите кај обичниот народ и официјалната политика (во времето на колонизаторите, па понатаму и во САД, кога има робови од Африка, па потоа сегрегација, изразен расизам), туку по секако и се рефлектира во уметноста (литературата, филмот). Така често порано, но и денес во мејнстрим ,,уметноста” и во холивудската продукција, може да видиме стереотипно претставување на ,,Ориентот”, на источната култура, но и на Источна Европа, Африка и Јужна Америка. Од што е често, дури и е навредливо, а навредливо е затоа што е стереотипно. Денес скоро и да не среќаваме некаков вид на уметност кој е расистички, иако тоа било случај, посебно во САД, но ете сретнуваме нешто кое ни ја покажува вистинската претстава на менталитетот на луѓето кои живеат во тој дел од светот, кои имаат скоро погрешни сфаќања за одредени кулутри и погрешна претстава, односно само површно претставување на луѓето и обичаите кои потекнуваат од тие источни, африкански и јужноамерикански култури.
Еве како пример можеме да ја земеме Источна Европа која често е претставувана како темно место, со сив тон, брутализам, пост – комунизам испреплетен со културата на некој од конкретните народи, на пример: ,,Мал социјалистички стан, на ѕидот има фотографија од Тито, на терасата висат пиперки, на телевизорот има миленце, тепихот е со ориентален дезен.” Конкретна сценографија ете можеби од некој филм. Не дека не постои такво нешто или дека тоа не е реалноста, но веќе станува стереотипно бидејќи често знае да се игра на таа карта, на такво претставување ете конкретно на македонската култура, дури и за претстава на денешниот живот, каде што некои такви естетски уредувања на пример на домашниот простор повеќе не се практикуваат. Естетиката можеби и не е толку важна, но важна е во случајот на визуелната претстава, која можеби и е помоќна од некоја реплика каде што ќе се употреби стереотип. Исто така моќна претстава оставаат ликовите кои имаат стереотипна костимографија и конкретно ликовите кои се градени на стереотипи и имаат стереотипно однесување.
Во создавањето на своето дело уметникот има слобода, но како таа ќе се искористи е пошироко прашање. Во смисла на изборот да се претстави некој лик така еднодимензионално или цели приказни да се заосноваат на некаква стеротипна идеја за некој народ или територија.
Така не само што западните уметници знаат стеротипно да претставуваат, туку и оние кои стреотипно се претставувани, повторно стереотипно го претставуваат своето општество и култура. Така, Славој Жижек (словенечки философ), ќе рече дека режисерот Милчо Манчевски со филмот ,,Пред дождот”, го претставил она кое што луѓето од Западот сакаат да го видат, односно, според Жижек, стереотипно го претставил општеството кое се преставува во филмот, за да се задоволи пошироката публика. Но, сепак да не заборавиме дека само неколку години по објавувањето на филмот, се случува конфликт меѓу Македонците и Албанците во Македонија, што значи дека до некаде, иако филмот е фикција, како некој вид на пророштво, се доближува блиску до реалноста и тоа во минатото, а не раскажувајќи приказна која веќе се случила.
Можеби и тука има нешто по длабоко, односно, поради глобализацијата и западната културна доминација на светот, источните уметници несвесно ги прифаќаат тие слики и наративи, па така и ја создаваат својата уметност. Меѓутоа, ако ја изоставиме таа претпоставка, може да кажаме дека веројатно не само ,,туку така” им доаѓа инспирацијата на источните уметници за на таков начин да го претставуваат општеството, туку црпат инспирација од тоа што го живеат и гледаат околу себе, па можеби и едноставно така и го перцепираат нивното општеството и така сакаат да го пресликаат. Бидејќи нели уметноста е рефлексија на ,,реалниот” живот.
Ќе остане отворено прашањето зошто и како источните уметници ги претставуваат своите култури стереотипно, но ќе остане пораката и критиката за ,,западните” да престанат со таквото претставување, а пораката така можеби ќе допре и до ,,источните”.
,,Источно – европскиот театар се крчка во експрес-лонецот на политичките нереди и во моментов поминува низ тектонско менување на сопствениот идентитет. Се теши дека вистинско уметничко дело може да се роди само во котелот на историската болка...
Источно-европските изведувачки уметници ќе треба да ја прекинат својата амнезија и да се сетат дека токму нивниот свет во еден грч на почетокот на веков ги роди Чехов, Маљевич, Стравински, Ејзенштајн, Нижински, Хармс, В’веденски и Булгаков. Истите оние имиња, коишто секогаш флексибилниот Запад си ги присвои како свои. Така се случи Истокот, од каде што излегоа овие имиња, да стане познат како Див Исток...
Источните изведбени уметници пред себе имаат една старомодна и осамена задача – да си ги најдат своите гласови, да се сетат на своите имиња, повторно да се стекнат со самодоверба, да го повратат својот простор и да го препознаат сопствениот континуитет. Треба да ги заработат своите приказни и да се изборат за нив. Без разлика колку и тие приказни да се вредни или безвредни. Секси или не-секси.” (Извадок од ,,Приказни од Дивиот исток” од Горан Стефановски)
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, поеми, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments